На 15 години го загубив татко ми, по трнлив пат одев без него: Интервју со Роберт Билбилов
Зад него се многу хитови, и иако по изгледот и по духот се чини дека е уште тинејџер, композиторот и продуцент Роберт Билбилов (38) може да се пофали со 20 годишна музичка кариера зад себе. „Прашина“ на Кристина Арнаудова е првата песна за која јавноста дозна дека ја напишал талентираниот Роберт, а тој всушност компонира многу пред неа, од својата 12 година. Откако напиша хитови за Тамара, за Ламбе, Елена, Ѓоко, Врчак, тој симболично порача: „Сега јас сум на ред“, неговата прва песна која и самиот ја испеа. Години потоа, откако како дел од авторите на „Proud“ на Тамара, и Европа дозна за неговиот талент, Билбилов пак симболично, на својот роденден, победничкиот 9 мај промовираше нова песна. Билбилов е горд татко на 13-годишниот Давид, горд син на Хилми Билбил, авторот на неофицијалната македонска химна „Бисер балкански“. Покојниот татко без кој останал на само 15 години, синот и музиката се само дел од важните нешта за кои зборува за Женски магазин.
*Новата песна „Нигде не те наоѓам“ излезе на твојот роденден. Има ли лична прикзна, твоја или нечија што ја раскажуваш во неа, и која е пораката што ја испраќаш?
-Секоја песна има своја порака, свој мирис, некое чувство што те враќа и сакаш повторно и повторно да ја слушаш истата песна, е таквите песни се реткост, но секогаш вреди да работиш на нив и да го посветиш целото твое време кое го имаш. Јас искрено се надевам дека „Нигде не те наоѓам“ ќе биде една од тие песни. Роденденот беше убава случајност, најтешко е да темпираш точен датум, никогаш не преферирам брзање уметност...
*Ако се вратиш назад, да речеме во времето на „Избриши ги ти солзите“ на Макфест во 2006 или уште порано, како гледаш на Роберт од тоа време, колку си сменет, а колку си останал истиот?
-Ако се вратам назад, се враќам на убавите времиња,на една убава младост,на едно убаво патување исполнето со многу дружење,една сплотеност на убави енергии на луѓе кои навистина ја сакаа македонската музика,и затоа ние авторите создававме убави мелодии...Таквото време мене лично доста ме инспирираше бидејќи го имавме целосното внимание од медиумите и од публиката,не размислувавме на ништо друго освен на тоа како да допреме до истите...И денес сè уште работам музика со надеж дека ќе се променат работите,и посакувам младите генерации да растат на истиот начин,бидејќи музиката е израз,движење,култура,мода,естетика и сè друго...
*Кои ти се најубавите сеќавања од златното време на македонската музичка сцена, што најмногу ти фали од тоа време?
-Како што спомнав пред малку,дружбите највеќе,имав среќа и огромна чест во животот да работам со многу големи имиња кај нас а и надвор од нашите граници. Имав привилегија на доста од нив да им ја запишам првата нота во нивната кариера,да работам со луѓе кои носат многу музика во себе,и со посебна љубов ја негуваат музиката: Тамара,Врчак,Каролина,Ребека,Кристина,Адриан,Туна,Ѓоко Танески,Бојана,Елена,Ламбе и ред други беа само дел од тоа убаво патување...
*Како живееш во време на пандемијата кога на музичарите кај нас вратите им се затворени, од што живееш?
-Постарите велат... Што ќе сработиш позади себе ќе најдеш пред тебе...Немам големи очекувања,затоа можеби и немам големи разочарувања...Секако дека ваквите времиња можат и да те натераат да се откажеш и од тоа што највеќе го сакаш,но мене многу полоши времиња не ме спречиле во мисијата која ја имам кон музиката...Музика мора да има...
*Постоеше ли во Македонија пред коронавирусот музички бизнис, се живееше ли, може ли да се живее само од музика?
-Секако дека може, Татко ми велеше: Во музиката и во сè друго што го работиме,или си горе или си доле,или го јадеш колачот или ги јадеш трошките - не постои средина...Но сè зависи колку ти е доволно,колкави се твоите апетити и слично,со колку се задоволуваш. Порано живеевме за музиката и таа не хранеше,ја добивавме сета љубов од публиката,имавме настапи,имаше и по некој спонзор,велат нема подобар бизнис од шоу бизнис, но денес треба прво да се запрашаме дали ние воопшто имаме шоу па после можеме да разговараме за бизнис...
*Кои песни што си ги напишал најдобро ја отсликуваат твојата душа?
-На ова прашање баш некако заглавив,неблагодарно е да испуштам некоја,скоро сите успешни песни успеале баш поради тоа,луѓето ја препознале таа вибрација и некако природно се конектирале со истата...Најчесто емотивните балади биле тие кои длабоко допреле до чувствата на луѓето...Најчесто добрите песни не станувале веднаш хитови,некои песни се како виното,им треба време да ферментираат...
