„Макфест 2023“ годинава најавува: Македонската музичка „прва лига“, неколку домашни суперѕвезди и музика за сите вкусови и возрасти

Добивај вести на Viber

Како што најавија организаторите, годинешново 38-мо издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“ во Штип, според списокот на музички имиња и квалитетот на песните кои ќе ги изведуваат, ветува уште посодржајна и поатрактивна музичка понуда од минатата година. Ако фестивалот лани направи крупен исчекор од  „неколкугодишната летаргија“, годинава се очекува тој со крупни чекори „од седум милји“ да  зачекори кон изданијата од своите најдобри денови во долгата и богата историја.

За тоа гаранција даваат најнапред избраните композиции во обете фестивалски вечери. Првата вечер на млади надежни имиња и фестивалски дебитанти  воедно има и натпреварувачки карактер, зашто половината најдобри од неа ќе се најдат на сцената на “Макфест 2023“ и во следната, ревијална вечер, рамо до рамо со поголемите, попознати и веќе етаблирани естрадни имиња.


Некои од нив како Драгана Јовановска, Тијана Периќ, Бранкица Свирков – Бани (во дует со Томе Токи), Марија Грујовска, Александра Трајческа… веќе имаат големо естрадно искуство, зашто некои од нив учествувале на поголеми и помали домашни и регионални музички, талент, шоу натпреварувања и фестивали, па поединци дури имаат и фестивалски победи или освојувале друг тип награди.

Како и да е, севкупно и првата вечер ветува одличен сценски настап, потенцијални хитови и балади, интересни дуети и избор на најдобрите кои ќе ја комплетираат втората, ревијална вечер.

Во неа пак годинава ќе имаме вистинска македонска музичка „прва лига“ засилена со неколку македонски суперѕвезди. Некои од нив пред извесен број години учествувале на „Макфест“, некои за прв пат се на сцената на домот на културата во Штип, но сите заедно се едни од најголемите македонски музички имиња, со бројни настапи, концерти, турнеји и секако… дузина хитови зад себе што и денес ги пејат и повозрасните и помладата публика, радиостаниците  со години не престануваат да ги вртат во радиоетерот.


Музички и продукциски, уметничкиот директор Роберт Саздов и неговиот тим соработници како што самиот изјави, направија се’ звукот на „Макфест“ да биде уште поблизок до актуелните, светски, музички трендови  од друга страна, со свеж  звук и модерна продукција блиски до младата публика, да не се заборави и онаа повозрасната, која ќе може да ја препознае песната блиска до нејзиниот вкус и сензибилитет. Со еден збор на „Макфест 2023“ ќе има музика за сите вкусови и возрасти.

Со таа цел и во тој дух е создаден и годинешниот слоган, односно годинешното мото на фестивалот: „38 години Макфест – „Фестивалска симфонија за цела Македонија“! Како дел од фестивалскиот редизајн е и новата официјална музичка шпица на „Макфест“, која после цели 32 години ќе ја доживее својата замена, а нејзин автор е токму уметничкиот директор на фестивалот, реномираниот македонски  композитор и музичар, Роберт Саздов.

Организационо-извршната и продуценстка екипа  предводена од Александар Арсовски, организатор и координатор на Макфест од општина Штип,  исто така има полни раце работа, сакајќи фестивалот покрај музичките, да го надополни и со иновативни визуелно-сценски содржини, кои ќе ја збогатат комплетната аудио-визуелна слика на „Макфест 2023“ за комплетно уживање и на публиката во салата и на ТВ гледачите.


Претходно за сите детали и поединости, претставниците на македонските медиуми ќе бидат известени и информирани на ПРЕСС конференцијата со мини коктел, која е планирана да се одржи во првата половина на месец октомври во еден елитен хотел во Скопје. На неа ќе бидат презентирани и најмалите ситници околу учесниците, композициите, водителите, презентерите, жирито, црвениот тепих, фоајето, сцената, бекстејџот… И секако директниот ТВ пренос на МРТ од двете вечери, но и директниот „лајв стриминг“ на Интернет  и социјалните мрежи на уште неколку интернет канали и платформи на кои сите случување пред почетокот, за време на одржувањето и по завршувањето на „Макфест 2023“ ќе бидат директно емитувани, а изјавите, разговорите, интервјуата… на фестивалските  протагонисти преку снимки, поткасти и емисии и одложно емитувани.

Се на се’,  на годинешниов „Макфест 2023“  кој ќе се одржи на 20 и 21 октомври во Центарот за културата „Ацо Шопов“ во Штип очекувајте едно многу поинакво издание на најпознатиот фестивал во Македонија.