Љубовта не е болка
Деновиве (не знам кој ѓаол ме натера) отворив неколку статии и видеа за судскиот процес меѓу Џони Деп и онаа негована-веќе бивша жена, Амбер. Да се разбереме од старт, иако го обожувам како актер, а богами и лик (еден од ретките мажи-холивудски ѕвезди кои ми се допаѓаат, со напомена дека Кеану Ривс ми е се’ уште број 1, за да не биде дека го изневерувам де) се трудев да бидам објективна дур се спремав да гледам и читам. Прво да ви кажам оти ми се згади од целата приказна, а по изгледани 2-3 видеа на судскиот процес кренав раце и се откажав, толку ми трпеше желудникот. И покрај сеирџиството со кое го гоштеваат светот, мене ми беше тажно како двајца возрасни луѓе дошле до степен да си ги стават сите интимни детали пред очите на секој кој што има интернет. Да се изнесуваат сите валканици надвор е во најмала рака незрелост и потполно отсуство на почит и љубов која/ако ја имале еден за друг. И да, мислам дека госпожата е психопат кој едноставно ужива во тоа да е центар на внимание и која мошне умешно глуми жртва со телешкиот поглед и со “измачениот” лик. Да излеземе малку од рамките на тоа дека жената е таа која секогаш трпи насилство, тоа не е точно ни најмалку. Факт е дека жените се почесто жртви на насилство, што автоматски не исклучува дека и мажите трпат семејно насилство. Она што не ми е јасно е како дозволиле да стасаат до тоа дереџе, за да се малтретираат еден со друг со години, додека не решиле да стават точка на бракот. Ќе ми беше појасно да беше Џони 20-тина години помлад, ќе си речев “налет, толку знаел”, ама на 50+ ме остави без збор мазохизмот да се тера еден болен однос, полн драма и психофизичко насилство.
И сега за да не излезе дека многу паметувам, памтам дека и јас сум била во еден таков психички садо-мазо однос, од кој излегов пола чоек полн стравови, нарушена самодоверба и болка. За оние кои уживаат да претпоставуваат дека се работи за мојот екс сопруг, веднаш да ви ги разбијам илузиите. Се работи за некој кој го сретнав години после разводот и кој успеа за неколку години да ме преполови до степен да станам сама на себе непрепознатлива. Е сега, за да не создадете слика дека јас сум жртвата а тој џелатот, да знаете дека сама си го барав, оти немав ниту сила ниту храброст да пресечам и да кажам “аман, доста беше...симни ми се од врат и фаќај џаде”. Мојата самодоверба како човек и жена беше доволно ниска за да дозволам да страдам, што во умот што физички (не џабе се вели оти она што ни се случува во умот, се гледа и на суратот и телото). Мојата одговорност кон сама себе беше сведена на една огромна нула и од денешен аспект велам дека си го заслужив она што го добив како сервирана порција гњавење. Да држев до себе, да се сакав себе и да имав почит кон Ана која секогаш била со идејата дека ако нема разбирачка-нема љубов, уште на првата сериозна сопка ќе ставев крај со точка (болдирана), а не со запирки.
Што е она што не’ држи во односи и врски во кои ништо не функционира, во кои немаме спокој и радост, ама немаме ниту три чисти да кажеме СТОП!? Што е она што ни се случува во умовите за да трпиме туѓи фрустрации, наместо да се обидеме да се издигнеме и да работиме на сопствените? Што ли е побогу она што не’ убедува дека болката е ок, оти е љубов во прашање?
Сега ако ме прашате, да се вратам назад би си врзала една таква сочна шлаканица, да ми зуе во ушите три дена без сопирачка. Да можам со овој ум да се вратам назад низ времето, ќе знам да си ги соберам парталите и да си заминам пред штетата да биде направена. Но, бидејќи времето не се враќа назад сега точно знам која е границата и линијата која не ја поминувам, па и да сум убедена дека се работи за мојата идеална втора половина. Заблудата е во главата и во себе-убедувањето дека оној карши вас е ТОЈ/ТАА, иако сите факти го зборуваат токму спротивното. Да си зацртате во главата дека не заслужувате подобро и поубаво е најголемиот грев кој можете да си го сторите сами на себе. Глумењето среќа пред светот додека дома сте потиштени и во константен грч и исчекување дека ќе има хаос, е не само исцрпувачки, туку и навлекува болести.