*Твојот син Давид е талентиран за глума, покажува ли афинитети и за музика?
-Секако,во последно време често ме прашува за одредени апликации,со намера да си стави своја музика на неговите видеа кои ги програмира.. Сега е во години каде што сè го интересира и сака да знае. Многу му завидувам на ентузијазмот кој го поседува Давид а и секој млад тинејџер...
* Колку години има, каков е Роберт како татко на тинејџер?
-Давид има 13 години,и во последно време го мачат слатки маки,има неколку симпатии и не знае која да одбере од нив. Јас секако се трудам покрај него и јас да бидам добар тинејџер барем на моменти,за да можеме подобро нели да се разбираме,разговараме отворено на одредени теми,и тоа мислам дека е најисправно...
*Кој е највредниот совет што го паметиш од твојот покоен татко, дали тоа што рано ве напушти те натера да созрееш порано од врсниците?
-Највредниот совет што го добив од татко ми е: Не Верувај никому, верувај си само на себеси...Прерано си замина од овој свет, но зад себе остави доста хитови,песни на кои ден денес се сеќаваме и ги пееме како наши химни. Имав 15 години и можам да кажам дека беше трнлив патот кој го одев без него, но денес можам да кажам дека тие трња ништо не ми можат...Секако дека денес сум многу појака личност но тоа е само затоа што имав мисија која ден денес пробувам да ја исполнам, а тоа е преку музиката да му се заблагодарам за сè што направил за сите нас...
*Како се навикнуваш на новиот начин на онлајн живот, и што мислиш, ќе ни се вратат ли наскоро дружбите, концертите, неоптеретените муабети за музиката, за убавите животни теми?
-Јас секогаш верувам, некогаш знам и претерувам во тоа,но едно знам,музика мора да има...Тоа нè движи,ни ја движи крвта,ни ги олеснува секојдневните проблеми,и за момент душите ни ги носи на убави,сигурни места...Сè што е природно пак ќе се врати...Новите времиња носат и доста нови предизвици,секое време си носи и свое невреме. Поентата во тоа е како ти ќе пливаш во таквите денови, какви навики ќе стекнеш,дисциплини и слично. Едно знам, човек со добри човечки манири секогаш ќе просперира,чист му е образот и луѓето секогаш ќе го почитуваат...Тоа е тоа што сите ние треба да се стремиме ако сакаме и понатаму да напредуваме во животот.. За животот никој не кажа дека ќе биде лесен,но полесно се поминува низ него ако ги почитуваш овие нешта...
*Ќе снимаш ли авторски песни почесто, кога ќе ја слушнеме следната?
-Одамна ги засукав ракавите,и веќе напоредно работам на неколку песни истовремено,неколку дуети со доста наши млади и надежни имиња на нашата сцена,полека но сигурно го спремам мојот трет албум,мојот другар и веќе долгогодишен соработник Робин Зимбаков одамна работи на стиховите за истите...Едвај чекам да ги слушнете,деновиве веќе се договара и снимање на нов видео запис... Бидете во тек,направете Subscribe на мојот YouTube канал и бидете меѓу првите што ќе ги слушнат новите песни на кои работам во последно време...Ви благодарам...
*Со Дарко Димитров, Тамара сте блиски пријатели, имаш ли контакт со Врчак, каде е и што прави сега?
-Со Дарко сме буквално скоро секој ден на линија,или возиме точаци заедно,или работиме музика... Нашата дружба не се промени од првиот ден кога се запознавме,имав 15 години кога прв пат отидов кај него во студио,уште тогаш ме прими како свое дете кој е рамен на него,и ми ги отвори патиштата кон музиката и воопшто продуцирањето...Бескрајно сум му благодарен за тоа...Тамара исто така,ние сме една душа во две различни тела,можеби денес поради секојдневните обврски не успеваме да се гледаме секој ден,но и кога нема да се слушнеме извесен период ние знаеме доста еден за друг. Пријателството е како ѕвездите, и кога не ги гледаш едноставно знаеш дека се таму...Врчак едноставно се повлече и од мене и од доста другари,пробувам да го исконтактирам но тешко иде конекцијата со него... Мислам дека јас бев неуморливиот да го врати,но тоа е негов избор, јас искрено верувам веќе повеќе од една деценија дека ќе ни се врати со песни на кои ќе уживаме во неговите текстови,и ќе ни врати едно убаво чувство на сите нас. Луѓето го сакаат и секојдневно се молат за неговата музика,Раде брате врати се...Ниедна песна нема да биде доволна добра или совршена,сепак убавината е во несовршеноста...
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива