ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Приказната за „Брод што тоне“
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„БРОД ШТО ТОНЕ“ (ТАМАРА ТОДЕВСКА)
Балада која Тамара ја отпеа на „Скопски фестивал“ во 2014 година и го освои второто место. Музиката е на докажаниот автор и продуцент Роберт Билбилов кој ги напиша и стиховите заедно со младата писателка Ксенија Николова.
- Песната се случи случајно, затоа и можеби беше толку вистинско. Излезе наеднаш, со целата сила и целата моќ на иснпирацијата. Се надевам дека ќе ми се случат уште многу такви моменти во животот – изјави во една прилика Николова.
Видеозаписот е дело на „Гориа филмс“, се снимаше на главната сцена во МНТ, а впечатливата кореографија на танчарите ја осмисли Олга Панго.