Љубовта не бира вера, нација и боја на кожа: Се омажија овде и живеат среќно

Добивај вести на Viber

Љубовта и во реалноста може да надмине многу работи, а чист доказ се вистинските приказни на дамите кои поради љубов се преселија да живеат во Македонија. 

Емакулате Вандера по потекло од Кенија веќе неколку години живее во Македонија. Таа е сопруга и мајка. Во брак е со Михајло Блажевски, а плод на нивната љубов е ќерката Дариа.

Ем и Мики имаат интересна љубовна приказна која ги урива сите можни предрасуди. Се запознале преку Интернет, љубовта преку жици ја негувале скоро две години а потоа Ем дојде во посета на Македонија и остана. Се почнало со еден комплимент кога Ем работела како учителка во Тајланд. 

- Го запознав мојот згоден, интелегентен, грижлив Македонски сопруг во 2016, всушност ние се запознавме на многу интересен начин, се запознавме онлајн, на инстаграм да бидам подиректна. Се започна со едноставен комплимент, што потоа прерасна во прекрасни разговори што траеа ден и ноќ. Во моментот кога почнавме да комуницираме јас работев како учителка во Тајланд, а тој беше во Скопје. Во еден момент нашата комуникација дури и престана, бидејќи приметивме дека почнуваме да се заљубуваме, а сепак бевме премногу далеку еден од друг, и се плашевме дека тоа така не може да функционира. Сепак после 4-5 месеци повторно почнавме да комуницираме и од тој момент веќе никогаш не застанавме се до моментот кога Мики дојде за прв пат во Тајланд во 2017. Тоа всушност беше и почеток на нашата приказна. Нашата врска на "далечина" траеше околу 2 години, Мики дојде уште еднаш во Тајланад, исто така и јас дојдов во Македонија, пролетта 2018, и искрено уживав во секој меомент од мојот престој тука. Пред да се вратам назад за Тајланд Мики ме побара за жена, тоа дефинитивно беше најубавиот ден во мојот живот, и во Тајланд се вратив како негова вереница. Секако веќе знаевме дека не можеме да живеме еден без друг, и решивме дека јас ќе дојдам тука и Македонија ќе биде наш дом- вели Ем која е многу активна на социјалните мрежи и има многу гледани видеа со тематика од македонија.

Друга слична приказна има брачниот пар Трпевски.

Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканската Република веќе неколку години живее во Македонија, во хармоничен брак со фитнес инструкторот Дарко Трпкоски од Скопје.

Се запознале на работа на брод, имале врска на далечина, а од 2015 се во официјален брак. Среќни родители се на синот Микаел.

„Се запознавме додека работевме на крстаречките бродови на Карибите. Мојата сопруга е од Јужноафриканската Република и нејзиното име Сипхокази Трпкоски. Ние нашата врска ја започнавме во 2015 и се венчавме во Јужноафриканската Република наредната година. Нашата врска на почетокот беше на далечина - мојата сопруга во Јужна Африка, а јас во Македонија додека се обидувавме да ги средиме визите и каде ќе се сместиме. Во 2018 решивме да дојдеме да живееме во Македонија и овде сме се до денес“, ни  раскажа Дарко. 

Инаку, Сипхокази по професија е физиотерапевт, а заедно со Дарко се дигитални креатори на Јутјуб Каналот наречен „The Trpkoski Fam“.
Филмска приказна има љубовта на музичарката Паула Купер Трајковски од Jужна Каролина и на Бојан Трајковски од Скопје. Се запознале во Ирак во 2009 година, а 11 години потоа успешно го градат својот заеднички живот во Скопје, како родители на Ноа. Паула, која на домашната јавност ѝ е позната по дуетот „Ocean Dreams“ со Гаро Тавитјан вели дека се соочувала со многу непријатности и предрасуди откако живее во Скопје. 

„Ми се случило луѓе да вперуваат прст кон мене, да ме нарекуваат со погрдни имиња, да се подбиваат со мене, па дури и да ме пцујат. Ме имаат нарекувано и со погрдниот збор што почнува на буквата „н“ ,и сето ова доаѓало од луѓе што мислеле дека се „кул“ и луѓе што, во суштина, се расисти “, раскажа шарматната пејачка за Женски магазин. 

Сепак, таа со насмевка вели дека поради многу нешта, го избрала Скопје за нејзин дом, и решила дека позитивните искуства со добрите луѓе ќе ги победат негативните. Покрај тоа што се занимава со музика, Паула има и своја веб-страница за продажба на персонализиран накит, којашто се вика Noa Personalized Jewelry, а исто така работи и како службеничка за профилирање лицa (проверка на биографски податоци).