Министерот за здравство од денес во самоизолација
Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека од денес и тој останува во домашна изолација.
По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово, а е позитивен на Ковид-19, а на кој присуствуваше и министерот Венко - од денеска тој ќе биде во домашна изолација.
Министерот образложи дека на состанокот ги почитувал сите протоколи за заштита и носел заштитна опрема исто како и останатите присутни.
„Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација.“
Додава дека го имале предвид и се подготвувале и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а министерот и од изолација останува во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжува да ги координира сите процеси во справување со кризата.
Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе се прават преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето.