Мите Грозданов ме излечи со мастика и со бибер: Актерот Дац емотивно се прости од колегата
Актерот Драган Спасов- Дац со емотивна порака се прости од легендарниот актер Мите Грозданов кој почина вчера. Дац раскажа како Грозданов со мастика и со бибер го излечил од настинка.
„ На почетокот на мојата кариера, во бифето во Драмски, Мите седеше со некое друштво. Кога ме виде ми рече: „Дете, напиј се една ракија со нас.“ Реков: „Благодарам, но пијам антибиотици“. “Е, сега јас ќе те излечам“, ми рече.
Порача мастика, чаша вода и цело лажиче бибер. „Испиј го биберот и мавни ја мастиката на екс, водата ти е да не се загрцнеш.“ Реков дека тоа ми е страв да го направам. Тогаш Мите го лапна лажичето бибер и ја испи мастиката на екс.
- Ајде сега ти, гледаш дека не е сташно.
Порача уште една тура од “иљачот” и ми рече: „Ти си на ред!“
Бев ставен пред свршен чин и морав да ја повторам неговата постапка. Земав бибер и ја испив мастиката на екс.
Почна да ми се случува револуција во стомакот и да се потам. Утредента јас бев здрав, дали од антибиотиците или од иљачот на Мите, не знам, ама знам дека температурата и истоштеноста ја снема.
Збогум Мите“, објави Дац на својот Фејсбук профил.