Маските стануваат задолжителни: Од вирусот ќе нè заштитат, комуникацијата ќе ја замаглат

Од денес маските се задолжителни при секое излегување на јавен простор за жителите на Куманово, Прилеп и Тетово, а наскоро, според најавите од Владата, се размислува така да биде на територијата на целата земја. Заштитните маски, всушност, ќе бидат компензација за полицискиот час, чие траење, во рамки на олеснувањата на рестриктивните мерки, од почетокот на следниот месец најверојатно ќе биде смалено.

Многу земји во светот воведоа задолжително носење заштитни маски за да се спречи натамошното ширење на вирусот. Оваа мерка, уште пред да стане задолжителна, кај нас беше прифатена, наспроти поделените ставови на здравствените експерти околу нејзиното користење. Сега, откако е најавено дека маската ќе стане задолжителна на целата територија на земјата, се отвораат некои други нејзини аспекти, пред сè комуникациски. Зашто сега ќе си приоѓаме без целосна поддршка на лицето и информациите кои со него ги пренесуваме. Не многу поинаку од астронаутите, нуркачите и другите високоадреналински типови, кои функционираат во опасни услови.

Заштитните маски преку носот и устата ќе покријат некои важни сигнали кои луѓето со илјадници години ги користат во својата комуникација за да се разберат и да пронајдат заеднички јазик, пишува „Асошиејтед прес“. Нашите умови се фокусираат на лицето на ист начин како што пеперутките се фокусираат на цветот затоа што лицето е непресушен извор на информации..

Кога маските сега нагло и насилно ќе ни одземат половина од лицето, ќе настрада и манифестацијата на сите емоции кои досега можеа да се изразат преку него.

Смеење и негодување, движењето на усните, брчките на работ од усните, движењето на образите, одобрување и неодобрување, рефлексни гестови – тоа се само некои од информациите кои сега ќе бидат покриени со маските. И тоа не ќе биде само прикривање, туку и блокирање на овие емоции, велат експертите. Тоа ќе е целосна комуникациска бариера. Не ќе знаеме дали тој спроти нас е пријателски настроен или не, дали се смее или е саркастичен, а очите, се чини, ќе мора да зборуваат многу повеќе отколку досега.

Но, и тоа не ќе биде доволно. Покриената половина на лицето ќе донесе проблеми и во деловната, а не само во приватната комуникација. Консултантите за деловни вештини велат дека кога луѓето се гледаат во очи –не знаат како е настроен соговорникот, а цел еден комункациски канал е придушен, па дури и по малку угаснат.

Што ќе стане со насмевките, за кои се испејани толку песни?

Насмевките се несомнено важни во нашите животи. Со нив ги пречекуваме дома членовите на семејството, ги поздравуваме соседите, трговците во дуќаните, возачите во јавниот превоз, познаниците на улица... Или барем така беше порано. Како ќе биде сега, кога во битката со пандемијата ќе се жртвува и насмевката? Ќе ги изгубиме нијансите на насмевката, која реферира топлина, способност, доверба, привлечност и уште серија други емоции, сугерирани досега преку оваа невербалната комуникација.

Генерално, невербалните знаци играа централна улога во нашата досегашна комуникација, а ние за тоа дури и не бевме свесни. Но, кога тие знаци ќе ги снема под заштитната маска, луѓето ќе се ориентираат на исходот а не на процесот, велат експертите тврдејќи дека со маските ќесе изгубат одредени нијанси во човечката интеракција.

Ј.Ф.