Љубовта која ја даваш, ќе ја добиеш назад: Искрено интервју со продуцентот Лазар Цветкоски

„Километри“, „Јако јако“, „Надеж“, песните на Лозано кои ги обожаваат цели семејства и ги пеат полни сали се токму негово дело. Иста е приказната и со „Што сака нека биде“ од ДНК, и сите нивни хитови кои ги полнат клубовите и салите. И тие музички, аранжмански и продуцентски ги создава Лазар Цветкоски, а приказната ја збогатуваат текстовите на неговата сестра Магдалена- Ена. Не случајно, Тамара Тодевска го избра токму Лазар да биде дел од тимот кој ќе ја создаде евровизиската песна „Proud“. Тинејџерската ѕвезда Антониа Гиговска реши кариерата да ја гради со песни излезени од неговото студио. Лазе е еден од нашите најуспешни композитори. Талентиран е за цртање, свири неколку инструменти, Жељко Јоскимовиќ испеа негова песна, работи музика за пејачи од Лондон, филмска музика. Сепак, тој е многу едноставен и скромен и тоа е она што фасцинира кај него. Вели дека сака едноставни работи, и се труди на едноставен начин да ја пренесе емоцијата кај луѓето преку музиката. Лазе ни беше одличен домаќин, топло нѐ пречека токму на местото каде што се раѓаат сите хитови, во неговото студио во Тетово.

* Беше дел од авторскиот тим на Тамара на „Евросонг“ во Тел Авив. Успехот на песната „Proud“ сите нѐ направи горди, дали седмото место ги оправда твоите очекувања?

- Немам никогаш очекувања за ништо што работам, бидејќи тие очекувања ме враќаат назад. Ме отповаруваат дека треба да се случи ова или она, и затоа воопшто ги немам. Кога веќе ја имавме песната во рака, кога се споивме сите, со Дарко Димитров, со Роберт Билбилов, со Коста Петров, кога се споија нашите енергии, некако песната си излезе природно, без многу форсирање. Немаше нервози околу создавањето, каква треба да биде и слично, туку едноставно, сите знаевме дека Тамара треба да испее една таква, широка песна со порака што треба прво самата ја чувствува. Да раскаже приказна, затоа и за текстот, првичната намера е дека е посветена на Хана. Тамара сакаше на својата ќерка да ѝ ја пренесе пораката. И затоа мислам дека кога секој човек прво од себеси почнува, тогаш и луѓето можат да почуствуваат дека тој е вистински и дека не лаже кога зборува и дека не пее колку да се рече дека пее.

Цветкоски е еден од авторите на евровизиската Proud.- Со Дарко Димитров, Тамара, Коста Петров и Роберт Билбилов во Тел Авив  

* Кој беше твојот удел во песната, какви спомени и искуства носиш од Тел Авив?

- Заеднички работевме. Првичната идеја беше на Роберт, затоа што тој и Тамара се заедно од почетоците. Тоа беше идејата, и мојата и на Дарко, тие да ја дадат првата емоција. Потоа се надоврзавме сите, работевме на довршување на мелодискиот, аранжманскиот, продуцентскиот дел. Супер енергија се направи, и од Тамара сум презадоволен како го издржа целиот тој процес. Додека се правеше песната беше премногу посветена, со многу љубов влезе во овој проект. И во Тел Авив даде сѐ од себе, мислам дека до сега немам видено некој повеќе да сака да се претстави добро. Внимаваше на секоја ситница. И останатите луѓе од тимот, како Ношпал, Арменд беа заедно со нас, придружните вокали како и делегацијата од МТВ.  Таа наша сплотеност, мислам дека се пренесе и на малите екрани. Немаше интерни нервози, и некако се почуствува таа сигурност. Тоа го видоа и луѓето низ Европа и затоа сите толку позитивно реагираа на Тамара и многу добро ја прифатија како артист. Кога ќе се качевме во такси, и ќе кажевме  од каде сме, веднаш знаеја која е Тамара. Бевме фаворити помеѓу луѓето што ги среќававме. Тамара како човек е темпераментна и позитивна и знае да се здружи со сите, обична е.  Е артист, е своја, но исто така е и многу обична и е другар. Многу брзо станува другар со сите. Ние сме другари со Тамара, сите ние, целиот тим сме другари, и тоа е исто така една многу битна работа. Во сето ова влеговме со многу љубов, немаше его. Ретко се случува така да се спојат енергиите, и добро е што и Коста влета, со него претходно немавме соработувано. Ова е неговото прво искуство во музиката и супер го изработи својот дел, бидејќи од професионален аспект го знае маркетингот и неговото познавање влијаеше и во создавањето на текстот. Многу е тешко да се бориш со светска елита на автори, продуценти, композитори, текстописци, маркетинг менаџери.

* „Километри“, „Јако јако“, Надеж“ се само дел од песните на Лозано кои станаа мега-хитови на сите генерации, а токму ти и твојата сестра Ена сте автори. Има ли рецепт, како настанува еден хит?

