Мојот простор ми е важен и во него ретко кого пуштам: Утринско кафе со Oфелија Димковска

Секое утро ми почнува со многу горчливо кафе без шеќер. Потоа правам план кој трпи промени во наредните часови. Секој ден не трагам по ништо друго, освен по смислата на она што го правам. Мислам дека тоа го чини не само денот, туку и животот: љубовта и смислата. Ме придвижува шансата нештата да се променат на подобро.

Ако активниот ден почнува со излегување од дома, тоа значи дека мојот ден почнува во десет наутро. Кога ќе размислам  подобро, деновите ми се промениле многу и  суштински последниве години. Порано денот  ми зависеше од други, а сега сакам да ми зависи само од мене.


Јас си ги имам моите „четири ѕида“' каде што се случуваат многу од нештата. Дали е тоа осаменички и тажно, не знам. Мојот простор ми е важен и во него ретко кого пуштам. Мојот простор за живот го претворам во канцеларија, место за дружење, игротека, кино сала, ресторан. Секој ден тој простор си има друга намена како замена за се што не можам да најдам надвор: топлина, убава храна, блиски луѓе. 

За мене, слободата да се планира денот е најважна. Да пишувам, тоа ми е многу важно, во моментот кога нема весник во којшто работам, а тоа сум го правела континуирано  цели 18 години. Па, пишувам друго. Белешки, говори, статуси, книга... Книгата што ја пишувам околу десет години, сега гледам да ја завршам. Секој ден да напишам по стотина редови, да бидам одговорна и да ја завршам. Да не се откажувам, водена од мислата дека сите добри книги се веќе напишани. 


Се обидувам секој ден да креирам некој свој животен ритам, кој треба да биде поразличен од претходниот. Нешто ново готвам, некоја нова книга додавам во библиотеката, смислувам што да направам за да израдувам некого, зашто сепак се занимавам со креативна работа.

Си ја сакам работата која никогаш не ме присилува на нешто, туку ми остава простор да фантазирам. Не ме ограничува со време. со место и со бројки. Секој ден ми служи за да променам нешто, не кај другите туку кај себе. Некои свои грешки. Ако не ми успее, пак го повторувам ритуалот. 

Читам постојано, во било кој дел од денот. Насекаде имам книги кои ги отворам на непозната страница и читам. Многу од нив се веќе еднаш прочитани, но содржат умни мисли. Ги повторувам на глас, паралено со чкрапањето на далечинското додека го исклучувам телевизорот зборувајќи му: сега ќе те укинам!

Се` уште многу често готвам за децата, кои веќе не се деца туку девојки кои рано избраа да живеат свој живот. Раскажувам често, дека се` што зборуваа на шега кога беа мали, реализираа сега кога се самостojни. Едната да бира работа насекаде низ светот, другата да чува по неколку мачиња и кучиња во својот дом.


Иатлијаните имаат една фраза која вели „долче фар ниенте“ и којазначи да не се прави ништо. Па, има и такви денови. Само изгледа дека не се прави ништо, зашто тогаш ја земам мојата торба на тркалца и одам на пазар. Кога сакам да зготвам нешто комплицирано, тоа одзема многу време, но ми прави големо задоволство. Канелониполнети со спанаќ во бешамел, на пример. Па откако половина ден ќе потрошам на приготвување, сакам да се бунам дека пак бешамелот не ми излегол како што треба, затоа што немам трпение за рецептот. 

Вечерите не се мој дел од денот. Штом ќе се стемни, често ми се чини дека ништо не треба да се прави, освен да се гледа филм. Ако е убаво времето, да се седне на велосипед и да се отиде во град. Си имам скришни места каде што седам, читам , пишувам и посматрам луѓе. Ќе седнам свртена кон улицата како кон театарска сцена и го гледам движењето низ градот. Ретки се местата каде што овој град задржа топлина и оригиналност. Луѓето грешат кога мислат дека ако брзаат или се под стрес, ако не седнат на ручек без телефон и измислен цајтнот, подобро ќе ја завршат работата. Тоа е проблемот на овој град.Работата мора да се работи со љубов, само тоа добро ја завршува. Си ги сакам моите денови, и добрите и лошите. 

* Офелија Димковска, надворешен стручен соработник во кабинетот на Претседателот и новинар