“Мудроста на жената”

Добивај вести на Viber

Од сите животни лекции кои не ги научив до моиве 46 (а се тешам дека сум уште млада...та нели човек учи дур е жив!), најуспешно ненаучена ми е онаа да премолчам нешто во моментот или да се сложам со она што не се сложувам, а да си направам по мое. Паметам уште од мала дека и баба ми со комшиките, додека се пиеја маратонски кафиња и се плетеа чаршафи за чеиз, муабетеа за мудроста на жената да си ја истера водата на својата воденица, ама притоа да не се расправа дома и нештата да си течат како вообичаено.

Јас, дете ко дете, нешто слушав, нешто разбирав, ама најчесто не им го есапев муабетот. Од она што успеав да слушнам и да запамтам, сфатив дека една од “улогите” на жената е да се прави малку “на будала” и покрај се’ што ќе и’ биде во животот сервирано да остане насмеана, без да покажува конкретна реакција на нештата. Тоа секако не исклучуваше дека таа повторно ќе си направи токму онака како што сака, притоа умешно потпикнувајќи го тоа, за да излезе дека на стопанот му текнало. И сите среќни и задоволни...таа оти излегло по нејзино, тој дека бил толку мудар!

За таквата “мудрост” на жената имав слушано многу случки. Една од нив беше следната (раскажано од баба ми), која ми остана во сеќавање како најинтересна. Во Битола живееле маж и жена, во долг и просечно среќен брак, ама пустиот многу сакал да загледува други жени. Еден ден, жена му (која патем речено, била и голема мајтапџика), го седнала и му рекла дека “ај шо се пулиш по други жени, туку не знајш оти ко шетам сама, сите се вртат по мене“. Мажот слатко се изнасмеал, а жената сосем смирено и ладно му рекла да излезат и да прошетаат, ама тој да оди неколку метри зад неа и да види дека и по неа се вртат мажи. Така и направиле.

И навистина! Како се разминувала со мажите, така сите се вртеле по неа. Ова го свестило мажот, кој си рекол дека наместо да се џари по други жени, да си ја гледа својата за да не му ја земе некој.

Она што никогаш не дознал е дека при разминувањето со секој маж, неговата мајтапџика им се плазела и правела гримаси и дека мажите се вртеле по неа од вчудоневиденост, а не од што биле обземени од нејзината убавина.

“Биди женско, не се расправај, биди мудра малку”...е нешто што функционираше и функционира во многу врски и бракови. Јас, или имам отповеќе машки хормони, или не сум доволно мудра, па таа тактичност ми е непозната категорија.

И не бегам дури и од тоа дека можеби и суета е во прашање, па достоинството не ми дава да одглумам покорност.

Оти во мојата природа е дека мора да кажам што не ми се допаѓа, па да се искарам дека вака или онака не оди, па да си кажам се’ (за случајно да не излезе дека сум глупава! Колку суетно).

Верувам дека ако од некаде ме гледа баба ми во тие ситуации, ја нишка главата лево-десно и си вели “од ова чупе, чупе не излезе”. Прашањето ми е...зошто да мора да се води некаква игра за да се постават нештата на свое место?

Мене ако ме прашате, за случката погоре би седнала да разговарам со партнерот (па дека нели ме бива со зборови), надолго и нашироко ќе објаснам како се чувствувам, па дека еден рамноправен и здрав однос... дрндрн. Што е најпаметно?

Она што ме плаши и ме фрустрира, не е дека жените го наоѓаат за себе полесниот начин како да се справат со проблемите, туку дека тоа станува вообичаен начин на комуникација меѓу двајца. Во врските и браковите, фидбекот станува преценет, разговорите се сведуваат “аха”, преќутно игнорирање и терање по свое. Дури и сериозните проблеми се пикаат по ќошиња, додека животот си тече во привиден мир и блажено незнаење.

Навистина ли луѓето не се свесни кога имаат проблеми во меѓусебните односи или едноставно не им е гајле?

Навистина ли е полесно да стават розови очила и да се глуми дека немаат за што да разговараат бидејќи сликата за себе ја градат на илузии?

Навистина ли е полесно така да се живее или после долги години самотија, сум изгубила критериум?

Дали е нормално да се правам на будала или да изреагирам на она што чувствувам дека ми е одземено?

