Македонската сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева објавена во Шпанија

Добивај вести на Viber

Една од најпознатите шпански издавачки куќи „Трамунтана“ ја издаде сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ чиј автор е Бистра Георгиева, а илустрациите се на шпанската илустраторка Моника Каретеро. Сликовницата е издадена на шпански и каталонски јазик и веќе може да се најде во книжарниците низ цела Шпанија, по што ќе следува и нејзино издавање на територија на Латинска Америка. „Џиновска продавница за фантазии“ беше издадена лани во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача преку интернет-страницата www.literatura.mk.

Инаку, ова е втора соработка на Бистра Георгиева и една од најпознатите европски илустраторки Моника Каретеро. Каретеро која е автор на повеќе од 70 книги издадени во Шпанија, Англија, Австралија и САД е добитничка на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги.
 
Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, потоа работеше на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Три години беше уредник во „Фчерашни новости“. Моментално работи како раководител на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија.
 
Издавачката куќа „Трамунтана“ е специјализирана за детска литература, а шпанското и каталонското издание на „Џиновска продавница за фантазии“ може да се купи и онлајн преку „Амазон“.