Милена Лунеска во стихозбирката „Љубов облечена во бело“ ги овековечува своите тажни и весели спомени

Добивај вести на Viber

…Денес, кога на домот наш, ново име му запишуваме,

а ѕвонлива смеа танцува по подовите,

Ти, закопчај ја со душата љубовта наша, како скапоцен костум,

Јас, во невестинско бело ќе ја облечам среќата,

па со насмевки и музика на радоста да ја отвориме вратата,

свечено да го пречекаме ЖИВОТОТ!…

Ова се дел од стиховите од новата збирка „Љубов облечена во бело“ на авторката Милена Лунеска, која деновиве излезе од печат во издание на „Попули“.

Куферот со спомени, радости и таги е полн и тежок. Милена Лунеска од него ја извлекува силата за да си ги исцели раните, да се исправи и да продолжи да се бори. Затоа што животот за неа е и танц и борба и газење боса по трње и посегање по ѕвездите и „Љубов облечена во бело“.

Милена Лунеска е родена во Кичево во 1963 година. По професија е економист и многу години е раководител на сопствена фирма. Но, неколку години бројките целосно ги заменува со зборови, посветувајќи се на пишување книги и на семејството. Пишува проза и поезија, која често се објавува на многу македонски портали. Објавени се и во некои списанија во Црна Гора и Хрватска.

Авторка е на четири романи: „Два часа“, „Исчистени души“, „Ќерката на премиерот“ и „Добро утро, љубов!“, објавени за различни издавачки куќи. Секоја книга е со различна животна тема, емотивно и врвно писателски раскажана, па од тие причини на читателот му станува разбирлива, непосредна и блиска.

Нејзината емотивност и позитивност, односно првиот глас на своите совест, срце и душа, ја пренесува на страниците на новата, петта книга, овој пат стихозбирка – „Љубов облечена во бело“. Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.


https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14844


ПР објава