Ми нанесоа морална штета како автор на книгата „Ова не е крај“ посветена на Тоше Проески, им простив само поради еден пријател

Добивај вести на Viber

Син ми ни сопшти дека има нов пријател. Уште на почетокот од нивната дружба за него зборуваше само во суперлатив. Понекогаш ќе раскажеше некој виц кој си го размемниле во муабетот, додека биле во кафуле или на ручек во кафана.

Дојде денот кога и ние требаше да го запознаеме. Син ми нѐ извести дека го поканил дома на ручек. Тогаш ни откри дека неговиот пријател е слеп. 

Признавам, во тој миг телото ми го облеаа чувства на тага и болка, кои се претвораа во капки ладна пот. Безброј прашања ми се „мотаа“ во главата. Смеам ли да му го поставам најтешкото прашање, кое директно допира до неговата приватност, интима? Дали ќе го повредам? Колку е подготвен да ми го открие својот свет?

Знаев дека ќе се запознам со слепо момче и со сите помагала кои ги користи. Но, не знаев дека ќе запознам една толку позитивна личност, поткована со знаење за многу теми. Отворена и искрена. Додека зборуваше во ниеден миг не почувствував сетност или тага во неговиот глас. Тоа што многу ме направи среќна беше и однесувањето на син ми. Сосема спонтано ја доближи масата до столчето каде што седеше неговиот пријател и го стави приборот за јадење на најсоодветното место. Зборуваше со него исто како и со останатите другари кои ни доаѓаа на гости. Никогаш не спомна дека му помага или се грижи за него кога се надвор, во кафуле или кафеана, туку дека се дружи со него. Тогаш сфатив дека книгата на Дипак Чопра „Седумте духовни закони за родителите“ која ја прочитав повеќепати, сум успеала да ја спроведам во дело. Особено оној, првиот закон кој гласи „потрудете се вашето дете да биде добар човек“.   

На заминување, се обидов да му помогнам да го облече само едниот чевел. Се наведнав и во тој миг одеднаш ми протекоа солзи, како дожд од облак среде лето. Почнаа да ги квасат врвките од неговиот чевел. Заборавив дека гледа со срцето, а чувствува со душата. Молкот го прекина неговото прашање: „Дали сте добра?“

Нивнота дружба траеше четири години. Тој беше редовен гостин и на родендените и имендените на син ми. И обратно. Неговиот бескраен талент за професијата што сам ја одбрал го одведе во друга, економски богата земја. Таму живее и успешно работи. И среќен е.

Многу ќе ми беше драго ако беше присутен во земјава, да беше дел од промоцијата на аудио изданието на книгата „Ова не е крај“ посветена на Тоше Проески. Можеби тогаш и бил овде, ама не знаев. Исто како што не знаев, иако сум автор на книгата, дека настанал таков проект.

Дознав преку медиумите. Сојузот на слепи лица со поддршка на Министерството за култура, промовираше аудио издание на книгата „Ова не е крај“. Во еден миг се запрашав „дали има некое ново дело со ист наслов“? Ја читам информацијата проследена со фотографии од тогашниот министер и првиот човек на Сојузот, но  никаде не се спомнува авторот на книгата. 

Се јавив во министерството да ги прашам дали во доставената документација пред одобрение на проектот, има и согласност од авторот на книгата. Испратив и меил во кои потенцирав дека ми нанесле морална и материјална штета. Ми одговорија кратко: „Обратете се до Сојузот за слепи лица. Ние имаме само писмена потврда од претседателот на институцијата во која тој пишува: „Одговарам и морално и материјално за авторот“. А тоа е доволно! Заклучија триумфално! Замислете!

Се јавив кај главниот од Сојузот. Му се претставив која сум. Замолче. Пред да каже било што почнав со мојот монолог: „Како можете вие да гарантирате за мене, без да ме известите? Зарем мислевте дека ако побарате моја согласност, ќе ви побарам пари? Напротив. Честа книгата за Тоше да допре и до вашите штитеници не може да се исплати со ниедни пари. Ќе организирав и работилници. Ќе им го приближев Тоше уште повеќе преку споделување на интересни случки кои ги нема во книгата. Ќе им го збогатев знаењето и со македонската музиката, естрадата и останатите пејачи“. Од другата страна слушнав само: „Дојдете ќе разговараме“. Му го затворив телефонот. Солзите почнаа да ми врнат исто како кога се обидував да му помогнам на пријателот на син ми да го облече чевелот. Се сепнав. Не, нема да го тужам Министерството за култура. Не, нема да одам на разговор во Сојузот, ниту ќе ја барам правдата на суд.

Ми нанесоа морална штета како автор, ама им простив само поради пријателот на син ми и тие како него. Знам дека со срце ќе ја видат книгата и со душа ќе го почувствуваат секој мој напишан збор што ќе го слушнат.

„Само со срцето човекот добро гледа, тоа што е важно, со очите е невидлво“ одамна запишал Антоан де Сент –Егзипери во својата книга „Малиот Принц“, приказна за човечноста и пријателството.

Верувам дека новата животна приказна која пријателот на син ми ја испишува во земјата каде што живее, владее поголема човечност за тие како него. И поголема заштита на неговите права. Но и на правата на тие како мене. Авторското право!

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА