Мајка ми студирала книжевност во Скопје и од мала ми ја пренесе љубовта кон Македонија – Лидија Вукиќевиќ

Добивај вести на Viber

Македонската театарска публика ќе има можност да го проследи раскошниот талент на српската актерка Лидија Вукиќевиќ во сатиричната комедија „ Чекајќи го министерот“. Во неа се појавуваат Семир Гициќ и Сашо Ристовски, актер во Театар Комедија.

Вели дека ги сака градовите во Македонија, а пред сѐ луѓето коишто ја прават атмосферата. Со претставата ќе ги посети Пробиштип, Штип, Куманово, Битола, Струмица.

Вукиќевиќ, ја освои јавноста како Виолета Попадиќ од култната серија „ Бољи живот“, со улогата во серијалот „ Жикина Династија“, но и со ликовите од руските класици на театарската сцена. Покрај убавината и талентот, освојува и со својата речитост, интелегенција и срдечност - особини кои беа видливи при нашата комуникација.

* Во едно интервју изјавивте дека има луѓе кои знаат да го ценат вашиот талент и труд, а тоа се професионалци од нашата земја. Најавивте ангажмани во Македонија, на задоволство на нашата публика. Ќе ни ја откриете ли вашата работна агенда?

- Ние веќе одамна ја подготвивме претставата којашто се вика „Чекајќи го министерот“, така што сега доаѓаме во Македонија и многу се радувам, затоа што ја сакам вашата земја. Ги сакам градовите во Македонија, а пред сѐ луѓето коишто ја прават атмосферата. Ќе гостуваме со претставата во Пробиштип, Штип, Куманово, Битола, Струмица и други градови. Едвај чекам да дојдам. Од 5 април ќе бидам во Македонија и веќе од 7 април почнуваат претставите. Ќе се видиме, ќе се запознаеме и македонската публика ќе види што сме направиле. Мислам дека „Чекајќи го министерот“ е една интересна сатирична комедија.

* Со кого соработувавте?

- Претставата ја работевме со Семир Гициќ. Тој е мој колега актер, кој исто така е и текстописец и со Сашо Ристовски, актер во вашиот Театар Комедија.

* Доаѓавте ли често во Македонија во изминативе години, или дури сега ќе ја запознаете нашата земја, луѓето, театрската публика?

 - Во текот на изминатите години многу пати бев во вашата земја. Морам да кажам нешто што посебно ме врзува. Мојата мајка студирала книжевност во Македонија и таа го обожаваше Скопје. Секогаш ни кажуваше зборови на македонски јазик. Научивме многу македонски зборови. Од малечка ја негувам љубовта кон Македонија и кон Скопје. Пред короната бев неколку пати во Скопје и во другите градови во Македонија. Но кога почна пандемијата прекинавме. Сега со Господ напред повторно ќе се видиме.

Синовите ми се на прво место

Првата асоцијација за вас и кај македонската публика е Виолета Попадиќ од Бољи живот, улога со која станавте популарна во поранешна Југославија. Анализирајќи ја вашата кариера од тогаш до денес, се наметнува констатацијата дека режисерите не го искористија вашиот потенцијал до максимум. Но, колку вие бевте упорни по секоја цена да добиете некоја улога?

- Секогаш стоев на страна и чекав тие да ме повикаат, никогаш не барав улога. Сметав дека веројатно режисерите гледаат и знаат кој и каков има потенцијал. Меѓутоа, морам да кажам дека одиграв доста улоги од руските класици и уште многу други улоги во театарот. Можеби филмските и телевизиските улоги беа слични по типот на жени коишто ги глумев, но многу работев во театар, и Крлежа, и Максим Горки и многу текстови, во кои навистина имав завидни и добри улоги. 

По раѓањето на вашите два сина, вие се посветивте комплетно на мајчинството и десет години бевте надвор од вашиот професионален свет. Како ви успеа да ги смените навиките, желбата за работа, сцена, рефлектори и воопшто да не зажалите за тоа?

- Мене тоа ми беше сосема нормално. Апсолутно нормално. Ако требаше, немаше да работам ниту 20 години. Затоа што мене на прво место ми е семејството и децата. Мислам дека жената е најзадоволна и воопшто луѓето, кога децата им се добри и кога ќе видат дека во еден период од нивното растење во кое вие секојдневно учествувате, дека имате прекрасни луѓе пред себе. Мислам дека тоа е најголем успех. По тоа доаѓа мојата кариера и актерството. Значи, никогаш не го ставав актерството на прво место. Секогаш децата ми беа на прво место и така се однесував. Сосема ми беше нормално да не работам 10 години. А и кога работев во текот на тие 10 години, кога ќе играв некоја претстава, секаде ги носев децата со себе. Мојата мајка секогаш велеше дека ги носам како пилиња со себе. Сметав дека мајката треба да ги чува децата, иако и моите родители ми помагаа. Јас сум таа којашто треба да биде со нив и тие не треба да ме чекаат кога ќе се вратам од некаде, туку секогаш да бидат со мене. Секогаш кога играв претстави и тие патуваа со мене. И мислам дека тоа им беше едно прекрасно искуство. И без разлика на тоа што едниот син е пилот, а другиот е скаут во Црвена ѕвезда, а беше и фудбалер и играше секаде низ светот, мислам дека токму тогаш ја стекнаа љубовта кон театарот и книжевноста. Кога заедно одевме на претстави, на моите проби во разни градови. За мене е сосема нормално жената да биде посветена пред сѐ на децата, па потоа на сѐ друго.

* Колку разводот ве скрши од една страна, а колку ве направи посилна како личност, жена и мајка? 

- Верувајте дека разводот не ме скрши, зашто како личност сум таква што кога ќе донесам некоја одлука, стојам зад неа и после не велам „Е, зошто направив така, па потешко ми е“.Знаев дека ќе ми биде тешко и дека е тоа целосно поинаков вид на живот, кога сами ги растете децата, се борите, и на професионален и на приватен план. Меѓутоа мене сето тоа многу ми одговараше, затоа што јас ја донесов таа одлука и ми беше тешко, но ми беше и убаво. Уживав во растењето на моите синови и во тоа време кое ние секојдневно го поминувавме заедно. Не го сакам изразот самохрана мајка, затоа што тоа секогаш ми влече на некое сожалување. Мислам дека жената ако се одлучи на такво нешто, треба да стои позади тоа и дека не треба да има никаво сожалување. Таа треба да биде уште посилна, затоа што сметам и сум се уверила во тоа преку многу примери, дека кога мајката ќе потклекне во семејството, тогаш тоа се растура и децата одат по некои погрешни патишта. Мајката е најбитна во растењето на децата и таа ја одредува нивната судбина. Достоевски или можеби Шолохов рекле „Секогаш цврсто стоев позади тоа и никогаш не се покајав што се разведов“. Ми беше сосема нормално и знаев што ме чека. Ништо не се изненадив.

Не можам да ја преболам смртта на родителите

* Каква беше вашата мајка? Како се соочивте со нејзината смрт и како ја пребродивте таа болка?

- Мојата мајка беше една прекрасна жена. Страшно ме погоди нејзината смрт и смртта на татко ми. Верувајте тоа ми е најтешкиот период во животот. Инаку, мислам дека сум доста силна жена, меѓутоа и денес не можам да се помирам со губењето на своите родители. Тоа најтешко ми падна. Еве, и сега не знам како да ви кажам, тоа никогаш нема да го пребродам и нема да го преболам. Ниту можам. Едноставно еден дел од мене замина со нив. Имав прекрасни родители. Имав среќа да бидам дете на една голема љубов. Моите родители живееја 60 години во брак и се сакаа исто како првиот ден. Мислам дека токму тоа ми ја даде таа сигурност и сила во животот, таа нивна огромна љубов. Мислам дека сѐ што постигнав, сѐ што сум, начинот на којшто размислувам, какви се моите деца – сето тоа им го должам на своите родители.

Стилот е однос кон животот, најблиските, работата, а не само тоа како ќе се облечеме. Како би ја дополниле оваа дефиниција кога би го опишале вашиот

- Со индивидуалност. Мислам дека стилот е пред сѐ индивидуалност и различност. Не сум за тоа дека луѓето треба да бидат слични едни на други, да се облекуваат исто, да имаат слични погледи на животот. Сето тоа е за да се следи некој тренд, сѐ она што носи 21-от век. А носи и добро, но и лошо и луѓето за да го следат тој тренд, некако сите се воедначуваат. Никогаш не потпаѓав под било какво влијание, на модата, на нечиј стил, на некој начин на размислување. Секогаш се следев себе, својата мисла, својот вкус и мислам дека поради тоа често бев и осудувана. Но, не ми е жал, останав доследна на себе. Мислам дека човекот трае на вистински начин низ овој земски живот, тогаш кога ќе остане доследен на себеси. 

Битен елемент за целокупниот визуелен впечаток на жената е нејзината посебност, бидејќи секоја од нив има нешто свое, што ако го негува може да стане препознатлива и интересна. Вашата посебност е и во беспрекорниот изглед, а до неодамна беше и кадравата црна коса. Сега сте црвенокоса, на што се должи таа промена?

- Таа промена беше само поради едно снимање. И понатаму имам својата долга црна кадрава коса, така што и тие промени се можни со помош на еден прекрасен и голем фризер, Борис Обрешки. Никогаш не бегав од себе, од тоа што сум, таква сум каква што сум, а секогаш сум за промени кои се за потребите на некоја улога или евентуално, заради некоја мала различност.

Вљубена сум

Самата облека не е ништо, ако жената што ја носи, не е негувана во телото, лицето. Беспрекорната линија е резултат на гени, здрава исхрана или вежбање, или на сето тоа заедно? Посетувате ли козметички салони, дали сте присталица на пластични операции?

- Има и генетика. Не вежбам и никогаш не сум била во теретана, освен кога одев нешто да рекламирам. Јас сум таква личност, кога нешто ќе си одредам, на пример дека не сакам да имам вишок килограми, дека сакам да имам фигура каква што имав во младоста, верувајте, тоа и ќе го испочитувам. Значи, тоа е и работа, и бложување и труд. Но, никако не одам во теретана, зашто не можам да поднесам грч на лицето.

Кое е вашето животно мото, со кое успевате секогаш да ја сочувате вашата препознатлива насмевка?

- Кога сме на некои семејни прослави, секогаш ме зафркаваат дека мојата песна е „Ветровите ме кршат, јас терам по свое“. Радомир Решовиќ рекол една прекрасна сентенца, која мене многу ми се допаѓа, а која гласи: „Само еден е животот и јас нема да чекорам по него како по жица. Ќе ги раширам широко рацете и мислите колку што се просторни видиците.“ Го живеам секој ден како да е последен. Тоа е моето животно мото. Мислам дека во животот треба да се ужива и секако треба човек да гледа да си угоди на себеси. Тоа што ми годи, го правам. Тоа што не ми одговара, не го правам. Некогаш ми е подраго што немам слобода да направам некои работи, отколку таа бескрајна слобода.

* Колку сте задоволни од вашата духовна убавина? Го постигнавте ли мирот, задоволството. Ви успева ли да ги избегнете негатривните влијание, луѓето со лоша мисла?

- Никогаш не сум се вртела и никогаш не сум им дозволувала на тие луѓе поблиску да ми приоѓаат, доколку сум препознала дека се со негативна енергија. А ги има многу. Едноставно се тргам од таквите луѓе и не давам никому да го наруши мојот мир кој сум успеала да го добијам и на кој сум работела. Заземам став и многу сум остра и точна и веднаш сѐ кажувам што имам во лице. Па, ако сака некој нека се налути. Имам право да се заштитам себеси и така и се однесувам, така што таквите луѓе ги остранив од себе. Не можам да кажам дека се дружам со многу луѓе. Се дружам со малкумина, а знам времето да го поминувам и сама со животни, затоа што ги сакам најмногу на светот. Секако, децата ми се на прво место, но сум личност којашто може со денови да биде со животни. Постојано имам кучиња. Тоа не се само кучиња со педигре, туку знам да се симнам пред зграда и да земам некое куче скитник, коешто нема уво, кое некој го истепал, па го вдомувам кај мене да живее по 16-17 години. Тоа ми прави задоволство и најмногу сум среќна кога можам да им помогнам на животните.

* Дали сте моментално вљубени?

- Да, сум во една убава врска, затоа што љубовта отсекогаш ми била двигател, но не по секоја цена. Јас сум за тоа, ако не е она вистинското, подобро е човек да биде сам, отколку да биде со некого колку да се каже. Но, ова мислам дека е вистинскиот избор и среќна сум и засега сум баш задоволна.

Соња Алексоска Неделковска