Ме мотивираат храбри жени во овој суров свет: Утринско кафе со Нина Маџиров

Денот најчесто ми започнува со читање на работните меилови, и потоа секако утринскиот ритуал на скролање инстаграм. Редовно, ја практикувам мојата омилена американска навика и нарачувам од моето омилено кафе од Старбакс. Се подготвувам, одам по кафето и утрото веднаш после тоа ми продолжува со утринска јога или пилатес во локалното студио.


Ме мотивираат успешните жени што покажале храброст во овој суров и апсурден свет. Жените што успеале да се издигнат над нивните трагедии. Жените кои сеуште ја применуваат својата добрина кон луѓето без разлика на тоа како биле третирани во минатото. Енергијата на Лос Анџелес ме мотивира да го дадам најдоброто од себе и да ги постигнам моите цели и желби во поглед на секоја уметност.

Моите дневни обврски најчесто се состојат од снимања на сет и одејќи по аудиции. Годината ми започна со две големи аудиции, првата беше за позната Нетфликс серија, а втората за многу популарна ХБО серија, за што нажалост сеуште неможам многу да споделам. Исто така работам парт-тајм во продуцентската куќа Four Point Star како Извршен Продуцент. Задолжена сум за пост продукцијата на документарниот филм за Џон Ван Хамерсвелд, што работел со светските звезди како Mick Jagger, John Lennon, Jimi Hendrix. 

Денот најчесто ми завршува пишувајќи го моето ново филмско сценарио, кое што веќе го пишувам подолг период. Секако со маска на лицето и пиејќи го мојот омилен чај. За викендите, вечерта ја минувам со моите пријатели во добар ресторан, бар или играјќи некоја забавна друштвена игра. 

Обожавам после работа да си ја пуштам серијата која што во тој период ја следам. Токму сега ја завршив “The Witcher” на Нетфликс, која што ме фасцинира. Во моментот по четврти пат ја читам “Чекајќи го Годо” од Самјуел Бекет. Секогаш кога ја читам таа антидрама (театар на апсурдот) ја разбирам и доживувам на различен начин. Таа приказна претставува празнина, чекање како празно дејство. Тоа ме натера да се запрашам самата себеси дали некогаш ќе го дочекам својот Годо...?


* Нина Маџиров - актерка и продуцент