- Важно е долго да се познавате со пејачот и да соработувате години со него, како Ена и јас со Влатко, важно е да знаете што тој сака. Ние знаеме која мелодија Влатко ја сака, како ќе ја испее и дали тоа ќе биде добро или нема да биде. Секогаш поставувам нешто на кое што може да се работи. Немам никогаш напишано конкретна песна, па доаѓа пејачот и му велам: „Ете, ова е песната, пробај да ја испееш“. Не ми е тој начинот на работа. Секогаш сакам да се иснпирирам од самиот артист и од неговата енергија. Текстот некогаш настанува и во тој момент, некогаш порано или подоцна. Тоа е и причината поради која што соработуваме долго и со Ена. Нема его, нема моменти како: „Еј, го напишав текстот па сега мора така да се испее, без промени“. Може тоа што е напишано да се промени повеќе пати додека не дојдеме до финалното. А финалното се чувствува во моментот кога пејачот ќе почне да ја пее песната, а ја пее како да пее сто години, во моментот кога ќе почуствуваш некоја магија во неа.

* Дали токму тоа што Ена ти е сестра и што толку добро се познавате некогаш може и негативно да влијае на вашата работа?

- Негативно може да влијае поради тоа што сме преискрени. Дури и брутално искрени еден кон друг. Ако ни оди, ако има љубов во работата во одреден момент работиме. Ако не ни оди, подорбро ќе станеме и ќе речеме- не работиме. Со сила не работиме и двајцата.

Со неговата сестра Магдалена се еден од најуспешните авторски тандеми на домашната музичка сцена

* Една од најголемите балкански поп-ѕвезди, Жељко Јоксимовиќ ја испеа вашата авторска песна „Нисам те због лепоте волео“. Во претходно интервју, ми изјави дека песната од прва ја засакал и ја доживеал како „стадионска“. Како дојдовте до Јоксимовиќ и тој до вас?

-  Ретко се случува да имам песна „во фиока“, а тоа беше една од таквите кои веќе ја имав. Не мислев дека е за никого, ја имав како идеја. Се видов со Кристијан, менаџерот кој му организираше концертот таа година во Скопје, и тој ми рече дека тој во моментов го довршува албумот и ако имам нешто да му пратам. Ми текна дека ја имам таа песна иако не правам музика која ја чувам за некого. За оваа песна ме интересираше како ќе звучи ако токму тој ја испее. Во неа, навистина му го слушав вокалот. И баш на Ена ѝ се јавив и ја прашав: „Што велиш да му ја пратиме на Јоксимовиќ да ја слушне?“ А тексот на Ена беше на српски. И навистина многу брзо врати на пораката, рече дека песната е супер, што навистина ме изненади. Брзо се одлучи и супер ја доработи. Презадоволен сум, Јокисмовиќ е еден од најдобрите продуценти на Балканот, и воопшто не е суетен. Реткост е композитор да земе песна од друг композитор. Чест ми е што имавме соработка, и во наредниот период пак ќе имаме.

* Велиш дека Јоксимовиќ си го слушнал во таа песна, постои ли друг балкански или можеби светски пејач кој исто така го слушаш во некое свое дело? Имаш ли некаква желба или сон некоја друга ѕвезда да испее твоја песна?

- Ги слушам повеќето, но ако ме прашувате дали имам некоја мечта да направам песна за некого, немам. Чисто ако ми дојде некоја идеја, секако дека би сакал да соработувам и со други балкански пејачи. Но, најбитната работа е вистинската песна да се даде на вистинскиот пејач. Да се спојат енергиите, и песната да излезе каква што ја планираш.

* Ти се случило ли некогаш да не ти успее замислата и песната да ја фрлиш „во отпад“?

- Многу пати сум фрлил, да. Дури и до финалето да дојдам, па да си речам, не ја бидува. Немам проблем со тоа, затоа што сакам да се направи добар производ. Кога веќе ќе излезе една песна, таа веќе за секогаш е излезена. Дали мене за тоа ќе ми требаат уште два, три, пет или десет дена плус работа, не е важно. Ако на некој артист таа песна ќе му донесе плус, а не минус, ќе ми биде мило. И затоа не сакам да ризикувам, сакам да сум сигурен дека ќе излезе добро. Нема правила, за публиката работиме, таа на крајот одлучува дали прозиводот е добар или не.

Постојано добива признанија за неговата работа

*Владимир Блажев-Панчо често те нарекува трет член на „ДНК“. Од една страна си успешен во баладите на Лозано, од друга одлично се снаоѓаш во аренби хитовите на „ДНК“ кои се нешто сосема поинкаво. Дали е тешко да се пренасочиш од еден во друг стил?

- Јас сум човек кој што секогаш работи според странската сцена, американската, британската, таа повеќе ме привлекувала. Следам трендови, но не ми е никаков проблем да експермиентирам со стилови. Можам комотно секој стил да го работам. Не дека сум најдобар во тоа што го правам, туку едноставно ако артистот ми го даде тој „вајб“ што го носи тој, и ако можам да го пренесам преку песната, тоа е најважно. Никому не се трудам на наметнам да биде нешто што не е. Сите треба да се трудат да бидат најдобрата верзија од себеси и само тогаш ќе бидат добро прифатени. И да не бидат прифатени, претпоставувам дека секој човек е најсреќен со она што е во сите сегменти, па така и во музиката.

Панчо и Андреј му се блиски пријатели и соработници и го нарекуваат нивен трет член.- Лазар со ДНК 

* Оние кои добро те познаваат велат дека си талентиран за цртање, а свириш повеќе инструменти. Колку точно?

- Хахаха, мислам осум или повеќе можеби. Почнав со гитара, и тоа ми е примарен иснтрумент. Пијаното ми е како втора љубов. Татко ми беше басист, и тоа многу добар и со него доста свирев бас. Еден период свирев и тапани, ми беше доста интересно во еден период. Имав еден пријател кој свиреше тапани и тој имаше големо влијание. Тогаш имав повеќе време, бев дете што сакаше како сунѓер сѐ да впива. Кога влегов во средно училиште, а завршив во скопопското средно музичко, но во овдешната, тетовска паралелка, сакав гитара, но немаше таква опција. Имаше опција мандолина и хармоника, па зедов да ги изучувам двата инструмента. Со сите жичани инструменти можам да се снајдам, а сега земав и труба, сакам да почнам да учам, но никако немам време.

* Освен овие кои ги изучуваше на училиште, за другите инструменти си самоук?

- Претежно сум самоук, но секогаш сум барал мислења. Денеска има Јутјуб туторијали, има книги. Ако човек сака да се едуцира, има како. Јас секогаш сум сакал и џез и филмска музика, нешто што не сум изучувал на училиште, но ете сум читал и сум сакал да знам. Многу сакам филмска музика.

* Филмската музика, како што ми спомена претходно ти е голема љубов, работиш ли и на тоа поле? Со што си ангажиран во моментов?

- Сега моментално работам големи проекти, но не сакам многу да ширам муабети да не не излезе нешто како што треба. Работам нешто за Лондон, за едни двајца многу добри изведувачи, и едвај чекам да излезе тоа. Ова е нешто на кое што навистина многу се радувам. Работам и на филмска музика, сакам таа своја страна да ја дадам, затоа што целиот живот ја сакам и ја изучувам. Имам еден многу добар другар, Гоце Симоновски и со него многу често дебатираме, се надоградуваме, затоа што е експерт во таа современа, класична музика. Искрено, сакам да соработувам со луѓе. Човек и самиот може да се инспирира, но кога има луѓе, кога има размена на енергии и мислења е неписливо убаво.

Со Магдалена, Ѓоко Јовиќ и Лозано на промоција

* Лозано ќе одржи концерт на Илинден во Охрид, претхдно имаше успешен концерт во Скопје. Твоите песни ги пее полна сала, во случајот со ДНК и со други пејачи исто. Се подготвуваш за проект во Лондон, со „Proud“ на Тамара имаше европски успех. Сепак, и покрај тоа важиш за скромен и ненаметлив. Се исплати ли тоа во овој бизнис?

- Не знам искрено дали сум скромен. Јас сум таков каков што сум и не сакам да сум наметлив. Си ја работам мојата работа и не се мешам во работи кои не се во мој домен и мразам да давам мислења за нешто што не знам и не ми е специјалност. Си има луѓе што низ искуството научиле, искуството е најважната работа. Можеби знаеш многу работи да прочиташ, но дали ќе знаш да ги примениш, да ги усогласиш? Тоа е исто како готвачите. Може да има пет исти состојки за едно јадење, па сите различно го прават. Еден омлет има различен вкус од различни готвачи, едно турско кафе исто, сите различно го правиме, па дури и истата доза да ја ставиш, различен вкус добиваш. И тоа е таа убавина во уметноста, во музиката. Сите можеме да ги имаме истите инструменти, истите ноти, само различно емотивно ќе се изразиме.

* Сепак велиш дека во едноставноста е убавината.

- Сакам едноставнми работи, да. Сакам се што е „simple“. „Less is more“, тоа ми е како животно мото. Што помалку, толку подобро. Колку попрецизно е изработено и колку поедноставно, толку е подобро. Не да биде музички неиздржано, сакам работи кои што се музички издржани, но сепак има работи кои што можеш едноставно да ги доближиш до народот. Сепак сум човек што сака музиката која што ја работам да ја слушаат луѓе, да не ја чувам во фиока и за некои времиња кога ќе ме нема, па тогаш да ја слушаат. Се трудам да имплементирам новитети, сите трудиме колку што можеме да бидеме револуцинери во некои работи, но пак зависиш од повеќе луѓе, соарботници, артисти. И среќа е во прашање, среќата е многу битна работа во животот. Да ти се склопат коцките. Понекогаш сакаш да ти се случат некои работи, но нешто те кочи. Не знам што е тоа, некоја виша сила. За сѐ си има свое време. Некогаш сакаме работите побрзо да се случат, но кога ќе се случат подоцна, сфаќаш дека во вистинско време се случиле. Никаде не брзам, што е мое ќе си се случи. Ако човек работи и ако го дава најдоброто од себеси, ако се труди да биде сѐ подобар и подобар и не се штеди, едноставно таа љубов која ја даваш можеш да ја добиеш назад.

Милица Џаровска