Македонската убавица Андријана Илиоска: Омилено летно парче засекогаш ќе ми биде мини фустанче, а во лето нема потреба од шминка

Добивај вести на Viber

Вели дека секојдневно се стреми кон остварување на своите цели

24-ри годишната Андријана Илиоска е една од најангажираните македонски манекенки во светот. Имено таа позади себе има богато портфолио кое е закитено со многу признанија и награди за Мис, како и модни кампањи за восхит.

Почетоците на својата модна кариера ги имаше во Милано во Италија, каде беше дел и од најголемиот настан во историјата на модата, кога историскиот бренд „Moncler“ го прослави својот 70-ти роденден со голема манифестација и голема модна ревија на пијаца Дуомо.

За своите досегашни успеси, за идните планови, како и за своите омилени работи во лето, Андријана зборува во нашето интервју.

* Како започна твојата приказна со моделинг и манекенство? Дали тоа беше твоја желба од малечка?

- Љубовта кон моделингот ја имам од најрана возраст, а мојата приказна започна на мои 14 години, кога за прв пат се појавив на кастинг и бев одбрана да бидам заштитно лице на детското списание „Наш Свет“. Тоа беше мојата прва фотосесија и истовремено мојата прва насловна страна.

* Важиш за една од најангажираните модели од нашата земја, со тоа и често менуваш места на живеење и си далеку од дома. Дали твоето семејство отсекогаш ти било поддршка или пак имало предрасуди на почетокот на кариерата?

- Дел од мојата професија е и често менување на местото на живеење во зависност од ангажманите кои што ги имам, јас сум девојка која што обожува да патува, па така, тоа е можеби и омилениот дел за мене. Олеснителна ситуација е што токму моето семејство е до мене во секој мој следен чекор, среќна и благословена сум што ја имам нивната поддршка од самиот почеток. 

* Моментално си на адреса во Милано, Италија- еден од најмодерните градови. Каков е животот таму?

- Токму така, веќе две ипол години живеам и работам во Милано, истовремено патувам и на други локации. Животот во Милано е прекрасен. Милано е метрополата на модата, има безброј можности, најважните модни случувања се токму таму, затоа ми претставува огромна чест што имам можност да работам и живеам таму.

* Позади тебе имаш богата манекенска кариера исполнета со многу успеси. Успех/фотосесија/ревија на кој си најгорда?

- Секој ангажман има посебно место во моето срце, со секоја нова фотосесија или ревија стекнувам ново искуство, запознавам нови луѓе и учам нешто повеќе, но сепак доколку би морала да изберам само едно, тогаш тоа би било моето учество на Модниот викенд во Милано. 

* Дали навистина важи она дека манекенките се изгладнуваат и имаат специјален режим пред важни ревии и фотосесии?  Како ти го поднесуваш тоа?

- Повеќе од јасно е дека доколу некој сака да изгледа добро мора да се придржува до некаков здрав начин на живот. Во моделингот тоа да изгледаш добро и во секој момент да си фит е многу важно па така сите модели имаат специјален режим. Лично за мене, мојот начин на живот е здрав, со здрави и избалансирани оброци и редовни тренинзи. 

* Дали некогаш се случило да мора да направиш некоја голема трансформација поради некој ангажман, па да ти било тешко да ги прифатиш тоа?

- Во модниот свет се случуваат и такви работи, но до сега јас не сум имала такво искуство. Сметам дека веќе брендовите и кастинг директорите избираат модел кој што веќе им се допаѓа без да има потреба од преголеми промени.

* Што ќе прави Андријана ова лето, каде на летен одмор?

- На 11-ти јуни заминав во Кина, имам договор од 3 месеци, што значи дека ова лето ќе го поминам таму, а кога сме кај одморот сѐ уште немам никакви планови.  

Твое омилено парче облека за лето/ твое омилено парче шминка за лето?

- Омилено парче облека за лето засекогаш ќе биде мини фустанче, а кога сме кај шминка, сметам дека во лето нема потреба од премногу шминка, така да би избрала добра хидратантна крема за лице и маскара. 

* Твој рецепт за убавина?

- Јас лично сметам дека сите ние сме најубави и зрачиме со најубава енергија кога сме самоуверени и задоволни од самите себе, па така мислам дека рецепт за убавина е секогаш да работиме на тоа да сме најдобра верзија од себе на сите полиња во животот. 

* Мото кое те води низ животот.

- „Упорноста е клучот за отклучување на твојот потенцијал. Остани верен на својата визија, задржи ги своите стандарди и гледај како твоите соништа се исполнуваат.” 


*Д.Караташова Илиоска