Мојот син е посвоен и да, јас сум неговата вистинска мајка

Премногу пати во неговиот краток живот, на мојот син му е кажано нешто за мене, нешто што на посвоените деца им го кажувале од памтивек: дека јас не сум му „вистинска“ мајка.

Еден ден кога беше прво одделение, плачеше од училиште до дома кога го слушна тоа. Се трудев да не се нервирам премногу и се потсетив дека децата не се сурови намерно. Тие едноставно не знаат ништо подобро.

Да прашате некој кој е посвоен за неговите „вистински“ родители или да кажете дека родителите што ги има не се „вистински“ можеби е едноставен начин да се објасни посвојувањето, но во никој случај не е точен. Посвоените родители се вистинските родители на тие деца, како и да гледате на тоа. Ги бакнуваме за да оздрават кога ќе се повредат, навиваме за нив на натпревари, закажуваме лекарски прегледи, им менуваме пелени, им чистиме повраќаници и ги опсипуваме со повеќе прегратки и бакнежи отколку што сакаат. Тоа се сите работи што ги прават „вистинските“ родители, а тие деца се 100% наши. Мојот син е 100% мој.

Во повеќето ситуации, посвоените деца слушаат такви коментари од други деца. Мојот син го слушнал тоа од соседите, децата на училиште, па дури и од неговите роднини. А бидејќи децата обично го повторуваат она што го слушаат или им се кажува, секој родител треба да ги научи своите малечки дека само затоа што детето не дошло од утробата на мајката, не значи дека тоа е нешто помалку од нејзино дете. Постојат различни начини на формирање на семејства и ниту еден не вреди повеќе од друг.

Многу посвоени деца се веќе несигурни за својот статус во својот дом. Некои, како мојот син, се посвоени од системот на згрижувачко семејство, па затоа се екстра чувствителни на семејната динамика. Мојот син секогаш мислеше дека ќе го оставам или ќе го вратам, па особено му беше тешко кога слушна дека не сум му „вистинска“ мајка. Сега, кога има 14 години, може да го отпише тоа како мала непријатност, но сепак се надевам дека никогаш повеќе нема да ги слушне овие зборови.

Посвојувањето едноставно значи дека детето има повеќе родители и дека СИТЕ од тие родители се вистински. Јас не го родив мојот син, но јас сум негова мајка. Јас сум му вистинска.


извор: lolamagazin.com