Љубов која крепи

Добивај вести на Viber

Изразот “да одмориш во љубовта” го имам слушнато кога бев дете и ај што тогаш не го разбрав, туку и многу години отпосле ич ништо не ми беше јасно. Нормални ми беа попатно кажаните “одмори од работа низ куќа”, “одмори од гужва”, “одмори од нервози”, ама да одмориш ВО (не од) љубов, ме остави со прашалници. Не ми текнува каде и од кого го чув изразот (иако сум убедена дека било со некое мое стуткување во ќош со ушите начулени дур повозрасните мудрувале), не ми текнува ниту по кој повод беше кажано, но знам дека прво мислев оти е нешто згрешено во реченицата, додека не изедов многу фурни леб за да сфатам. 

И ако мислите дека таа реченица ме следеше низ животот, па се обидував да ја протолкувам и да и’ го откријам значењето....се лажете. Ниту ја мислев, ниту се присеќав, ниту пак придавав значење на тоа дека сум ја слушнала. Минаа години а јас пораснав, муабетите од повозрасните не ми беа веќе интересни. Но, одвреме навреме ќе се случеше некоја ситуација (во која дури и визуелно) ќе се појавеше некој флеш кој ќе ме вратеше назад и ќе ме потсетеше дека имам слушано разговор токму за таа ситуација во која сум се нашла. Времето си врвеше, ми се случи првата љубов (која никојпат не се заборава оти скоро по непишано правило, таа ве челичи за да сфатите дека мора да научите да ги надминувате разочарувањата) која ја паметам до денешен ден иако човекот одамна не е жив, но за мене секогаш ќе остане онаков каков што беше додека бевме заедно. Потоа ми се случуваа некакви си полу-љубови (тоа се оние во кои повеќе ја сакате идејата за љубовта, отколку што навистина љубите), преку кои научив дека самотијата ми е непријател само ако се убедам дека е тоа така, а не обратно. Па ми се случи љубов од која имам прекрасно дете (која потаму се разви во преубаво пријателство, без горчина и без конфликти) и од која ја имам најголемата придобивка и среќа во животот, да бидам мајка.

Но, ми се случи и љубов од која конечно сфатив на што мислеле повозрасните кога велеле ДА ОДМОРИШ ВО ЉУБОВТА. И не дека ми стана јасно оти одморив и оти пеперутки летаа на сите страни додека над нас се слушаше музика која само ги потенцираше боите на виножитото, туку сосем обратно. Не, да не се лажеме. Немаше пеперутки туку диносауруси, ако веќе правиме паралела како тоа проработе хемијата на прв поглед. Мене никогаш дотогаш ми се немаше случено да имам таква физичка и магнетска привлечност со некој маж. Не зборувам за секс, зборувам за она ко ќе речат “како грнче и капаче”. Тој почни мислата, јас заврши ја. Јас почни реченица, тој знае што сакам да кажам без многу везење. Пеперутките ми изгледаа толку смешни и преценети, оти јас имав вулкан во утробата. На страна тоа дека ич не ми текна оти вулканот “си повлеквит” и лава, а лавата уништува се’ пред себе.

Има љубови кои не се здрави за психата, но се многу примамливи. Не зборувам за она што прво ви паѓа на ум, а тоа дека или двајцата се во брак или дека само едниот од нив е слободен...не. Зборувам за тоа дека има љубови кои вас ве јадат, наместо вие да се гоштевате со нив. Има љубови кои не знам зошто и како, но се толку многу искушувачки, што намерно го игнорирате она гласче во вас кое упорно шепоти “ова не е добро за тебе”. И толку многу и толку силно сакате да е тоа ВАШАТА љубов за сиот живот, што дури и интуицијата си ја сведувате на минимум, ставате превез врз очи за да не ги гледате знаците, ставате восок во ушите за да не ги слушате предупредувањата и шибате со 200 на саат, иако врска немате како ќе кочите ко ќе треба. А еден ден, ќе мора да закочите ако не сакате да настрадате.

Првото нешто што се учи после таква љубов е дека не смеете да го игнорирате чувството на тескоба затоа што сакате да имате љубов по секоја цена. “Секоја цена” обично значи премногу висока цена.

Второто нешто што се учи е дека капацитетот за поднесување стресови и шокови се намалува со годините. Знам дека ова е страшно неромантично, ама е вистинито. Чувајте си го здравјето, оти ако треба да бирате меѓу љубов и здравје, мора да бидете свесни оти не е љубов во прашање. Вистинската љубов не подразбира трампа со здравјето, туку треба да ви го подобри квалитетот на живеачката.

Трето, да си го барате тоа што го заслужувате и сакате. Многу се нервирам од она “во љубовта не се бара”. Ма немојте! Како тоа не се бара кога се бара!? Како тоа дека самата љубов не бара, кога бара!? Бара работа, почит, бара разбирање и тоа не го прави самата (оти не е човек, туку е производ). Барајте секогаш тој/таа до вас да си го испоти задникот за да имате здрава, продуктивна и убава љубов. Идеализирање на љубовта и човекот до вас е дозволено до една разумна граница после која се’ станува неразумно а и нездраво.

Четврто, кажувајте што сакате, но и што не сакате. Аман, никој никому не чита мисли и никој не знае што му е во душата на другиот. Она што е за вас најубав настан, некому е траума од детството. Знаев за еден пар дека таа обожуваше роденденски забави со сите тертипи (со тијари на глава, со светки и свирчиња), додека за него родендените беа траума оти го потсетуваа на смрт на еден од родителите. Значи, сите си носиме демони во себе и колку повеќе ги демистифицираме пред партнерот, толку помалку штета ќе прават.

Петто, ова ви го кажав и во една друга колумна пред некое време и затоа ќе е многу кратко (колку да ве потсетам). Љубете го партнерот, ама себеси секогаш повеќе, барем за еден здив.

Да се одмори човек во љубовта не значи да се залежи, да заборави на партнерот и на љубовта, да стане индиферентен или да зема здраво за готово дека има човек до себе. Ако веќе имате љубов во која душата ви одмара, не ја потценувајте туку борете се да ја задржите. Верувајте ми, се’ помалку има такви љубови, се’ помалку има луѓе кои се спремни со сите сили да се борат за неа. Сите некако се научија на истант работи, па и на инстант љубов.

Да одморите во љубовта ич не подразбира да се дозволи таа да ви стане навика, наместо задоволство и предизвик. Камо среќа сега да ме тресне по глава некоја таква љубов, ќе знам точно каде сум грешела и како да не ги повторам истите грешки. И кога го велам ова, мислам не само на грешките во љубовта туку и кон себе. Оти, ако не се сакате себе и ако не се тинтрате прописно, нема да знаете како да го љубите партнерот, како да му покажете на кој начин ви е убаво да сте љубени и како да ја зачувате љубовта меѓу вас.

За жал, јас го научив тоа на потешкиот начин. Знам дека нема упатство или прирачник кој ќе ви каже (како што е тоа во програмирањето) АКО-ТОГАШ, знам дека нема гаранција и знам дека не е едноставно. Ама па, зарем би имало предизвик и убост да беше се’ толку лесно и едноставно?

Најдете љубов во која ќе одморите, уживајте во неа ако ја имате и не губете надеж ако допрва ја барате. За секој од нас има сродна душа, треба само малку верба, прстофат надеж и магија...која ја наоѓаат оние кои веруваат во неа.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да те љуби

Да го љубиш

Да се љубите ко деца

Оти тие не знаат за кантар

Ниту за кусур знаат

За нив мерката е ДО НЕБО

До она кое крај нема

И кое ниту за почеток знае

Да те љуби

Да го љубиш

Сенките да ви се испреплетени

И една со друга да се потпираат

Та да не се знае неговата каде почнува

Ниту твојата каде завршува

И ко едно да ви дишат душите

Да те љуби жено

И да го љубиш тој маж

Без да сака да те стори некоја друга

Без да сакаш во калап да го ставиш

Зборот еден на друг што ќе си го дарите

Тежина во срцата да имаат

И полни медовина да се

Без осуди и пелин во себе

Да те љуби

Не оти без тебе не ќе можи

И да го љубиш

Не оти само тој на светов да е

Туку оти ти бршленот околу него ќе бидиш

А тој столбот околу кој ќе се свиеш

Та заедно едно да сте

А секој сам за себе и свој да биди

Да те љуби

Да те љуби онака за да цутиш

За очите да ти светат

И усните румени да ти бидат

И да го љубиш

Да го љубиш за плеќите да ги испрај

И уште поголем маж да стани

И во силата која ја има

Потпора да му дадеш

Да се љубите

Да се љубите на начин

Во кој секој од вас среќен ќе е

И секој ќе сака што поскоро дома да си дојди

Та постелата да ви шепоти стихови

И денот пој од птици да ви носи

А ноќта полна воздишки да ви биди

Оти само така љубовта расти

И само така корени пушта

Кога те љуби

И кога го љубиш

Онака како што сечие срце љубов бара

И во љубовта чоек да може да одмори

За себе поарен да е

И за другиот арен да биди

Да те љуби

Да го љубиш

Да се љубите

За да се чувате и сочувате

Во овој поган свет

Во кој се’ помалку љубовта ја има

Од камен срце не бива

Та и мајсторски да го обликуваш

И да го издлабиш

За форма да му дадеш

Колку сакаш токми го

Мазни го со шмиргла

Пак ќе тежи оти камен е

И студено ќе е

Иако в гради го пикаш

И го стискаш за да почне да чука

Пусто не бива

Не бива од камен срце да сториш

А уште помалку со него да љубиш

Или да дозволиш љубен да бидеш

Оти велат на камен секогаш се сопнуваш

И да не дај горнион

Чоек да заљубиш

Кој наместо срце

Камен во себе носи

Оти не допираш до него

Ниту можеш ритам да му дадеш

Попусто песни ќе пишуваш

И букви во ветер ќе фрлаш

Дур зборовите значење не изгубат

Па да замолчиш

Оти друго не ти останува

И во молкот утеха да најдеш

Барем за миг

Барем за ноќта да ја минеш

Не бива

Ич не бива душо моја

Од каменот кој во себе го носиш

Срце некојпат да се разбуди

Иако го тркалаш наваму-натаму

И му шепотиш да се разбуди

Попусто и моето што ко жешка топка е

И што до твоето се лепи

Без ронка срам или страв во него да има

Иако знае оти исто ќе е

И не ме плаши мене

Што знам оти пишано не ни е

Ниту ме плаши оти моево срце

Гладно по тебе ќе остане

Оти некогаш така треба да биде

Само ме плаши на сета болка

Моево да не се поболи

И од пуста жал

Тоа во камен да се престори

Кој удолу ќе стежни

Со сета сила и тага

Која камен-срцето ја носи

Без да чука

Без повторно да зачука