Молчи Молчи Љубов моја
Така ми викаше татко ми секогаш кога сакаше да ме закачне за
нешто. Често знаеше да се збуни од некоја моја реакција, и оправдувањето му
беше уметник е, ние смртниците не ја разбираме.
А инаку да, молчиме. Од оваа перспектива премногу. Молчиме пред вистина, молчиме пред партнери, пред семејство, пред пријатели. И најмногу пред себе.
Пред 4 години на враќање од Охрид, на 2 август, во 21.30 вечерта, јас и мојот тогаш партнер, имавме нездрава сообраќајна несреќа. 30 секунди пред да се случи ударот, мене нозете ми беа качени на шофершајбна, видов чудно големо нешто со црвени очи по пат и срипав за да изреагирам. Следеше ненормален удар во висок тротоар, со превртување со се на куп што гледаме по филмови. Во моментот на ударот загубив свест, следната слика на која се сеќавам е како висам надолу закачена со појас, и да од филмовите се сетив дека ќе мора сама да го откопчам за да може да ме извлечат. За да биде се' како на приказна, ме извлече доктор, млад дечко, дел од друштво со кое имавме понатаму неколку супер дружби. Дечкото помина со лесни исекотини по раце, а Јас добив само две нови гребаници од стакло и појачан дискус кој што веќе го имав од пред година дена кога ми паднаа десет гипс картони на мене, пошто се петљам кај што не ми е место и тврдам дека можам се сама.
Првата реакција кога излегов од таа кола, се смирив и се вратив во реалноста беше како да и кажам на мајка ми. Што да и кажам, како да и соопштам, па таа жена треба да се прогласи за национален херој колку има со мене поминато и неа треба споменик да и се изгради. Смислив, излажав, дека ни се дупнала гума, дека ќе задоцнам.
Сообраќајката помина, имав еден напад на анксиозност после една цела година, кога од тресок ми се врати сцената, но го поминав и тоа. Секоја година носам леб во црква на 2 август, немам друго објаснување како останав жива и во еден дел после такво нешто, каде што колата не можевме ни за делови да ја продадеме. Освен ангел чувар со црвени очи и виша сила, не гледам кој друг ме сочува, како тој момент не ме тргна од светов.
Моментот на замолчувањето, моментот на преќутувањето. Ете на крај морав да и кажам, ја виде колата, не можеш вечно да лажеш, секоја лага си ја наоѓа својата виделина. Мојата позадина за молк и лага беше грижа, не сакав да се грижи за мене некој што го сакам најмногу на цел свет. Но не е исправно. Болката ја чуваме за себе. Голтаме. Правиме склоп на мали лаги кои во секој момент може да не проголтаат. Уште мал милион работи премолчував, за да не повредам, за да не помисли некој нешто, за да не се најде некој затечен или оштетен. И тогаш или подоцна, тој некој од кого молчиш, мора да дознае се. Веќе не молчам. Тоа е цената на безусловна љубов и вистински човек. Капацитетот да сподели од една страна, и капацитетот да прими од друга страна. Не сме на светов само за убавите моменти, иако веќе се потешко се радува некој на твојата среќа. Но и не е исправен тој очаен молк, ма каква и да е позадината. Премолчено е неискажана лага нели. Магичен круг на проблеми под килим, кои во моментот на експлозија менуваат животи до корен. Во оној момент кога ќе решите дека нема веќе да молчите, премолчувате, нема да се криете од себе и личните незадоволства, нема да се плашите за другите, затоа што на крајот на денот тоа е страв за себе. Тоа е цената на личниот мир, разговор и решавање на проблемите во животот. Нема потреба од жртви, биди лавица, нема потреба од глумење пријателства, подели ги луѓето во твојот живот кој до каде. Не може со сите исто, не се сите исти. Мора да имаш едни двајца, тројца, со кои ќе можеш да ја делиш болката заедно со радоста. Мора да имаш храброст да го кажеш проблемот, состојбата, случката, а ако те осудат, со поголема свест да се избориш за твоето право на грешење. Не може да не ни се случува живот, не може да не грешиме, така стануваме билки, фикуси. Ова најмногу го споделувам заради вас, една помлада генерација, што ја сведочам како живее во некој тивок страв на што ако. Каде ви е младоста, мора да боли. Бидете гласни, кажете што сакате, што ви се случува, како инаку ќе го добиете тоа што го сакате.
Јас сум Ивана Кнез, ова е за сите му.оњи, што и те како кажуваат се тоа што им лежи. Ама не на статуси од скриени профили на фб и инста, реално, и искрено дечки.
Се читаме следната недела.
П.С. Кога сме кај млади и дечки со му.а, пуштете си ги Два Бона, млади се, градат публика, се трудат бескрајно да си кажат една лична приказна и искрено си возат личен филм. Мене омилена нивна песна периодов, Не ми дава мир. Такви недостасуваат, деца што не се плашат да гледаат напред, без разлика колку сопки ние им поставуваме.