,

Љубовната приказна на Џокси и Виолета: Беше страшно да си во исчекување на вести од фронтот

Добивај вести на Viber

Отпеа многу песни, на публиката и дари безброј хитови, но на „Велигден сум се заљубил“  ја обележа кариерата на Џина Папас Џокси. Сепак, во неговата сопруга Виолета Крстевска Васиќ, родена во Дарувар, Хрватска, не се вљубил на овој голем христијански празник. Се запознале на едно наградно извлекување на плоштад, во мај 1991година. Додека настапувал забележал во публиката една убава црна девојка која дошла на гости во Македонија. Го впивала со својот поглед, што било доволно предизвикувачки да ѝ пријде.

ЖМ: За љубовта, пишувале во нејзино име создавале или војувале, обидувајќи се да ја разберат, објаснат или научат. Вие во нејзино име пеете и таа е мотив во поголем број од вашите песни. По толку искуство и изоден пат, од оваа дистанца како би одговориле на прашањето што е љубов?

Џокси: Тоа е она прашање на кое многумина дале одговор и сé уште даваат. Јас ќе се обидам на малку поинаков начин да дефинирам што е љубов.

Ако замислам дека сакам некоја поради нејзина убавина, тогаш тоа не е љубов. Тогаш тоа е желба. Ако пак ја сакам поради нејзината интелигенција, и тоа не ми личи на љубов, туку на восхит. Ако ја сакам поради тоа што има пари и е богата, е тогаш тоа е љубов од корист, а ако ја сакате, а немате поим зошто, мислам дека тоа е она што се нарекува љубов.


ЖМ: На „Велигден сум се заљубил“ е песната која ја обележа вашата кариера. Но, тоа не е случај со вас. Кога и каде се запознавте со вашата сопруга?

Џокси: Со Вики се запознавме на едно наградно извлекување во организација на тогашниот весник Вечер, и тоа на плоштад, мај месец '91. Додека настапував забележав во публика една убава црна девојка која ме впива со својот поглед, што беше доволно предизвикувачки да ѝ пријдам. И тоа беше тоа. Летото го поминавме во Охрид, впрочем, само таа имаше кола и не одвезе на снимање спотови за МРТВ заедно со Тања Кочовска и Дарио.

Врската се продлабочи, а кога се вративме во Скопје продолживме и понатаму да се запознаваме сé додека не си кажавме судбоносно ДА.
ЖМ: Првата средба ја пали и првата љубовна искра, каков беше случајот со вас?

Џокси: Кога завршив со настапот ѝ пријдов, по краток разговор ја замолив да ми ја причува гитарата, ме викнаа да ми кажат каде ќе се собираме на журка. Но, кога се вратив само разменивме телефони. Јас ѝ се јавив дури по еден месец. Веројатно се прашувате зошто сум чекал толку долго време, па едноставно: Немав поим зошто?! Другариве навикнати да ме гледаат секој ден да сум излезен се прашуваа кај сум, зошто ме нема, додека една вечер не се појавив со Вики во кафулето на Гаља и Леткум во Стара чаршија. По извесно време Гаља ми шепна на уво: Ако девојчево го откачиш ќе ти се налутам. Јас ќе ти бидам старосватица. А сега да дообјаснам зошто. При распадот на Југославија и војната во Хрватска Вики беше затечена во Скопје. Прекинат авио сообраќај, железницата крената во воздух, патиштата изорани, границите затворени Беше страшно да си во исчекување на вести “од фронтот“. Секој ѕвон на телефонот предизвикуваше стресна состојба од “да не им се случило нешто лошо“. Тогаш решивме да не правиме свадба, туку да ги викнеме најблиските роднини и пријатели, сé на сé 51. Нејзините не можеа да дојдат, ниту пак другарките, и оттаму добредојде предлогот на Гаља за старосватица што заеднички го прифативме..


.ЖМ: Со што ве освои Виолета?

Џокси: Во суштина многу сум срамежлив. Што хрброст сум имал да ѝ пријдам само Господ знае. Кога веќе застанав пред неа и кога ме погледна видов многу убави глинени очи и чув нежен глас од кој прозвучи смиреност. Немаше „препич“. Ми изгледаше повеќе дека јас се џилитам, но нејзината одмереност, секој збор на свое место, ме закопа во место. Таа и денсе таква. Само кој знае да ја прочита. Јас успеав. Мека како памук, тешка како туч. Па на кој повеќе му одговара.

ЖМ: Виолета како го доживеавте Џокси на првата средба, направивте ли некој невидлив штит поради неговата популарност?