И некако се’ ми се сведува на тоа дека не ми е важно дали нештата ќе ги “добијам” на полесниот или потешкиот начин, колку што ми е важно да си ја задржам самопочитта. Не научив да сум мудра...барем не за некои работи за кои сметам дека не се одраз на мудрост, туку на препреденост. Ако ништо друго, барем сум во онаа категорија на луѓе со кои секогаш знаете на што сте.

Искрено, било каква глума...па нека е и со изговор за да нема кавга, ме доведува во ситуација да се колебам за нечија искреност.

Имам една пријателка (ова го пишувам со нејзина согласност да биде спомната), која вели “Немам време да смислувам стратегија за сите работи кои ги сакам и сакам да ги живеам пред да умрам. Тоа ме уморува и додека дојде до тоа да се наредат работите онака како што сум сакала, веќе ми поминал ќефот”.

Ете, тоа е тоа! Времето не ни е пријател, барем не онака како што ние мислиме. Има време за ова, има време за она....не! нема!

Затоа, со сета почит кон сите стратегии за “женската мудрост”, со голема жал (за оние околу мене) и истовремено со голема радост (за себе), јасно и гласно кажувам дека никогаш нема да сум мудра за сметка на моите нерви и здравје.

Не сакам да бидам мудра на начин кој ме унесреќува.

Не сакам да бидам мудра на начин кој ќе ме направи се’, освен Ана за која се борев и борам.

Бидете мудри за себе, на свој начин и на начин на кој нема да се изгубите себе...и да повториме! Кога се имате себе, имате се’.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Демек мажот глата на куќата бил

А жената вратот, та вртела кај шо сакала

И демек мажот со строг поглед и викање

Сиот ред во куќата го клавал

А пак од друга страна

Демек вистинската жена

Знај кога да си ја зашие устата

И само со очи муабет на мажот да му прај

Кога да му дојси ракија на маса

И да му приклај во чашата без да и’ речи

А кога да ја заклучи со два катанци

Та тој викал до сабајлината

Таа да се преправа оти спие и не го слуша

Демек вистинска жена знај како да го земи она шо го сака

Со женска итроштина и умилкување

Та ќе трепка дур по нејзино не излези

А ѓоамити мажот нема да ја сети

И на сила улав ќе се прај

Колку куќата од дом-пекол да не стани

Ех чупе

Од “демек” глата ни се поболва

Од то шо секој секому ум дели

Та туку раздава и раздава

Та за себе најмалку има

А бе пиле

Ами кај се видело гла без врат

А и вратот шо ќе ти е ако гла на него не стои

И не е живеачката во надмудрување

Туку на кантар ко ќе си ги клајте мислите

Да не претежнува на ниту една страна

На кантар срцата иста мерка да ви имаат

А поганлукот да ви тежи едвај некој грам

И ниту жената попаметна од мажот родена е

А ниту пак тој е од Господа посилен од жената

И не е умот негов во силата

Ниту нејзината сила во умот

Туку и на двајцата мудроста во душата им е

Или ја имаат или ја немаат

Ами трето нема

А тој шо ја нема-ќе вика

И ќе се мурти за да добие нешто

Та ѓоамити ќе се поболва

И ко на смртна постела аманет ќе си остај

За желбата да му се исполни

Така живот сам со себе не бива

А не па ко ќе се најдат маж и жена

Оти умни треба и тој и таа да бидат

И секој од линијата меѓу нив

Уште еден чекор наназад да се тргни

И да го гледа другиот за да го види

И да го слуша за да го чуе

Оти ниту со врескање разбирачка има

Ниту од суета чоек ќе прогледа

Ама пусти времиња

Пусти лоши времиња дојдоа

Та некако луѓето се забораја

А и веќе нема кантари

Од оние на кои убо се мереше

Ве изеде модерното

И ве изеде то шо сакате нештата на лик убај да се

Та маж со жена се бирате по сурат

А после се чудите ко душите не ви се сакаат

Та и ликојте ви огрубуваат

И срцата ви огрдуваат

Од “демек”

Од она демек се’ знајте

А во глајте шупелки сите останавте

Оти јасно никако да ви стани

Оти без жена-маж не бива

И без маж-жена не белее

Од “демек”...од то се саклдисувате

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска