Македонија е лидер во регионот за родова еднаквост во енергетиката

Добивај вести на Viber

Перспективноста, можноста за вработување по студирањето и добрата заработувачка се главните причини поради коишто жените ја избираат енергетиката како област за свој кариерен развој и за вработување.

На Конференцијата, во организација на Асоцијацијата на здруженијата на инженери - Инженерската Институција на Македонија и ЕВН Македонија, беше потенцирано дека младите требаа да имаат модел на успешна жена. Исто така, од аспект на законот, учесничките на конференцијата предлагаат да се овозможи можност за работа од дома, да се создадат услови за времено вработување (part-time) и мажите да имаат можност да користат пост-породилно отсуство.

„Енергетиката е област за која сите велиме дека традиционално припаѓа на мажите... Но, што да прават одличните дипломирани студентки кои, уште од мали нозе, сонувале да бидат успешни инженери во некоја енергетска компанија. Многу често во традиционалните средини се негува мислењето дека младите интелектуалки имаат тешкотии во градењето на својата кариера. Затоа што треба да оформат семејство и таа посветеност не им остава многу време за усовршување и немаат можности да заземат високи професионални и менаџерски позиции. Нашите анкети покажуваат дека таа перцепција сé уште постои и меѓу младите, особено во земјите со високо развиени економии, кои очекуваат дека семејството ќе има влијание на нивниот професионален напредок. Но,имаме примери, со кои покажуваме, дека не е секогаш така – дека може да се напредува со семејство, да се биде добра мајка и партнер и сепак, да се биде истакнат професионалец. Можеби причината лежи во нешто друго, во табуата и кај жените и кај мажите, дека жените тоа не го можат тоа истовремено. Треба да укажуваме на нашите ученички, студентки, вработени и колешки дека, од родовата припадност, не се црпи квалитетот и професионалноста на една личност“, рече професор Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање се заблагодари на учесничките и на жените што со „своите заложби, искуства, присуство, организација на настани каква што е оваа меѓународна конференција насловена ‘Жените во енергетиката’ помагате, заедно, да ја подигнеме свеста за важноста на родовата рамнотежа во бизнис заедницата, низ идентификување стратегии и програми за еднакви можности во енергетскиот сектор. Република Македонија, со организирање на оваа конференција, е лидер во регионот на тема родова еднаквост во енергетиката. Ги разбиваме предрасудите дека работата во енергетскиот сектор е машка професија. Сакаме да знаете дека Владата е подготвена да учествува во реализацијата на предлозите што произлегоа од оваа конференција. Ги поддржуваме вашите цели да се иницира воспоставување платформа за родова еднаквост во науката, технологиите, инженерството и математиката, во Централно европската иницијатива, регионот, како и за формирање Асоцијација на жени во енергетиката. Формирањето на асоцијацијата што се случи на оваа Конференцијаќе овозможи одржливост на целите и заклучоците од овие два дена работа. Преку оваа организација, во иднина, би требало да се спроведуваат активности, на национално, но и на меѓународно ниво, коишто ќе ги поттикнат жените и посебно младите, за професионален развој и вклучување во областа“.

За Штефан Петер од ЕВНМакедонија, „бројот на жени на технички позиции во енергетскиот сектор, сè уште, има потенцијал да се подобри. За да го оствариме овој потенцијал, треба да им се обратиме на младите да знаат дека ако имаат желба и способност, постои можност да се едуцираат, а потоа и да се вработат во области кои обично не се поврзуваат со нивниот пол“.

Сите учеснички ја поддржаа идејата за формирање на Асоцијацијата, во која ќе членуваат сите претставнички од сите енергетски сектори со одговорно лице. Во Асоцијацијата не треба да членуваат само енергетичари, туку сите профили што работат во енергетиката. Исто така, треба да членуваат и мажи доколку е на доброволно основа.

Асоцијацијата ќе има цел да го поттикне избор на образование кај женската популација, да ја подигне свеста кај жената за еднаквоста, да обезбеди размена на искуства и информации, да објавува огласи за работа и унапредувања, да обезбеди база на податоци на сите членки во организацијата, како и работилници и обуки за професионален развој. Следен чекор е создавање регионална мрежа за размена на информации и поврзување со светската асоцијација.

На конференцијата учествуваа експерти, претставници од универзитети, од бизнис заедницата, меѓународни и регионални организации, државни институции и професионални организации од 12 земји членки на Централно Европската Иницијатива, кои работат во енергетскиот сектор. Конференцијата е проектна активност на Централно Европската Иницијатива и е поддржана од компаниите АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО.