Маските се најжешкиот асесоар сезонава: Понудата пораснала за 40%

Добивај вести на Viber

Истиот момент кога Луј Витон, Гучи и Прада објавија дека ќе пренаменат делови од своите фабрики за изработка на маски и заштитна опрема, вицовите на оваа тема почнаа да се шират со светлосна брзина.

Многу од шегите беа добри, но неоправдани – маските кои доаѓаа од луксузните модни куќи беа небрендирани и беа наменети за луѓето од првиот фронт во болниците, па воопшто и не беа достапни во продажба.

Но, како што развојот на корона-кризата деновиве секаде низ светот почнува да го наложува носењето маски во јавност како задолжителна мерка за сите, овие шеги на сметка на високата мода – молкнаа.

Осцилирајќи помеѓу позициите медицинска неопходност и модна изјава, маските влегоа на голема врата во нашето секојдневие, па дизајнерите и претприемачите логично чувствуваат нова можност.

Минатата недела „Вог“ постираше сторија насловена „Маски кои можат да се купат – сега“. Речиси секој ден на електронското издание, магазинот рекламира компанија, која претставува ново производство на маски. Маските сега се произведуваат од свила, тексас, полиестер и еластин кои се користеа за изработка на костими за капење. Не се различни само материјалите од кои се изработуваат, туку и нивните модели. Има и разни иновации, со менливи резервни филтри, резервни држачи и сл. 

Бидејќи маската, покривајќи голем дел од лицето блокира и дел од невербалната комуниакција и изразувањето емоции, веќе можат да се најдат и маски со испечатени насмевки или изрази на негодување. Наскоро палетата на мотиви со емоции се очекува да се прошири. Како понудата на емотикони во дигиталното изразување.

Според светските компании за електронска продажба, во првата четвртина на 2020 година се бележи 40 проценти повисока понуда на маски во споредба со крајот на минатата 2019 година. Статистиките на американска компанија за е-продажба покажуваат дека купувачите бараат маска девет пати во секоја секунда, а бројот на понудувачи на маски пораснал пет пати и сега изнесува 20 илјади. Во САД носењето маски е задолжително само во неколку држави каде што е концентриран најголемиот број корона-случаи.

Експертите предвидуваат дека маски ќе се носат најмалку уште една година, додека се развие вакцина против вирусот. Посматрачите на трендовите, пак, сметаат дека маските ќе станат факт на секојдневниот живот, кој ќе го носиме со себе на излегување од дома со истата логика како и палто, да речеме, или очила за сонце.