Можно е во мерките да се вклучат и маркетите и моловите, а да се влегува и со антигенски или ПЦР тестови, вели Бектеши

Добивај вести на Viber

Рестриктивните мерки ги воведуваме со цел да го сочуваме здравјето на граѓаните и да не се вратиме во ситуација на тотален локдаун како претходната година, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

На гостувањето во Тема на денот на Телевизија „Сител“, Бектеши најави дека на утрешниот состанок на Главниот кризен штаб, ќе биде разгледана и можноста за влез со ПЦР тест, но не постар од 14 дена.

– Утре имаме Кризен штаб каде ќе разговараме за дополнителни мерки доколку се потребни. Согласно бројките што ги имаме последните денови, се разгледуваат повеќе опции како што се воведување на потврда за вакцинација и потврда за антитела, а дополнително ќе се разгледа и можноста да се достави и ПЦР тест, но не постар од 14 дена, а секако да ги прошириме и дејностите вклучувајќи ги тука и шопинг моловите, рече Бектеши.

Ако се почитуваат протоколите и мерките, Бектеши е убеден дека нема да има потреба од затворање на цели дејности.