Пред некој ден налетав на еден (поучен) текст или виц. Парафразирам...во некоја стоковна куќа стоел натпис дека на првиот спрат имало мажи кои се убави и богати. Жените кои отишле на спратот ги чекало известување дека на вториот имало мажи кои се убави, богати и чувствителни. Веднаш заминале спрат погоре. Е сега, вицот тера некаде до шестиот спрат каде што имало убави, богати, чувствителни мажи кои се верни и ја почитуваат жената, кои сакаат деца и дом, кои се спремни да помагаат по дома (оваа дефиниција ме вади од кожа), но дека на седмиот спрат ги чекало вистинско изненадување. Нормално, сите заминале на седмиот спрат каде што го имало следново: со ова се докажува дека никогаш ништо не ви е доволно за да бидете задоволни и среќни. Крај!
Отпрвин се изнасмеав, а потоа се запрашав колку има вистина во тоа. Колку навистина сме ситничави и пребирливи во она што го бараме, или еве и обратна верзија, колку знаеме да бидеме задоволни со она што го имаме. Да се биде сам не е лесно. Ова знам од искуство. Некогаш смирувачки делува и самиот факт дека имате некој до себе, му го слушате дишењето. Што е она што го барам? Што е она што го бараат жените?
Никогаш во животот не сум го гледала физичкиот изглед или општествениот статус, за да бидам со некој. Ми била важна хемијата, онаа која се случува кога душите ќе се препознаат и ќе се случи оној “клик”, за да ми се преврти утробата. Затоа секогаш велам дека без хемија не може да има ниту физика (нормално, во меѓучовечки односи). Сигурно ви се случило да запознаете некој кој според сите стандарди(!) е идеален. Ама ништо. Едноставно, отсуството на кликот меѓу вас, не дозволува тој човек да ви биде ништо повеќе од само пријател. А некогаш, во толпата доволен е само еден поглед за да ви застане здивот и да сакате да знаете се’ за некого.
Разумот станува одвишок кога ќе проработи срцето. Барем кај мене било така. Можеби сум старомодна, но за мене е губење време да се терам себе отпосле да почнам да чувствувам нешто. Е сега, тоа не значи дека партнерот не треба да ви биде истовремено и сродна душа, пријател и љубовник. Впрочем, пријателството најдолго трае, откако ќе одлетаат првичните пеперутки и откако хормоните ќе се смират.
Што е она што жените сакаат од мажот и од една врска?
Да направиме прво јасен рез. Не зборувам за оние жени кои се тргнати по лов на идеален маж, маж по калап кој ќе ги задоволува пропишаните норми. Познавам многу жени кои се самостални, кои знаат да се снајдат во секоја животна ситуација и на кои не им е важно дали партнерот ќе им го придржува палтото или вратата од автомобилот. Познавам жени кои низ животот се научиле да се потпираат сами на себе и на кои не им треба маж за да им купува подароци или да им ги влечка кесите од пазар. Таква сум и јас. И постои еден непобитен факт дека таквите жени најтешко наоѓаат партнери. Не затоа што се независни, туку затоа што од еден однос бараат суштински работи. Помош низ куќа не ми треба. Работам како машина за да обезбедам доволно и да можам да платам жена за да зачисти. Ко за (наизглед) кршлива, знам да носам товар до половина од мојата тежина без да офнам. Е да, рацете ме оддаваат, но тоа бил мојот избор и никој не ми е виновен. Жените на кои не им треба банкомат и амал имаат поголеми барања. Тие бараат и во добро и во зло да имаат човек со кого ќе споделуваат. Бараат посветеност и верност. Бараат односот да се заснова на меѓусебна почит и поддршка.
Нив не им треба маж по калап. Не им требаат формалности ниту пак маж кој физички е тука, а со умот којзнае каде. Тие жени сакаат да имаат доверба во кажаното “не се грижи, ќе го минеме ова заедно”, кога работите ќе тргнат удолу.
Тие жени сакаат маж кој на првата кривина нема да исчезне и кој ќе знае да ја сподели одговорноста и да бара решение за проблемот. Тие жени не можете да ги импресионирате со најновиот модел на автомобил, скапа облека, статус во друштвото. Тие жени не паѓаат на изрази како што се “маче”, ”срце”, ”кукло”, ”злато”. Тие жени ќе ви ископаат очите ако им продавате ветер и магла (погодувате дека друго ми падна прво на ум, нели?) и ако им ја потценувате интелигенцијата. Тие жени се борбени и знаат што сакаат. И ќе ве почитуваат и сакаат само ако сте спремни да ги прифатите онакви какви што се, без да се обидувате да ги моделирате по вашите мачо-стандарди.
Тие жени се најчесто сами. И најчесто остануваат сами. Некогаш и заради тоа што се научени да бидат сами и затоа што примиле доволно удари во животот за да прават компромиси кои им изгледаат бесцелни.
