ЉУБОВНО БРАЧНО МЕСО КОЕ КРВАРИ

Добивај вести на Viber

„Се прашувам дали некогаш вистински сум сакала“? – ми вели Ана. Пријателка ми е последниве десетина година, не премногу блиска, но доволно за да ми го отвори срцето во очај. „Можеби сум нарцис кој сака само да биде во центарот на вниманието. Можеби ниту еден маж не го сакав вистински. Сакав само да се чувствувам видена низ очите на Другиот. И кога магијата од нивните погледи полека исчезнуваше, кога врската влегуваше во својата зрела фаза, почнував да го губам интересот. Сите до еден ги оставив. Овој пат му дојде редот и на мојот сопруг“, во плач што не се смирува ги изговара овие интимни зборови. Не е лесно да ја слушнеш веста дека твојата пријателка планира да го напушти сопругот со кој имаат и дете. Не е едноставно да даваш брачни совети кога не си во чевлите на другиот. Пред неколку години од прва ќе ѝ речев дека греши, дека зборува непромислени работи и дека ова е само фаза која ќе ѝ мине. Веројатно и ќе ја прекорев за нејзината егоистична призма на гледање на работите, и тоа најсурово, без да ја прашам како вистински се чувствува и што е она што силно ја гуши и притиска. Сега, сепак, решив да ѝ поставам неколку прашања. Се обидов да ги размрдам нејзините бариери кон бракот како институција за која можеби несвесно сакаше да докаже дека не умее да го положи тестот на времето кога се љубовта и страста во прашање. Можеби беше само уплашена...


Комплексни се меѓучовечките односи. Особено оние меѓу мажите и жените. Кога на тоа ќе се додадат патерните што си ги влечеме од детството, нашите научени рекации кон луѓето, нашите очекувања и сомнежи... релацијата со партнерот станува минско поле на кое можеш сериозно да настрадаш. Затоа, се обидов искрено и долго да разговарам со мојата пријателка и да откријам што е она што всушност ја плаши. Како мајка на едно прекрасно мало човече, претпоставив дека не би можел да биде стравот од деца и сето она што бракот со деца го носи меѓу партнерите. За жал, и јас не погледнав подлабоко од она што таа го сервираше на тацна. Не успеав да ја предомислам во намерата да си замине од дома, иако неколку пати излегувавме и детално разговаравме за нејзината емотивна состојба. Тогаш си помислив дека сигурно има подлабока причина за развод...


Нејзината ситуација ме натера да размислувам за разводот како решение. Како избор. Како излез. Или како безизлезност.... Се замислив што ако еден ден и мене ми се случи тоа? Прв пат помислив како би ми изгледал животот како самохрана мајка. И тогаш, кога почна да ми се одмотува клопчето в глава, ми наиде серијата “Maid“ на Нетфликс за да ми влепи шлаканица за суровата реланост на самохраните мајки и емоционалното насилството. Оваа форма на психолошко насилство е всушност исклучително тешка за борба. “Maid“ ја изгледав речиси во еден здив и ме остави без здив! Серијата е фантастична и расветлува повеќе слоеви, а како најважен – оној за траумата! Грутката во грлото ме потсети на сите вистински жртви на семејно насилство, односно на родово  базирано насилство, кои пред осум години ги интервјуирав за мојата тогашна ТВ емисја „Пулс“. Нивните потресни приказни ден-денес ми се појавуват пред очи. Жените жрви на насилство не се оние на Нетфликс, туку се насекаде околу нас. Меѓу нив има не само сиромашни, беспомошни, маргинализирани, туку и успешни, економски независни... наши пријателки. Сепак, она што е важно е што оваа серија го впери прстот и кон класните разлики и скапаниот систем!


Неколку дена откако ја изгледав мега-популарната “Maid“, за која сите зборуваат на социјалните мрежи, празнејќи го својот револт од насилниците и системот „во празно“, налетав на “Scenes of Marriage“, уште еден извонреден филмски материјал. Пет часа за љубовта, страста, омразата, неверството, разделбата, разводот, моногамијата... поделен во пет епизоди работени по истоимениот телевизиски серијал од 1973 година на култниот шведски режисер Ингмар Бергман. Иако серијата се базира на современите искуства на партнерството и бракот, лоцирана во Америка, се потсетив дека меѓупартнерските љубовни релации се (не)променети од временската машина, и секаде, на секој меридијан, цртаат иста емотивна географија.


Интензивните дијалози на парот, напнатоста меѓу нивните зборови, бакнежи и гестикулации, тензијата во мрачната соба, ме потсетија на некои мои лични искуства од минатото. Бескрајните обвинувања, сомнежи, емоционални полнежи и празнења, целиот сексуален набој од една страна и еротската испразнетост од друга страна, или би рекла сета конфузија на брачната љубов и зависност е честа и во реалниот живот. Верувам дека голем број парови можат да се пронајдат во некои од состојбите низ коишто оваа двојка минува на филмското платно. Некои во загубената страст, некои во предавството и изневерената доверба, некои во стравот од моногамија, но сите во комплексната емотивна состојба на припаѓање и истовремено неприпаѓање. Тогаш Бергман, сега Хагаи Леви, прецизно ги зариле ноктите во љубовното брачно месо кое крвари, се распаѓа и се обновува.


Конечно, дали бракот е имун на вистината што може да е сурова? Дали љубовта е отпорна на егоистичните одлуки на страста? Дали двајца може да се сакаат и тогаш кога престанале да се привлекуваат? Дали сексуалната хемија или интелектуалната хемија е пресудна за добар брак? Дали неверството е индикатор за промена? Дали се изневеруваме себе си или другиот? Дали се плашиме од конечност? Дали луѓето продолжуваат да се сакаат и откако ќе се разделат?

Се разбира, ова не се прашања на кои има прецизен одговор, ова се само патокази за размислување на спектарот на прифаќање, останување и разделување. Од едната страна на паричката се трауматските животните ситуации како оние во “Maid“, каде емоционалното насилство ја прелева тенката граница со физичкото, каде разводот е неизбежен како излез и бегство кон слобода, како спас и егзистенција, додека од другата страна е изборот за развод заради потребата да се реобновиме или пронајдеме себе си надвор од границите на нормативното, институционалното и конечното. И без намера да судам, ќе заклучам дека во првиот случај, разводот е обид да се спаси сопствениот живот и сопственото дете од експлицитното насилство, додека во вториот од пасивната агресија и мизерија на двајцата незадоволни родители/партнери. Во третиот случај, оној на мојата пријателка – разводот бил аздис, немање капацитет за компромис и адаптација. Ова се нејзини зборови откако сфатила дека ѝ недостига домот и семејната атмосфера. Откако се преиспитала себе си што ја прави среќна и конечно сфатила дека проблемот не е во нејзиниот партнер, туку во нејзиното константно незадоволство од сè и за сè во животот. За среќа, некои лекции доаѓаат навреме, а тука се и психолозите како чувари на менталното здравје кои умеат да видат подалеку од нас обичните душегрижници. 

Некои разводи се парче хартија. Документ. Формалност. Ослободување. Некои се страдање и агонија. Жртва. Траума. Сите се нов почеток...   

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој