Марјан Неќак добитник на наградата
Македонскиот режисер, композитор и основач на битолскиот „Подвижен Музички Театар“ (Moving Music Theatre Bitola), Марјан Неќак е добитник на наградата „Марул“ што ја доделува хрватскиот фестивал на драма „Денови на Марулиќ“.
Во изјава за МИА, режисерот Неќак потврди дека жирито на годинешниот фестивал во Сплит, одлучило наградата „Марул“ да му ја додели за претставата „Девојчето со жиците“ како најдобро уметничко остварување на „Денови на Марулиќ“. – Фестивалот „Денови на Марулиќ“ заврши синоќа, а нашата претстава „Девојчето со жиците“, копродукциски проект на ММТ-Битола и Словенечки народен театар-Љубљана, беше во конкуренција со12 драмски претстави кои беа изведени на неколку театарски сцени во Сплит.
Одлуката на жирито во кое беа актерката Ања Шоваговиќ Деспот, режисерот Иван Плазибат, потоа Динка Јеричевиќ-сценограф, Ана Пролиќ-драматург и Дубравка Црнојевиќ Цариќ-театролог е едногласна и ние сме среќни што добивме уште едно високо меѓународно признание, изјави режисерот и композитор Неќак. Во претставата „Девојчето со жиците“ за која стиховите ги напиша Ана Бунтеска, настапуваат словенечките актери Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.