МИНИ ЕНЦИКЛОПЕДИИ ЗА ДЕЦА над 6 години

Добивај вести на Viber

Најнови наслови во издание на ПРОСВЕТНО ДЕЛО се две мини енциклопедии наменети за деца над 6 години. Станува збор за ЧОВЕЧКО ТЕЛО и ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА.

ЧОВЕЧКО ТЕЛО е издание што треба секое дете да го има во својата библиотека. Детето од мали нозе треба да се запознае со функционирањето на човечкото тело во целина, или одделно со органите и со нивната функција. Опфатени се сите сегменти од телото, почнувајќи од коските, мускулите, сетилата, работата на срцето, крвотокот, мозокот и нервниот систем, органите за варење, забите и нивната хигиена, органите за дишење, уринарниот систем, кожата, исхраната и спиењето.

Сите овие содржини се накусо презентирани така што за децата на возраст од 6 до 9 години не само што ќе бидат интересни туку и лесно разбирливи. Ќе ги дознаат основните информации и функции на сетилата и органите, ќе можат да стекнат јасна визуелизација преку илустрациите кои се едноставни и не се оптоварени со детали. Таквиот спој на кратка содржина и впечатлива илустрација  е лесно прифатлив за секое дете. 

* * * 

ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА има за цел да ги запознаеме младите читатели каква планета е нашата планета, како функционира, каков е нејзиниот состав, а потоа да ја разбудиме свеста во нив дека мора многу да се грижиме за неа.

Опфатени се куси содржини, почнувајќи од тоа каде се наоѓа Земјата во Сончевиот Систем, каква е внатрешноста на Земјата, што се вулкани, како настануваат земјотресите, колкави водни површини има (океани, мориња, езера, реки...),што се тоа планини, шуми, пустини, како и содржини за климата и климатските промени на Земјата.

Стилот е ненаметлив бидејќи станува збор за детска сликовница, а фокусот е ставен на основните информации и ништо повеќе. Сето тоа е дополнето со впечатливи илустрации во крупен план со што се создава нераскинлив спој на содржината со сликата. Така, на детето му е и полесно да ги запомни информациите што ги чита од сликовницата. Ја препорачуваме за секое дете да ја има во сопствената библиотека!