Мајка

Добивај вести на Viber

Секој еден некој кој си дал за право јавно да се изјасни, во било која уметничка форма и начин, ја појавува својата мајка во некој даден момент. Во најголемиот број на случаи таа е позадината на творештвото, јас велам стартна муза, од неа започнало се'.

Јас мојата Драма ја започнав со неа, за неа. Првиот гердан се вика Јулија и го има таа. Се сеќавам како дете бевме со скромни примања. Не можеа секогаш да ми дадат се, иако од петни жили се трудеа да тоа јас не го почувствувам. Таа особено, знае да шие од мала, сама се има дотерувано како девојка затоа што не сакала да личи на сите. Сакала да биде своја и уникатна, женствена префинета и танана. Имала црна долга коса што ја носела во плетенка, 90-59-89 идеални пропорции, секогаш на високи подпетици и секогаш во лелеави здолништа. По природа е малку намќор, ама само на прва, тоа и е одбранбен механизам да не и пристапи било кој, селективна е во љубовта. Но, кога ќе те пушти, кога ќе ти дозволи да ја запознаеш, не постои опција да не се заљубиш смртно во неа. Големата мајка, на цело мое друштво успева да даде љубов и разбирање. Имам една вечна слика во мојата глава  за неа дотерана во црвени чевли, со пепито костим, црвен кармин и нокти, косата виткана со ладна, како оди на работа во погон во Фабрика. Не и беше тешко никогаш да се скоцка, за жал не го наследив во потполност тоа од неа па знам како партал да се извадам од дома до ден денешен, си ја препишувам таа жичка на уметникот во мене, ми се може. Баба ми велеше кај се роди бе вакво од нас две жени, ти едно нешто размкнато како кучиња да те тегнеле во тоа панталоните па уште и скинати. И постојано ми даваше пари да си купам здрави фармерки.

Мајка ми ме остави. Ме пушти од дете, од мала ме остави да одберам сама. Колку и да била уморна од работа, секогаш наоѓаше време да ми зготви, колку и да била снеможена од се што има поминато, секогаш наоѓала начин да ме дотера. Ме оставаше сама да си одберам бои, материјали и да ја гледам како од парче материјал настанува најубавиот фустан на целиот свет. Па така на 4 години шетав со жолт фустан со бела крагна што се врти најмногу на цел свет, на 5 години веќе имав налани на штикла, плави со Штрумфинка, на 6 години носев скинат џинс со сечена маица што сама ја сечев со нејзина помош. Рачно сликани блузи, широки пантолони, марами околу глава, бесконечно многу накит, се што ми паѓаше на памет ми беше дозволено. Не ме караше кога ги прекројував (читај упропастував) фустаните на барбиките, никогаш не ми забрани да пробам нешто што мојава неарна глава го има наумено, па така од пливање, до глума, од приватни часови по англиски до сликарство, се што мене ќе ми паднело на памет таа наоѓала начин да го оствари. Уметничка Академија? Нема проблем, заврши гимназија и после терај, оди освој го светот, твој е. И како што растев и созревав таа моја мајка, која е најпатријархално воспитана, која животот го има посветено на нејзиното семејство, таа созреа заедно со мене. Порасна и се' уште расте, и отварам нови хоризонти кон современиов свет, кој се промени премногу во последниве 20 години. Ја учам за поинаква љубов, ја учам да прифаќа нови работи, да си дозволи луксуз на љубов кон себе, време за себе. Никогаш ме нема притиснато за ништо и до овој единствен момент таа е покрај мене за да ме подржи во секоја моја одлука. Дава последен здив од себе за јас да бидам среќна и исполнета, генерациски е, мислам дека генот ни е чипиран на безусловна љубов, со паметен компромис и отворено срце за промени. Лажам, само еднаш ме услови. Ми рече: Јас ќе сум среќна, кога ќе бидеш и ти. И со тоа ме научи да јас не барам причина за среќа, да пробам да бидам среќна сама со себе. На свој начин, со добро одбрано друштво. Поминавме многу јас и мајка ми, ама да можам да го вратам времето, не би променила абсолутно ништо. И два животи да имам, исто би ги живеела, сакам уште, уште повеќе проблеми, за да можам да ги валидирам повеќе уште поголемите задоволства!

Мамо, те сакам. Фала ти што ме пушти. Фала ти што ме научи да се ценам себе си, да се сакам себе си, да вреднувам семејни квалитети, фала ти за довербата, и фала ти што се менуваш заедно со мене.

Јас сум Ивана Кнез, ова е за сите вас кои немаат мајка. Кои сте изгубиле пред време она што е најважно, кои немате кој да ве гушне кога ви е цел свет срушен. Кажете фала за времето кое сте го имале со неа, сочувајте ги моментите во една бесконечност и заради неа, постанете најдобрата верзија од себе си. За да ви се радува од горе. А вие другите, гушнете ја денес бе, кажете и дека можете без неа, ама не сакате. За да знае дека завршила работа како што треба.

Се читаме следната недела.