Му раскинав на дечкото па ослабев: Весна Бејби го раскажа целиот живот во стендап шоу

Добивај вести на Viber

Сосема искрено, духовито, енергично и со многу љубов, Весна Бејби Петрушевска ги раскажа најважните епизоди од својот живот, на стендап шоуто „Влези, не се соблакај“. Вечерва во МНТ, пред полна сала и многу нејзини пријатели, Весна прослави актерски јубилеј, или како што вели- „25 години брак со МНТ“.

За својот брак, зборуваше отворено. Од моментот кога поранешниот сопруг го запознала додека во жолта тренерка трчал на кеј, преку првата брачна ноќ во која таа очекувала да водат љубов, а тој како што вели Бејби, броел пари, па сѐ до моментот во кој пријател од Белград им прогнозирал дека ќе се разведат. 

„Пријателот е геј, и по свадбата го поканив кај мене на спиење. Кога влегов да си легнам кај него, во спалната соба, и кога му реков дека мојот сопруг брои пари, тој ми рече- ќе се разведете. Не се урочив, а се разведов“, рече Весна и раскажа кои други работи не ги помислила, не ги изговорила, а ѝ се случиле. 

Никогаш не помислувала дека автомобилот ќе ѝ падне во Вардар, ниту дека ќе падне во клиничка депресија, ниту дека ќе се случи пожар во куќата на нејзините родители. Бејби откри и како ставила крај на врската со последниот партнер, а не се ни свртела назад по него, раскажа како и тој како и нејзиниот драг пријател Тони Михајловски ја задевале оти е „дебелка“, а таа за кус период успеала да симне 20 килограми. 

„Прво му раскинав,па ослабев 20 килограми“, раскажа Весна. 

Игор Џамбазов како дел од оние кои ѝ ги одобруваат дечковците беше дел од оваа приказна во повеќе наврати. Весна без проблем раскажа за моментот кога со поголема доза на апчиња се обидела да си го одземе животот и за тешките моменти кога дознала дека нејзината најдобра пријателка и продуцентка Вики има канцер.

За крај, за тој ист живот заклучи колку ѝ е вреден, и ни порача на сите да си го сакаме, зашто немаме друг. Емотивниот крај на вечерта полна со аплаузи го испратија децата на Весна, Кирил и Мина, но и децата од нејзината актерска школа, подарувајќи ѝ цвеќиња. 

„Влези, не се соблакај“ , ни дозволи од друг агол да влеземе во срцето на Весна, а и таа во нашите, зашто од срце нѐ насмеа. 

Милица Џаровска 

Фото: Стефан Самандов