Мајка- често сакаш да ja задавиш, ама не можеш без неа

Мајка ми ни беше на гости четири дена. Се скаравме едно 43 пати. Неколку пати тргнав до аптека да земам нешто за смирување, на природна база. По кој знае кој пат ќе ѝ речев дека нешто ме нервира, а таа повторно ќе го кажеше/направеше токму тоа.

Ми пререди половина кујна и половина од бањата. На балконот сега имам сосема друг распоред. Четири дена си играше, спиеше со мојот син додека јас бев на работа. Секој пат ќе ме пречекаше ручек, со лажица. 

Ги миеше садовите по секој оброк, освен по оној кога по 27 пат ѝ бев лута па не ѝ дозволив. Не бришеше прашина, затоа што знаеше дека ќе полудам ако сите фигури на полицата не ги врати на свое место. Ми купи некоја облека, а на Максим и облека и играчки. И еден каранфил, додека шетала наишла на цвеќара, затоа што ќе биде многу убав на балконот. 

Изнакупува подароци за сите по дома, уживаше бирајќи го фустанот со кој ќе се пензионира, иако знам дека тогаш ќе умре дел од неа. 

Ми ја пеглаше косата, иако нема поим од тоа. Ми рече дека сѐ ќе биде во ред, иако и двете знаеме дека не оди тоа така во животот, но ѝ поверував. Едвај чекав да бидам малку сама, а ми недостигаше веќе по пет минути откако ја испратив. 

Мајка- суштество кое често сакаш да го задавиш, а потоа, по пет секунди ќе сфатиш дека немаш подобар пријател. 

Затоа, најсличен збор ѝ е бајка. И тоа, мора да биде така. Затоа што, тоа е љубов. 

Извор: Лола магазин