МАКЕДОНИЈА ПОСЛЕ БУГАРИЈА, А ПРЕД ХРВАТСКА: Познат редоследот за „Евросонг“

Добивај вести на Viber

Македонските евровизиски претставници, бендот „Ај кју“ ќе настапат 11-ти по ред во првото полуфинале закажано на 8 мај. Извршниот продуцент на шоуто, Јон Ола Санд, денес го објави редоследот по кој земјите-учеснички ќе се претстават на 63-то издание на популарниот музички настан во Лисабон, Португалија. Истата вечер ќе се натпреваруваат уште неколку балкански земји. Пред нас ќе настапат претставниците на Бугарија, а веднаш по нас своите три минути ќе ги има Хрватска. Земји кои имаат директен пласман во финалето се Шпанија, Велика Британија и домаќинот Португалија кои ќе гласаат во првото полуфинале и Италија, Германија и Франција кои ќе имаат право на глас на втората полуфинална вечер.

Македонија се нема пласирано во завршницата на „Евросонг“ од 2012 година кога тоа ѝ успеа на Калиопи со темата „Црно и бело“. Годинава наш адут е триото „Ај кју“ со композицијата Лост анд фоунд.

- Какви и очекувања да имаме, што и да мислиме во однос на пласманот е ирелевантно. Тоа на што можеме да се посветиме е да ја подготвиме песната што подобро и да се претставиме себеси и Македонија во што поубаво светло. Целиот фокус и енергија ни се насочени на предизвикот што следува, а не на математики околу крајниот пласман. Сепак има 43 земји учесници коишто на „Евровизија“ учествуваат за да ја слават музиката и миксот на културите. На крајот еден е победник, но тоа не значи дека сите останати 42 се поразени. Затоа и нема награда за второ и трето место на „Евровизија“  - изјави неодамна за „Женски Магазин“ фронтменот на „Ај кју“, Бојан Трајковски.

Ѓ.С.