Ми пукна водењакот во седмиот месец, син ми беше два месеци во болница: Искрено со актерката Јана Стојановска

По големиот актер Ненад Стојановски, неговата ќерка, актерката Јана Стојановска му даде име на својот син, кој на шести ноември наполни два месеци. По точно два месеци поминати во болницата во Букурешт, синот на Јана и на нејзиниот сопруг, кошаркарот Андрија Бојиќ, сега е дома.

Ненад е роден во седмиот месец, откако сосема неочекувано, два месеци пред терминот за породување, на Јана ѝ пукнал водењакот. Актерката во Романија се пресели поради ангажманите на сопругот кој игра за кошаркарскиот клуб „Волунтари“. Екслузивно за „Женски магазин“, таа раскажа низ што поминала изминативе месеци, и што ѝ давало сила да верува дека со нејзиниот син, сепак сѐ ќе биде во ред.

„Ненад нѐ изненади сите, нѐ извади од кондури. Беше 31 август и јас се мислев каде да одам да се сончам дента додека е Андрија на тренинг. Сѐ уште беше лето, два месеци пред мојот термин. Сѐ уште не бев сигурна дали сакам да се породам во Романија или да се вратам во Скопје. Прсна водењакот, не бев ни сигурна што се случува, знам само си реков: „Многу е рано” и трк во првата болница што ни ја препорачаа од клубот. Морав да останам во болницата додека не ми се качат леукоцитите, не можевме да знаеме дали тоа ќе трае еден ден или еден месец“, ни раскажа Јана. 

Токму во тој период, Андрија морал да оди на подготовки во Србија, на Златибор. Младата мајка на овие денови се сеќава како на многу хаотичен и тежок период за неа и за сопругот.

„Лежев една недела во болница, па ме породија, со царски рез. Ненад кога излезе беше многу убав, плачеше и дишеше самиот. До последно се опирав на името Ненад, едно затоа што ме врзува за татко ми, а неговата загуба ми е едно трауматично искуство, а друго, затоа што сакав да има некое име какво што никој друг нема да има. Андрија од друга страна сакаше југословенско име. Кога нѐ „изНЕНАДИ“ сите, почнав да попуштам, ама кога ги видов бројките на часовникот во салата, 12:52, си реков- готово, Ненад. Во 1952 година беше роден татко ми“, искрена е Јана.

За тешкиот период што го поминала во болницата, таа раскажува дека сакала да биде сама, и немала желба никој да ја посетува, освен најблиските.

„Бев сама, со телефонот. Кога се породив, им се јавив на мајка ми и сестра ми (актерката Ана Стојановска) да тргаат. Најголема поддршка имав од сите, и моите и од семејството на Андрија и од сите пријатели. Иако беше опасна турбуленција, знаев дека сѐ ќе биде добро. Особено Ненад. Ќе ми треба време да се навикнам да го викам така“.

Актерката себеси никогаш не се сметала за личност која многу знае со деца. Вели дека секогаш најмногу им се радувала на животните.

„Човек се менува. Не очекував дека ќе ме направи толку среќна. Сакам да му го дадам целиот свет, не ми е проблем да се будам во три наутро па во шест па во девет, до крајот на животот ако треба. Сепак има некои луѓе без кои целото искуство ќе беше многу потрауматично, Катерина Станковска и Андријана Стерјовска, моите супер жени, докторки кои ме подготвија за во „белиот свет“ без да ми фали влакно од гинеколошки аспект и кои неуморно ми одговараа на сите панични прашања на сите возможни социјални мрежи. Благодарност до небо!!“, вели актерката. 

Нејзината мајка, Силвија Стојановска за неколку дена заминува за Букурешт, за да ѝ помогне околу грижата за синот. И двете актерки многу се радуваат за оваа средба.

На крајот, Јана оваа своја приказна ја споредува со онаа на дедо ѝ, таткото на Силвија, бардот на македонското глумиште, Ацо Јовановски- Снагата. 

„Прво нешто што помислив кога го родив Ненад е: Па и дедо Ацо е роден во седмиот месец, Ајнштајн е исто така седмомесече. Ако можел дедо Ацо 1930 година да преживее без последици, чуван во рерна наместо во инкубатор, денес во овие услови, на нашиот син не би требало влакно да му фали. И драго ми е дека бев во право. Освен тоа, овде во Букурешт е една од најдобрите болници за неонаталогија во Европа“, раскажува шармантната актерка.

Во претходно наше интервју, Јана изјави дека нејзиниот сопруг сака да има ќерка. 

„Тие се тројца браќа во семејството, а има и внук од брат му. Црногорска фамилија се. Но, спротивно на тоа, ете мислам дека сите сакаат девојче. Јас, сакам и девојче и машко. Целиот живот сум посакувала девојче, но ете, од пред една година сѐ ме влече на машко“, изјави Јана пред неколку месеци за „Женски магазин“.

Милица Џаровска