„Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“
Не ги потценувај симптомите - #ПровериСеиТи
Што треба да знаеш за твојата тироидна жлезда
Тироидната жлезда се наоѓа во предниот долен дел на вратот. Таа е составена од два лобуси поврзани еден со друг со среден дел наречен истмус и токму поради тоа се вели дека нејзината форма многу наликува на пеперутка. Тироидната жлезда произведува есенцијални хормони кои се одговорни за нормално функционирање на организмот, а кај децата се неопходни за нивниот правилен раст и развој.
Тироидните хормони помагаат во регулирањето на метаболизмот, работата на срцето, крвниот притисок, одржувањето на телесната температура и многу други процеси.
Тироксин (Т4) и тријодитиронин (Т3) се двата најважни хормони кои ги произведува тироидната жлезда. За нивно производство неопходно е присуството на јод во крвотокот кој пак најчесто го внесуваме преку исхраната (јодирана сол, морска храна, морска риба).
КАКО ФУНКЦИОНИРА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА?
Главниот тироиден хормон кој се излачува од тироидната жлезда е тироксин (Т4) и содржи четири атоми на јод. За да ги изврши своите ефекти, со отстранување на еден атом на јод, Т4 се претвора во тријодитиронин (Т3). Концентрацијата на тироксинот во крвотокот е далеку поголема во однос на тријодтиронинот, но тријодтиронинот е повеќе потентен во однос на тироксинот. Токму затоа, кога тироксинот ќе се ослободи во крвотокот тој се претвара во тријодтиронин.
Ова се случува главно во црниот дроб и во одредени ткива каде што дејствува Т3, како што е во мозокот. Количеството на Т4 произведено од тироидната жлезда е контролирано од друг хормон, кој се излачува од хипофизата која се наоѓа во мозокот, наречен хормон за стимулирање на тироидната жлезда (скратено TSH).
Количината на TSH што хипофизата ја излачува во крвотокот зависи од количината на Т4 што ја произведува тироидната жлезда. Ако тироидната жлезда произведува многу малку Т4, тогаш се излачува повеќе TSH за да ја стимулира тироидната жлезда да произведе повеќе Т4. Откако Т4 во крвотокот ќе достигне одредено ниво, лачењето на TSH од хипофизата престанува.
Всушност, тироидната жлезда и хипофизата дејствуваат на многу начини како грејач и термостат. Кога грејачот е исклучен и се лади, термостатот ја чита температурата и го вклучува грејачот. Кога топлината се крева на соодветно ниво, термостатот го чувствува ова и го исклучува грејачот. Така, тироидната жлезда и хипофизата, како грејач и термостат, се вклучуваат и исклучуваат.
Т4 и Т3 циркулираат речиси целосно врзани за специфични транспортни протеини и постојат одредени ситуации во кои овие протеини може да го променат нивото во крвта, предизвикувајќи и промени во нивото на Т4 и Т3.
#ПровериСеиТи
Промената на нивото на тироидните хормони со сигурност ќе даде некакви симтоми поврзани со нормалното функционирање на организмот. Иако симптомите можат да бидат многу вообичаени и да се поврзат со некое друго нарушување, истите не треба да се потценуваат туку треба да бидат аларм за проверка. Вообичаено, како последица на некое нарушување на тироидната жлезда можат да се јават: нагли промени во телесната тежина, промени во пуслот и телесната температура, променливо расположение, несоница и анксиозност, опаѓање на косата, промени на кожата, оток во пределот на вратот, како и неплодност кај жената, а кај децата неправилен раст и развој.
Затоа е неопходно, редовно да се проверува работата на тироидната жлезда, дури и кога се функционира во најдобар ред во организмот. Најдобар начин првично да се тестира функцијата на тироидната жлезда е, во примерок од крв со проверка на нивото на TSH, T4 и T3 во организмот. Тестовите кои се користат за одредување на функцијата на тироидната жлезда се лесно достапни во секоја лабораторија, а истото треба да се направи со претходна консултација на вашиот лекар.