Љубовта не е болка! Љубовта е таа која лечи, не е дека јас го измислив ова оти постојат научни докази како љубовта делува позитивно на мислите и телото. Смирената љубов, без епизоди на трауми, гнев и омраза помага за лечење на анксиозноста, го подобрува имунолошкиот систем и лачи хормон на среќа од кој буквално се разубавуваме. Да, караници не може да нема, но да се во рамките на здрава дискусија и конструктивност, а не колку да се испоганите во устите. Само замислете што се случува кога сте цело време под стрес и кога живеете во хорор филм кој нема “the end”. Замислете само дека ако една карпа која е во море напукнува и се рони под налет на бранови, што значи нељубов за вашите органи и психа. Депресија, несоница, болки во стомак и глава (кога телото се бори со отсуството на разум), па се’ до навлекување на сериозна болест е цената која сите ја плаќаме кога им правиме шокови на срцето и душата. Во една постара колумна во Женски Магазин имам кажано дека најмалку е важно колку сте сакани, оти поважно е како сте сакани. Ако сте сакани на начин на кој вам ви е убаво и се чувствувате сигурни и заштитени, тогаш може да зборуваме за љубов. Се’ друго е само желба да се гледа реалноста поинаку од она што е навистина. Она што е најстрашно е дека сите сме експерти кога сакаме да се убедиме себе во нешто што не постои и буквално сме спремни да ја измислиме сегашноста, да ја извртиме и да ја ублажиме, само колку да не останеме сами или кога сме емотивно изгладнети.
Има една многу болна вистина во реченицата “ако не се сакаш себе, не можаш никого да сакаш”. Ако сами на себе си дозволуваме болка наместо љубов, што ќе понудиме на човекот кој е наспроти нас? Ако сме научиле дека мора да боли за да биде љубов, како ќе успееме да дадеме спокој некому?
Она што ме теши е дека сепак учиме (иако на потешкиот начин) од сопствено искуство и од хаваријата која сами на себе си ја приредуваме. Имам чест да познавам и мажи и жени кои после болка-љубов, застанале и се вратиле неколку чекори наназад за да се преслушаат каде грешеле. Да, да се најде сопствената вина и удел во таквата љубов-нељубов е голем напредок, оти илузијата дека ни е сторена неправда а ние сме без вина е сосем извесно дека повторно ќе си ја приредиме, со друг човек.
Муабетот ми е...нема трпење ако е болка, не смее да има самозалажување дека ќе мине и ќе биде поарно. Некогаш е поумно да се стави крај и да се продолжи сам, отколку да се остане некаде каде што и двајцата ќе се поболувате. Она што мора да се знае е дека се’ минува, без оглед дали е арно или лошо. Колку поскоро ќе излезете надвор од нешто што не е здраво, толку поскоро ќе имате шанси да се залечите и да си ја најдете среќата онаму каде што треба, а не онаму каде што сте убедени дека ќе ја создадете од едно големо НИШТО! Сакајте се за да можете да сакате и да ве сакаат. И памтете...не е љубов ако боли, преценета е теоријата дека мора да бидат нештата експлозивни за да имаат тежина. Некогаш најголемата тежина (како вреднување) е во леснотијата на љубењето и на нејзиното манифестирање.
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Онаму
љубов каде што има
последното заминување
е топло и кротко
без тешки зборови
кои ги сечат умовите
и ги поганат јазиците
без осудување
ниту со горчина
која печи во грлата
онаму љубов каде
што има
последното заминување
е како да се простуваш од себе
како со свој, толку жив
а ампутиран дел
кој долго и после отсекувањето
ќе го чувствуваш како клука
и ќе боли иако не постои
мислата за него ќе боли
онаму љубов каде
што има
последното заминување
е без прашања
оти одговори нема
ниту е со преколнувања
за “барем уште еднаш”
оти бесмислено станува
секое броење
наспроти вечноста
онаму љубов каде
што има
последното заминување
е со силен стисок
небаре во телата ќе си влезете
преку кожа, преку крвта
и со бакнеж, длабок и жеден
небаре ќе се впиете
доволно за да се преживее
неколку години нанапред
онаму љубов каде
што има
последното заминување
е со неговата топла дланка
врз лицето нејзино
а нејзините прсти
на усните негови
и молк
длабок молк
колку што љубовта длабока им била