МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА ЖЕНАТА ВО ВРЕМЕ НА КОВИД-19

Добивај вести на Viber

Проф. Д-р Славица Арсова - психијатар при ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во интервју за Женски магазин вели дека менталното здравје на жената со своите карактеристики се смета дека е со поголем ризик за последици во услови на пандемија од КОВИД19.
Доколку се вели дека поголем дел од здравствените работници или соработници се жени, вклучени во општествени дејности во тесна релација со јавното здравје или пак се во сектори со несигурен приход, тогаш можно е последиците врз менталното здравје на жените во услови на пандемија да се исто поголеми.

Кои се ризичните периоди за женското ментално здравје?

Велиме дека ризични периоди за женското ментално здравје се сметаат пременструалните периоди, репродуктивниот период (бременост,породување, постнатaлен период)и периодот на менопауза.Сите овие периоди имаат свои карактеристики, па се смета дека голем процент девојки имаат т.н. пременструални потешкотии, како зголемена раздразливост, напнатост, променливо расположение и телесни сензации кои некогаш значително ја нарушуваат способноста за лично и работно функционирање.

Ако е ова така,тогаш мора да се помисли и на жените кои се активно вклучени во борбата со актуелната пандемија, со своите ПМС тегоби,а со ограничени можности за засилено одржување на личната хигиена, одмор или примена на други техники за редукција на овие потешкотии.

Другата група на жени им припаѓа на оние кои се во процес на забременување. Кај некои, обидите може да се повторувачко неуспешни,со раст на анксиозноста и депресивноста кај двата партнери, но многу повеќе кај жената со чувство на неуспешност, празнина, намалена самодоверба, тага и лутина.Секако и овие жени се вклучени во борбата со Коронавирусот, а од друга страна имаат намалена можност за пристап до гинеколошките служби.

Дали жените во вакви услови може да продолжат активно со процесот на фертилизација и како сето тоа влијае на нивната ментална состојба?

Периодот на бременост и после породување сам по себе е деликатен, со бројни хормонални промени, промени на психолошки план, развој на релација со своето бебе, процес на доење, активна грижа за себе и бебето, а и за целото семејство.Постнаталниот период очекувано е следен со зголемена раздразливост, можна плачливост, несигурност, одредена вознемиреност, но сето тоа е од преоден карактер и вообичаено кај мајката не постои нарушување на способноста за мајчинска грижа.Но, не е секогаш така. Постнаталниот период може да биде потежок за жени кои имале минати епизоди на депресивност, жени кои се изложени или биле изложени на семејно насилство, непланираната бременост,самохраните мајки и оние кои живеат во неподдржувачко семејство.

Се смета дека во услови на пандемија еден дел од мајките во постнаталниот период ќе бидат активно вклучени во работниот процес во здравствениот систем со прекинување на породилното отсуство, а други пак мајки ќе се соочат со финансиски потешкотии или со зголемен ризик од раст на семејното насилство. Од друга страна, во услови на пандемија пристапот до редовните контроли во постнаталниотпериод е намален како за мајката така и за бебето. Ова е дополнително отежнувачки фактор за менталното здравјена жената во постнаталниот период.

Останатата група жени вклучува зрели или повозрасни жени,кои имаат најактивна работна но и социјална улога. Некои од нив се во период на пременопауза или пак во менопауза со психолошки и биолошки промени, а со силни очекувања и барања и од работната и од семејната средина. Овие жени кои имаат најголем удел во здравствениот систем во исто време имаат и улога на мајка, сопруга, партнерка и ќерка на нејзините повозрасни родители.

Сето ова укажува на потребата од зголемена будност и грижа за менталното здравје на жената во услови на КОВИД-19 - укажува проф. д-р Славица Арсова и додава дека универзитетската клиника за психијатрија нуди телефонски линии за психолошка поддршка за секоја ранлива група граѓани кои чувствуваат таква потреба.

Здрава мајка-здрави деца-здраво општество! - додава проф. д-р Арсова.