Локално

Добивај вести на Viber

Од мало кон големо, кај нас во локално. Скоро бев ставена пред личен линч, сама пред себе, требаше да коментирам изглед на деца во балканско шоу за откривање таленти.

Јас знам што ни се случи пост Југословенски и колку не оштети Брена. Исто како што знам дека напоредно со Брена фигуриираа и Оливер Мандиќ, ЕКВ, Хаустор, Бајага.

Јас верувам во моќта на едукацијата, јазикот, но пред се во моќта на музиката. Модерниве мами знаат дека ако му пушташ на бебацот Моцарт додека е во утроба или по раѓањето, ќе му изигра улога на раст и развој. Можеби и не е вистина, не можам да потврдам нешто што не сум пробала, но од себе ќе тргнам.

Кога читам книги со тажна и вознемирувачка содржина, кога гледам тешки драми или хорори или кога слушам тажни мелодии, по автоматизам паѓам во депресија. Исто како што знам дека 90 посто од балканскиве жалопојки тажат по некоја љубов, нешто изгубено или ти не знам какво слично. Српски е лесен за разбирање, не бара многу мозок, за поинтензивните малку повеќе алкохол или дрога, па то бацаш чаше руке ти крваре. Да се разбереме, има видео докази како и јас го правам истото, строго под дејство на алкохол нели, АМА..

Додека работам, кога сум сама, и најголемиот дел од времето го користам за слушање на музика која не делува деструктивно на мојата интелигенција. Ова може со полно право да го препишам на вујко ми, со него пораснав, му се држев за ногавица, вујче ми беше замена за се' што ми недостасува од типот на дада или бато, дури понекогаш и улога на едно големо се' во едно. А вујче е едно емотивно и интелигентно чудовиште, па така напоредно со Цеца на другарчињата, јас слушав Pink Floyd, Dead Can Dance, Nick Cave, David Bowie и уште еден куп музички великани, кои поинаку ги стимулираат мозочните келии. На факс продолжив опколена со уметници, па отидов до екстреми на progressive, jazz, alternative rock и вечната класика. Уште немам откриено која ми е омилена врста на музика, ја немам, можам да слушам скоро се', Боуви ми е љубов живота и уште ми е предизвик за слушање.

Не го разбрав само делот каде што дечиња и тинејџери се потикнуваат на локални кариери со естетика на шечерлема, што би рекла моја една бивша професорка. Од мали години ги учиме на кафански животен стил, ниски морали и естетика на пластични силикони.

Дечки не осудувам, не рипајте одма. Како идна мајка, само се залагам за квалитет на животен стил. Не утепа политика, тука треба да пишам последниве не знам колку години, ама кај нас ќе да е од секогаш. Знам дека во денешно доба најлесно е да ѝ кажеш на ќерката, сине удај се лепо, само за да не се мачи како што си се мачела ти, но тоа е патот каде што ќерка ти ќе заспива со хроничен немир во душата. Полесен е не велам не, често се фаќам себе си како си викам Ивано на ќерка ти не смееш да ѝ дадеш потешко од лак за нокти да крене! Ама тоа е моја лична фрустрација, нема да ја манифестирам на неа, ќе ја оставам сама да се пронајде и реализира. Се ќе ѝ пуштам од музика, нека реши сама што ќе и се допадне, нема да ја терам да одбира религија, ќе треба да ја почувствува. Ќе дадам се' од себе да ја насочам на вистинскиот пат, но не смеам да ѝ го наметнам. Се раѓаме како индивидуи и како такви, со силен личен печат ќе заминеме од овде. Децава ги учиме на површни вредности, низок морал и не работиме на нивната интелигенција, нит општа нит емотивна, а не мислам на спојување на коцка со круг. Тоа често знае да биде правото решение. Па така, од мене до вас Прелепотици, молба, не си ја барајте иднината во вашите љубови, не треба тие да го живеат вашиот неизживеан живот. Сте им дале се' свое, дајте им квалитет, дајте им превисоки стандарди, но возможни, дајте им безусловна љубов, и пуштете ги да бидат свои. Дајте им се', за да можат да решат кои се и што сакаат. Јас ви ветувам дека по таа рецепта, 80 посто од овие горе ќе го отфрлат турбо фолкот. Ќе го сочуваат за понекогаш, за моменти на заноси и пијанки и тоа е ок. Се' друго е непотребна Југо носталгија на нереализирани туѓи соништа.

Јас сум Ивана Кнез, денешнава колумна е за сите вас кои ја имате најодговорната улога во животот, родител. Поклон до земја од мене, секој ден е борба, знам. Имам мајка.

Се читаме следната недела.

П.С. За домашна овој пат, пуштете го Боуви, не мора последниот албум, тежок е, со него се опростува од сите нас. Little China Girl, Cat People, Ground Control to major Tom… изборот е генијален.