Македонската сцена остана без Симеон Иванов - Канго

Добивај вести на Viber

Препознатлив по својот немирен творечки дух и необичен стил на музицирање и облекување почина македонски рок - музичар и гитарист Симеон Иванов - Канго .

Симеон Иванов - Канго (познат и само по својот прекар Канго) беше и поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“ кое има за цел да ја промовира македонската нација, култура, јазик, земја, а особено античко-македонското наследство на денешниот македонски народ. Познат и по својот необичен стил налик на стилот на легендарниот гитарист Џими Хендрикс, чиј гoлем почитувач е и самиот Канго.

Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 Ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование и каде и денес живее. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Со рокенрол музиката се занимава од раната младост, а во 2005 година го прослави 40-годишниот јублиеј од својата музичка кариера со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго е и гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговиот истоимен бенд, кој опфаќа гитара/вокал, бас гитара и тапани.

Над 20 години, Канго е и сопственик на училиште за рокенрол музика каде го предава своето искуство на помладите генерации. Автор е на 4 збирки поезија: „Воскреснување“ (1988), „Вознесување“ (1989), „Вдахновение“ (1990) и поемата „Распетие“ (1997). Има издадено 6 музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995) албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс во изведба на Канго, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998) кој е компилација од најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера. Кон крајот на 2007 година излезе седмиот албум наречен „Откровение“. Покрај многуте свирки и концерти во Македонија, Канго има настапувано и во странство на Заечарската гитаријада во 1994 и 2001 година, има одржано концерти во Нови Сад и Белград 2004 и концерт во Виена во 2004 година.

Со своето движење „Мактеон“ има организирано повеќе македонски космополитски средби како и чествувања по повод раѓањето на големиот македонски цар Александар Македонски на локалитетот Горно Гратче, на планината Осогово, во близината на Кочани. 

Симеон Иванов - Канго зад себе остави седум музички албуми и четири стихозбирки , сопруга , 3 деца и внуци.