Нивната (а и мојата) грешка е во тоа што не сакаат да покажуваат слабост. Но, од друга страна барем сте на чисто со нив. Тие не трепкаат кога ќе ја оплескате, за да сепак си го истераат своето и ве насамарат. Тие се гласни и викаат. Викаат и пцујат, се расправаат, ги бранат своите ставови и мисли. Ниту ќе влезат во вашиот калап, ниту ќе се обидат да ве пикнат во својот., бидејќи знаат оти тоа е однапред изгубена битка. Секоја од овие жени ја нарекувам жена-змеј. И да бидете сигурни дека ако таква жена е покрај вас, тоа е само затоа што ве љуби. А тоа знае да плаши, нели? Затоа што таа не зависи од вашите финансии или изглед. Таа може без вас, ама не сака. А таквите жени најтешко се “скротуваат”.
Баба ми и дедо ми беа безмалку чуден пар. Таа беше на времето една од најубавите жени во Битола, со лик кој потретува на дамнешните холивудски глумици. Личеше на Ава Гарднер и имаше железна волја и ум. Дедо ми беше висок и слаб, не личеше на глумец и беше вљубен во баба ми до својата смрт. На времето знам дека баба ми можела да бира со кого ќе заснова семејство и ќе го врви животот. Како дете ја имав прашано зошто токму дедо ми?! Нејзиниот одговор беше дека љубовта кон него како кон човек и маж за кој знаела дека никогаш нема да ја изневери (пред се’, како човек), била пресудна. Заедно создадоа дом, заедно ги поминаа сите борби, до онаа последната во која дедо ми го снема. Секогаш велеше дека се’ може да се создаде заедно. И куќа и пари...таму каде што има љубов и слога.
Не барајте маж по калап. Слушајте си го пилето во градите. Се’ поминува...и слава и пари, животот е тркало кое се врти. Еднаш сте горе, еднаш сте долу. Ама каде и да сте, да знаете со кого сте и дека тој некој ќе е тука што и да се случи.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не ми ветувај љубов која крај ќе нема
Оти се’ на светов свој почеток и крај има
За да може кругот животен да се врти без престан
А со него и ние по неколку пати да се раѓаме и умираме
Ниту сакам ѕвезди од небо да симнуваш
Остави ги онаму горе
Токму таму каде што треба да бидат
Оти јас и онака накит не носам
Не ми ветувај дека се’ мед и млеко ќе биде
Оти од мед и млеко стомакот не се полни
А и блажината поубава ќе биде
Ако некогаш шака горчливи бадеми изголтаме
Ниту сакам во мир да бидеме секој пат
Ете некогаш и да се покошкаме сакам
Да те чујам и гласот да ми го слушнеш
А и постелата велат помека е после караница
Не ми ветувај дека јас единствена љубов ќе ти бидам
И дека за мене би умрел туку така
Оти рожбата наша пред мене да ти биде сакам
И за неа да живееш а со тебе и јас да се радувам
Ниту сакам голема куќа да ми стокмиш
И сите одаи од злато и мермер да тежат
Сакам сопче во кое љубов ќе ти дишам
Од кое дворец и дом ќе ти направам
Не ми ветувај оти ти пред мене на оној свет ќе одиш
Оти тој што љуби секогаш за тоа се моли
За болката од напуштање на саканиот да не ја сети
И ко жив мртовец на земјава да продолжи
Ниту сакам алтани дома да ми носиш
Ако на себе насмевка од дома не облечиш
И пред в куќа да влезеш грижи од себе расоблечиш
Та да те гоштевам со душава и телово до зори
Не ми ветувај
Не ми ветувај она што и обајцата знаеме
Дека ветено-сторено не ќе биди
Ете
Вети ми оти низ веков ќе врвиме без лаги
И оти срцата топли еден за друг ќе си ги чуваме
Вети ми оти ноќ ќе нема
Која без твојот бакнеж ќе ја минам
И дека ден не ќе осамне
Без во тишина да се чуеме како дишеме
Вети ми оти пред тебе ако одам
Ќе ме имаш на ум ко љубов
И дека ќе живееш ко тука да сум
Вети ми оти во друга, мене нема да ме бараш
И дека сам не ќе останеш
Еве
Еве вети ми оти ако пред мене заминиш
Ќе ме чекаш дур да дојдам
И дека нема да ме заборавиш
А до тогаш
До тогаш само живот вети ми
Во кој се’ ќе има
И во кој и ќе се опцуеме и ќе се галиме
Заедно ќе тагуваме и на глас ќе се кикотиме
Во кој и здравјето и болестите
Еден до друг ко карпи две ќе ги тераме
За среќен да бидиш
И среќна да ме направиш
Вети ми
Вети ми