Мина е херојот на мојот живот: Ќерката на Весна Бејби наполни 14 години

Добивај вести на Viber

Ќерката на актерката Весна Петрушевска, Мина, наполни 14 години. Мина вчера го прослави роденденот со своето друштво и со братот Кирил во еден скопски кафе-ресторан. Весна со емотивен статус ѝ го честиташе роденденот на ќерката на својот Фејсбук профил. 

„ Мина наполни 14 години. Како вчера да беше кога тоа мало муце со две долни запчиња и со едно опавче на сред глава плачеше наоколу при нашата прва средба. Малечка, кревка, дури четири килограми на 9 месеци. Мина одамна е херојот на мојот живот, таа нејзина отвореност, искреност и чесност ме зграпчува. Мина се радува на најмали нешта, на пладневно гушкање, на нагалено Минувче, на луѓето се радува. Во ниту еден момент не ја напушта нејзината верба кон луѓето. Мина има срце како планина и душа како памук. Затоа е Мина Нагазна, од убавини да не куртулиш ќерка! Гази си милно и достоинствено“, напиша Весна Бејби.

„Роденденот помина прекрасно. На Мина ѝ посакав да биде таква каква што е. Искрена, човечна, хумана и достоинствена“, ни изјави актерката.

Лани, во интервју за Женски магазин, Весна отворено зборуваше за злото кое ѝ се случи на Мина како жртва на педофил. 

„ Се борев точно осум месеци, одев на секое рочиште, гледав право во очи, ги издржав беседите на одбраната (за која патем ви требаат челични нерви) и само си зборував сама на себеси дека ова го правам за Мина и за сите други дечиња кои биле жртви. За педофилијата не се зборуваше во ова општество, а предатори околу вас еден тон. Жртвата не е виновна никогаш. Не знам бејб, мене одамна ми е земен сонот. Мина е мојот херој за цел живот. Кирил беше вистински маж, ден денес се грижи дали сум наспана и дали некој ме изнервирал на работа, дали имаме доволно .Тоа дете пак е од Бога пратено, Кирил е нашиот маж“, ни раскажа Весна. М.Џ.