Виолета: Не ни знаев дека е популарен, дури од роднините дознав кој е всушност тој. Но, тоа се случи откако дознаа дека се забавувам со него. Дента на плоштад многу внимателно го слушав, ја пееше „Сојла“. Од сите други песни ми остави највеќе впечаток, пред сé, затоа што сум поборник на она што не личи на нешто веќе познато, а таа ги допре моите емоции. Дома пребарував да чујам што твори, и дури тогаш станав свесна за личноста која се разликува од просекот. И сега се постави прашање: Како да се носам со таа нова ситуација?

ЖМ: Што беше пресудно за вашата одлука животот да го поминете заедно

Виолета: Не станува збор за носење одлука. Едноставно, се одвиваше живот. Неговите секојдневни работни обврски го креираа неговиот живот во кој и самата се вклопив. Полека незабележително станавме семејство. Во него секојдневно вложувавме удел во создавањето на квалитетен брачен живот.


ЖМ: Љубов, доверба и трпение се потребни кога ваш животен сопатник е личност од естрадата. Виолета како се носевте со неговите чести отсуства од дома поради настапи, популарноста, неминовната дружба со припаднички од понежниот пол

Виолета: Љубовта никогаш не не напушти, имаше само различни форми. Довербата си ја обезбедивме со потврди кои значеа само гаранции за неа, па оттука и доаѓа поддршката во дејствувањето која значеше преземање одговорност за двајцата во активности битни за семејството при секое отсуство од дома. Враќањата се исчекувани со полно срце, смиреност и радост.

ЖМ: Џокси, велат дека бракот е сигурно пристаниште каде мажите се кријат од олујата што сами ја предизвикуваат. На кој начин ве поддржуваше сопругата, како успеваше да ве дигне во миговите на разочарување?

Џокси: Па не само мажите и жените се кријат од олуји што самите си ги предизвикуваат. За сето ова време додека сме заедно, поминавме низ многу тешки периоди кои можеле да не поколебаат, но, и без разлика на тежината, успеавме да ги надминеме проблемите, а разочарувањата доааѓа од луѓето кои не опкружуваа. Тоа е долга приказна преплетена со лузни од коприви која останува во кругот на фамилијата.

ЖМ: Вашата единствена ќерка Евгенија е музички талентирана, но сепак одбра друга професија и замина да живее и работи во Јапонија? Како ја доживеавте таа разделба?

Џокси: Сé она што е поврзано Евгенија ќе бидеме ограничени во изјавите. Ќе напомнеме само она што до сега е објавено. Да, музички е писмена од своја 10та година, пред сé како член на мандолинскиот оркестар при ОУ Ј.Х. Песталоци под раководство на наставничката по музичко Трендафилка Тутновска, потоа како дел од Мандолинскиот оркестар Скопје под раководство на Рамадан Шукри и во МУ Ентерпрајз на Валентино Скендеровски под менторство на Андријана Јаневска. Има свои дела кои ги свири на тако ѝ на мобилка. Инаку, дипломира на Економскиот факултет отсек Менаџмент при Универзитетот Кирил и Методиј, сипендист е на Јапонската Влада, магистрира на Универзитетот во Кјото под менторство на проф. Кијоши Кобајаши. И толку.

Како и на секој родител, кој се разделува од своето дете, не му е баш сé едно. Првите месеци беа стресни. Прилагодување на храна, вода, новиот начин на живот, јазична бариера Со тек на време ги надминавме сите тие мали болести кои денеска се секојдневие. И кога ќе видите радост и среќа на лицето на тоа дете, за кое цел живот се борите да го изведете на вистинскиот пат, и вие така се чувствувате. Паметам јас кога живеев и работев во Сплит, па ќе речеш во една држава сме, секој ден се јавував дома, додека сега во секој дел од денот можеме да се видиме и да размениме мислење.


ЖМ: Како ви минува секојдневието. Може ли да се каже дека живеете како момче и девојка, Само вие двајца, со обврски но и  со доволно време да се посветите себеси?
Џокси: Финишираме со животот и не сакаме да оставиме незавршени работи зад нас. Има многу запоставени нешта за кои не сме ни биле свесни дека постојата и треба да се решат, односно, реализираат, па така и се однесуваме. Деновите се детално испланирани, викендите исто така, малку време за пријателите колку да не се заборавиме, и тоа


ЖМ: Животот е свирач малку пијан, умее да згреши нота.. стихови од ваша песна. Која е вашата најголема грешка, а која е најголемата победа?

Џокси: Мојата најголема грешка е вербата во луѓето на кои им дозволив премногу да ми се доближат, а од кои ги добив најжешките шлаканици.

Евгенија со другарка ѝ Тања од летово

Мојата најголема победа е Евгенија.

Соња Алексоска Неделковска