Мојот сопруг е сигурен во тешки моменти: Приватно со Јелена Томашевиќ пред концертот во Скопје
По неизвесниот и тежок период кој сите го живеевме во изминативе две години, Јелена Томашевиќ реши да започне сè од почеток. Тоа е насловот и приказната на нејзината нова песна-најава за нов албум и има симболична приказна која е раскажана во вистинско време. Српската поп-пејачка, еден од најмоќните вокали во регионот, ќе одржи концерт во Скопје на 2 април во Националната опера и балет, и вели дека едвај чека да пееме заедно. Јелена за Женски магазин искрено зборува за нејзиниот начин на живот, детството, ќерката Нина и љубовта кон сопругот, познатиот актер Иван Босиљчиќ.
* Со новата песна „Sve ispočetka“ најавувате нов албум. Песната е веќе голем хит и сосема се разликува од вашите претходни. Како вие лично го доживувате оваа песна?
- Песната ја напиша Леонтина, а аранжманот го направи Дарко Димитров. Да, малку се разликува од другите мои песни, сакам музички да си поигрувам. Но, оваа песна, освен што на прво слушање делува енергично и весело, има една убава и сериозна порака, а тоа е- сетоона што не е убаво да го оставиме зад себе, да продолжиме во животот со повеќе љубов, пред сè кон себеси, а потоа и кон другите.
* Дали сте инаку самокритична и кој е вашиот најдобар критичар?
- Се разбира, често се преиспитувам дали сум направила нешто како што треба. Но, мојата ќерка Нина е мојот најдобар критичар. Секогаш кажува нешто толку детски едноставно, но толку суштински вистинито.
* Што значи за вас нов почеток, дали исфрливте некои стари навики или работи кои ве мачеле периодов и сте почнале нешто од нула?
- Секој ден е можност да започнеме нешто ново, да речеме дека ќе смениме навики кои не сакаме да ги имаме. Во овој за сите нас неизвесен период успеав да го намалам напливот на негативни информации... Можам да ги читам вестите во весникот, да бидам во тек за сите настани, но негативностите не сакам да ја размножувам постојано и одново, прераскажувајќи ги со други или читајќи ги истите вести на други портали.
* Со продуцентот Дарко Димитров работите долги години, како се запознавте и колку е тој вклучени во новиот албум?
- Дарко е еден од најдобрите композитори, аранжери и продуценти со кои сум работела. Се запознавме во Белград на Евровизија во 2008 година. Работевме на мојот претходен албум, како и на синглови и на новиот албум кој го подготвувам. Добро се разбираме и долги години имаме многу квалитетна соработка.
* Српската евровизиска песна е доста актуелна во Македонија. Што мислите за песната и за изведбата на Констракта и воопшто за пораката дека уметницата мора да биде здрав?
- Констракта е вистинска уметница автентична е и сугестивна. Нејзиниот настап е вистинско шоу. Колку и да ни звучи забавно текстот, тој е навистина општествено ангажиран, носи неколку пораки, кои секој од нас може да ги толкува на различни начини. Ми се допаѓа што нè натера сите да размислуваме за сите тие пораки. Ѝ посакувам се најдобро на Евровизија и ја поддржувам!
* Како вие се рижите за вашето здравје, како ја одржувате формата, дали имате посебен режим на исхрана и колку време ви останува за спортување, а за некои само ваши, женски ритуали?
- Се трудам да подготвувам здрави оброци за моето семејство и за себе. Ги намалив шеќерите на минимум и уживам во секојдневните прошетки во природа. Живеев во Крагуевац малку подалеку од центарот на градот, па во текот на целото мое детство и тинејџерски години одев на училиште и се враќав дома со брзо темпо. Дури подоцна дознав од професорот д-р Душко Илиќ со кој одев на континуирани тренинзи извесно време, дека ова е еден од најздравите начини за спортување. И денес сакам брзо да одам во парк или на лента за трчање.
* Кога ќе се вратите во детството и тинејџерските денови, на што најмногу се сеќавате?
- Се сеќавам на многу авантури со брат ми Дарко, но и на патувања со моите најдобри другари од училиште и со другарите од КУД „Абрашевиќ“ од Крагуевац. Тоа беа прекрасни патувања, концерти и собири за паметење. Сè уште се дружам со многу од нив и денес.
* Изминативе години, вашиот сопруг Иван поминуваше доста време во Русија, снимајќи серии за тамошниот пазар. Колку време е во Русија во овој воен период?
- Иван уште во декември направи план да биде тука во следниот период, бидејќи одамна го немаше. Наскоро ќе започне започне со снимање серијата „Ургентен центар“ сезона 4, која многумина со нетрпение ја очекуваат.
* Кои квалитети на вашиот сопруг најмногу ги цените, што е она што тој го има а вие го немате - како се надополнувате?
- Мислам дека разговоров е прекраток за да се набројат сите разлики меѓу машкиот и женскиот свет. Но, мора да признаете дека не можеме еден без друг. Мојот сопруг и јас сме комплементарни и јас го препознав тоа штом се запознавме. А една од работите што најмногу ја ценам кај него е тоа што е сигурен во тешките моменти.
* Вашата ќерка е на прагот на тинејџерските години, дали се сметате за строга мајка, има ли одредени правила за исполнување на обврските во вашиот дом?
- Нина е веќе голема девојка, која има свое време, друштво и која знае како да се грижи за себе. Мислам дека „завршивме добра работа“ со правила и воспитување кога беше мала, затоа што сега лесно можеме да се договориме со неа за сè.
* Која е Јелена кога ќе се изгаснат светлата, кога ќе се симне од сцената, каде го наоѓате својот најголем мир?
- Мојот најголем мир е семејството. Освен со семејството, сакам да поминувам време со пријателите и да бидам во природа. Знам и квалитетно слободно време да го поминам самата со себе.
* Што ни ветувате за концертот во Скопје на 2 април?
- Веќе неколку години не сум имала солистички концерт во Скопје. Со нетрпение очекувам да пеам стари и нови песни, но и некои омилени народни песни во нови аранжмани на 2 април во Националната опера и балет. Ќе имам и специјални гости и ви подготвуваме убаво изненадување. Едвај чекам да пееме заедно.
Милица Џаровска
Фото: Милош Наџанин