Музичари од Индија, Франција и Италија вечер на ОФФест

Добивај вести на Viber

На претпоследниот фестивалски ден на 17. ОФФест, вечер од 20 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе настапат триото „Бармер бојс“ од Индија и француско-италијанското дуо „Транс-Аеолиан трансмисион“.

Тројцата музичари од „Бармер бојс“ ги продолжуваат вековните музички традиции на Манганиерите и се глобални амбасадори на современиот фолклор на Раџастан и суфи-музиката. 

Групата е формирана во 2011 година за време на фестивалот „Amarrass Desert Music“ во Њу Делхи, за потоа да ја маѓепса публиката на фестивалите и клубовите низ Индија, Северна Америка, Европа и Азија. Нејзиното интернационално деби беше на фестивалот Роскилде во 2014 година.

- Триото е предводено од Манџи и Раис. Манга „Манџи“ Кан потекнува од  семејство на славни пејачи, а со својот огнен глас подеднакво пее традиционални марвари свадбени песни и суфи „кјовали“, а свири и хармониум. Раис Кан е надарен млад музичар кој е волшебник на повеќе инструменти, соопшти ОФФест за концертот на индиското трио.

Од 21.30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ ќе настапи дуото „Транс-Аеолиан трансмисион“ на двајца музичари - Франсоа Камбузат - ветеран од медитеранската панк и авант-рок сцена, и басистката Џана Греко од италијанската електрична музичка сцена.

На нивниот концерт ќе биде прикажан и документарен филм за патување што самите го снимиле додека престојувале во длабочините на пустината Такламакан, планините Каракорам, градовите од Патот на свилата... и средбите што ги имале со музичари од различни светови.