Митови или вистини

Добивај вести на Viber

Седната удобно со макијато пред себе, мижуркам на сонцето кое ме пече низ стаклата во моето омилено кафуле. Лаптопот отворен, страницава празна. Не дека немам идеи, туку ме имаше фатено невидена мрза. Кафулето ко за недела пристојно полно. Секакви не’ имаше. Вака сами како мене, кој со телефон во раце, кој на лаптоп, по некој пар облечени во тренерки, фамилијарни луѓе, од кои некои и со домашните миленици (алелуја) и на неколку маси 2-3 друштва.

Разврзан муабет, пропратен со смеење од 3 повозрасни пара кои меѓусебно се бомбардираат со препукувања на база на машко-женски односи. Едниот од нив (на кого не сакам да му бидам во кожата, со оглед на тоа како го гледаше парнерката) на цел глас раскажуваше за неуспешниот обид на неговата поубава (и навистина беше поубава) половина да го положи возачкиот испит пред 20 и кусур години. Па како и’ било страв да седне во автомобилот, па дека не ги знаела брзините, па еднаш при паркирање како удрила во автомобилот зад себе. И додека тој во детали раскажуваше, се сетив на една случка која беше пред неполн месец.

Бев во едно кафуле во Лептокарија и на одење застанувам на семафор, а пред мене пасат. Зад мене уште неколку автомобили. Едно време добивам чудно чувство дека нешто не е во ред, а знам дека не се движам затоа што ногата ми стои на кочница. Наеднаш осеќам едно благо и нежно удирање и тоа на преден браник. Не ми се верува. Гасам кола, излегувам надвор. Од колата пред мене се извлекува едно момче и ме гледа збунето. Штета нула, ама мене упорно ме копка зошто ме удри и како му успеа. Го прашувам што се случи, а тој крева раменици и сериозен ми вели “немам врска, колата е со автоматски менувач”. ??????? Да се разбереме. Има некои работи што за коли ги знам колку што знам што значи 200 гр шеќер. Или во превод, ич. Значи, немам поим што ми зборува и кое оправдување ми даде. И ме фати смеа. Наеднаш, од другата страна, од кај совозачкото седиште се отвора вратата и излегува еден повозрасен примерок со лик плукнат како овој со автоматскиот менувач. Тато.

А тато (се гледа по изразот на лицето дека) е од оние фраери кои би направиле се’ без пардон за да не им биде загрозено детулето, иако е виновно. Да скратам. Излегува тато и фраерски ми вика “девојче, зашто не’ удри?”. Шок! (што од она “девојче”, што од бескрупулозноста). Веројатно фацата ми била за момент забезекната (можда и сум застанала со подотворена уста), за веднаш потоа да ме фати невиден бес! Ок, жена сум и веројатно за ваквите егземплари тоа е доволно да мислат дека сум лош возач. И тамам да отворам уста и да му покажам дека кога веќе се држи за теоријата дека жена не може да е паметна и добар возач, да му ја потврдам и онаа дека имаме поган јазик, се уфрлува синот “тато, ај влези во кола и престани!”. Коректно. Се поздравивме и заминавме. На следниот семафор се престроив во друга лента за да не сум зад него, за секој случај.

Митот дека од жена не бива возач, ми е ист како оној дека маж не може да биде емотивен. Во Белград ме возеше жена-таксист која ми раскажа дека веќе 18 години си го издржува семејството на тој начин. Во Скопје ме има возено жена таксист. Имам другарка која прва од сите нас што учевме заедно имаше земено возачка дозвола и на која барем 70% од машките шофери можат да застанат пред неа и да и’ се поклонат.

Какви се тие предрасуди?

Какви се тие етикетирања?

Какви се впрочем тие генерализирања?

А, не! Мажите не знаат правосмукалка да фатат, тоа е женска работа. Ма немој!

Не, не, не...жените не се занимаваат со менување сијалици. Стварно?!

Остај...тоа е женска работа.

Немој да фаќаш тоа...машка работа е таа.

Ок. А што е со оние кои живеат сами? Еве, ако ми пукне сијалица дома ќе треба или да живеам цел живот во темница, или да се премажам за да дојде виделина? (да, сарказам е).

Или оние мажи кои се самци треба да скапат во нечистотија и ѓубре...или да се оженат/преженат за да им биде дома чисто.

Не знам колку е умно, ама ја учам ќерка ми дека треба да знае сама да се грижи за себе и домот. Од пазарење па до секакви (дури и банални) ситници. Поделбата на работите не е и не смее да биде втемелена на родова поделба! Сакам да го испратам детето спремно за живот во секоја ситуација. Да знае дека треба да се потпре на себе, а да ужива во благодетот на поделба на домашните работи.

Татко ми знае да готви. И тоа ЗНАЕ одлично да спрема храна.

Имам другар кој не дава жена му да ги фати неговите кошули и сам си ги пегла.

Мајка ми на положен возачки испит нема волан фатено заради инструктор-шовинист.

Имам пријателка која за фудбал знае повеќе од најогнените навивачи.

Имам другар кој не сака и не го интересира да вози автомобил.

Едноставно...има луѓе кои сакаат да прават одредени работи и кое не сакаат да прават нешта што не се во нивната сфера на интерес.

Не ме ставајте во рамки само затоа што сум жена. Не ми ја потценувајте моќта и силата. Дури и јас не бев свесна дека можам се’ додека не бев приморана да научам... дека можам и дека знам.

Ниту сакам да бидам дел од шегите кои на големо се раскажуваат за мажите кои рамо до рамо го чистат домот со своите партнерки, готват или наместо да пополнуваат ливчиња од кладилници, читаат книги. Силата на мажот не е во гласното говорење и мезењето, во пцовките и рацете со моторно масло до лактите. Митовите требаше одамна да ги закопаме. И онака се останати уште само на Балканот. Наместо да си ја олесниме живеачката, ние упорно се држиме за некои норми кои биле наметнати пред стотици години.

Во овој филм наречен живот, сакам да уживам колку можам, па макар тоа значело дека ќе потфрлам во нечии перцепции околу тоа што е женска, а што машка работа. Впрочем, слободата на изборот е најголемата човекова придобивка. А таа нема пол.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Тешко е жена да си 
Абе чупе 
Да бидиш и мајка, жена 
Домаќинка и снаа 
Ами на сите да им погодиш 
И асално се’ да прајш 
Ручекот арен да ти е 
Ниту ладен, ниту жежок 
Асталот убо наместен 
Куќата да ти свети 
Абе леб на земја да ти падни 
Да не ми е гад в уста да го клајш 
Постелата секогаш топла 
Мажот спастрен 
Оти срамота е да го пуштиш несуреден надвор 
Оделото испеглано 
И кошулата 
Панталоните со цакса напред 
А челите да му светат 
И умот цело време арен да ти е 
Насмеана и весела да си 
Да не се џавкаш со домашните 
Културна со комшиите 
Да си го гризниш јазикот, мед да потечи 
Дури и во оние деној ко ти иди “онаа” работа 
Не туку се смеј и не потпрашвај која, ко знајш! 
Не си терај мајтап со мене! 
Знам оти е тешко жена да си 
Оф, цел живот глата горе 
Без ден да одмориш 
Ама па тешко е и маж да си 
Така да знајш 
И ними не им е лесно 
Татко да е, ама татко за пример 
Та арен маж в куќа да биди 
Не да ми ти ој по кафани и жени 
Пупупу, скраја да е 
Домаќин да спечали 
И да ти биди арен и в кревет 
Ами и ними не им е лесно 
Да е силен за почитта твоја 
А да е мек за да се сакате 
В очи со љубов да си пулите 
И за раце ко деца да се држите 
Абе чупче 
Не е лесно чоек да си 
И то арен чоек да си 
Колку за себе, толку и за другите 
Ем мир во себе да имаш 
Ем в куќа песна да се пеј 
Тешко е во овој свет чоек да станиш 
А уште потешко, чоек да останиш 
Рака да подајш 
Срце да отвориш 
Душа да си постелиш 
Да не те изеди денот 
И ноќта да не те плаши 
Тешко е денес извини да речиш 
Оти сите со носојте угоре се 
И на сите очила им требаат 
За да можат подалеку од гордоста да опулат 
Такви, ко за греота станвате 
Неубај 
И мажи и жени 
Само децата убај останваат 
Дур и нив не ги расипите од малку или многу 
Тешко е чупе 
Во овој свет стана многу тешко чоек да си 
Чоек да бидиш 
Чоек, арен чоек да останиш