Љубовта е минлива, зар не?
Разговараме пред некој ден со еден мој пријател на тема љубов.
Тој со поголемо животно искуство од мене, успешен изграден човек, реализиран со
брак и деца ми вели дека љубов не постои бидејќи најпрво љубовта е минлива
работа.
На тоа јас не се согласувам и посочувам примери на баба ми и дедо ми, мајка ми и татко ми и му велам дека љубовта во некои врски и случаи трае.
Истиот ден среќавам еден поранешен колега, кој е во петгодишна врска и го прашувам како одат работите, а тој ладно ми одговара “па знаеш, повеќе сме како навикнати отколку што има љубов, не е како порано.”
Двете случки ме натераа да се замислам, дали навистина љубовта е минлива?
Го читав интервјуто на Тејлор Сфивт за магазинот „Ел“ по повод нејзиниот 30-ти роденден, каде набројува неколку животни лекции меѓу кои и една која вели вака: да пробаш и да не успееш, да пробаш и да не успееш повторно е нормално.
Сите ние во животот сме имале поранешни врски, луѓе кои сме ги сакале, со кои сме делеле моменти, со кои имаме дел од животот и точно е дека можеби денес за најголемиот број од тие поранешни врски и личности не чуствуваме исто како во перидот кога сме биле заедно, но тоа не не' спречува да веруваме во љубов. Љубов за еден живот и како викаат додека смртта не не' раздели.
“Љубовта е пасија, опсесија, некој без кој неможеш да живееш. Ако не започнеш со тоа, со што ќе завршиш? Заљуби се до бесвест. Најди некој кој ќе го сакаш како луд и што ќе ти возврати на ист начин. А како ќе го најдеш? Не размислувај со глава и слушај го срцето. Превземи ризик и ако се повредиш, повторно ќе станеш. Затоашто, вистината е дека нема смисла да го живееш животот без ова. Да го поминеш целиот живот, и да не се заљубиш длабоко ?! Па, тоа е како да не си живеел воопшто. Мора да пробаш. Затоашто ако не пробаш, исто е како да не живееш. Биди отворен. Кој знае од која страна може да те погоди.” *
Љубовта не е минлива, минливо е времето што го живееме и она што
го правиме за неа. Колку ќе вложиме почит, доверба, страст, поддршка, толку и ќе
живее.
Љубовта е несовршена, а такви сме и ние. Единственото нешто што го даваме безусловно и што доколку не е возвратено може да не прати во агонија со денови, месеци, години.
Љубовта е она што не движи и не тера да простуваме, да бидеме подобри од тоа што сме, да почитуваме, да градиме и да чуваме.
Љубовта е се' што ни треба.
* цитатот е извадок од филмот Запознај го Џо Блек
* Аријана Коскарова е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019