Македонската филхармонија со нов клавир, по 1992 година
Македонската филхармонија конечно доби клавир, по 1992 година. Новото пијано Стенвеј, вредно 160.000 евра е донација на компанијата Штрабаг во Македонската филхармонија. Публиката за прв пат ќе слушне како звучи на 10 мај, на концертот на рускиот пијанист Евгениј Судбин.
„Донацијата на ова пијано значи гостување на врвни светски концертни музичари и ексклузивни концерти.
Еден од тие гости е познат австриски уметник на 18 октомври овде, во Филхармонија“, рече на денешната прес конференција министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Претставници на компанијата Штрабаг изјавија дека новото пијано е убава приказна со која се соживеалe сите.
„Размислувавме дали да се обезбеди гостување на некое големо име како Андреа Бочели, но сепак одлучивме донацијата да се искористи за ова пијано. Филхармонија немала ново пијано од 1993 година, кое тогаш го донираше Пошта.“, рече Виктор Илиески, директорот на Филхармонија.
Македонската филхармонија, пред оваа донација, поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното ПТТ Македонија како донација. Од тогаш поминаа повеќе од две децении и токму во моментов, кога првата музичка институција во земјава доби нов концертен храм, се почувствува огромната потреба и од ново концертно пијано на кое без никакви технички пречки ќе можат да свират славните пијанисти кои настапуваат на подиумот на Македонската филхармонија.
„Би сакал да се заблагодарам на компанијата ‘Штрабаг’ за оваа вредна донација од речиси 160.000 илјади евра, резултат на меѓусебното почитување и исклучително коректен и професионален однос“, истакна министерот Роберт Алаѓозовски.
„Во изминатите месеци интензивно контактиравме, барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’, на обострано задоволство, договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните.
За претставниците на медиумите, на новото пијано за прв пат засвире младиот талент Арди Мустафоглу. Тој настапи со точката од Властимир Николовски.
Милица Џаровска