Мојата историја со Стинг е долга, се надевам дека ќе го запознаам: Средба со Влатко Стефановски

Добивај вести на Viber

Многу ѕвезди има во шоубизнисот, а многу малку музичари. А, Стинг е голем музичар. Ветеран кој упорно патува низ планетата, нагласи Влатко Стефановски на денешната средба со новинарите. Македонскиот виртуоз на гитара ќе настапи како специјален гостин на концертот на Стинг закажан на 2 јуни на градскиот стадион.

 - Мојата историја со Стинг трае долго. Бев фан на „Полис“ и ги гледав во Лондон во нивните најдобри денови. Имав шанса да свирам со негови блиски соработници. Се надевам дека ќе имам можност да го запознаам на пет минути - раскажа Стефановски.

Тој ќе ја загрева атмосферата пред шоуто на легендарниот британски музичар придружуван од синот Јан, за кого рече дека необично брзо напредува во свирење тапани, и Иван Кукиќ од Струмица кој за Стефановски е откровение. 

„Свири шестожичен бас многу компетентно. Имав потреба да добијам една инекција на свежина, еден нов софтвер. Ова е моја трета ритам секција откако настапувам како соло-артист“, објасни Влатко.

Влатко Стефановски трио

Во моментов го подготвува репертоарот со којшто ќе се претстави. „Ќе внесам некои подзаборавени песни кои беа значајни пред две и три децении“, откри тој.

По рекордно брзо распродадениот концерт во 2017 година во Вип Арената, Стинг на 2 јуни повторно се враќа кај нас, овојпат со големо шоу, единствен стадионски концерт од оваа негова турнеја насловена My songs. Во Скопје доаѓа со комплетната продукција која ја опсулужува главната сцена на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, а која беше иста и за концертите на „Ајрон мејден“ и Ејми Вајнхаус и Моби на Калемегдан, во организација на „Авалон продукција“.

Бобан Милошески со Стинг 

- Македонија има многу празници, некои реални, некои новокомпонирани. За нас празници се концертите кои ги работиме. Ако се земат в предвид цифрите и самата логистика, ова дефинитивно е најамбициозниот проект на „Авалон“. Ние очекуваме од 25 до 30 илјади фанови. Сепак, ова е одбрана музика, рокенрол, и не се залажуваме дека ќе го наполниме цел стадион. А, и нема е*ени гратиси - во свој стил порача Бобан Милошески, првиот човек на „Авалон“.

Ѓ.С.