На конкурсот на Движењето за поддршка на креативност „Иво Лауренчиќ„ и „Арс Ламина “ се пријавија 316 автори со 442 современи бајки од Македонија

Добивај вести на Viber

Најмладите и љубителите на бајки имаат причина за радост. На конкурсот за „Современи бајки од Македонија“, кој започна на први јули и траеше до 17 август 2020 година, пријавени се 442 бајки од 316 автори од земјава. Новиот конкурс е дел од проектот „Современи бајки од Македонија“, а го реализираат Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Пристигнатите авторски творби во следниот период ќе бидат селектирани, а ќе ги оценува стручно жиро, кое ќе избере четири бајки што ќе бидат илустрирани и издадени како посебни сликовници.. Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари. Се очекува избраните бајки да бидат објавени до крајот на годината.

‒ Големиот број пристигнати бајки е исклучително охрабрувачки за нас, бидејќи тоа е јасна потврда за огромниот креативен потенцијал и потребата од создавање на можности тој да добие форма. Токму тоа е и нашата цел, да создадеме простор за креативните автори во земјава кои создаваат трајни вредности. Нашата основна идеја беше, традиционалното творештво да го доближиме до младите генерации, на нов и модерен начин. Со голема посветеност и ентузијазам работевме на модернизирање и илустрација на бајки од македонското народно творештво. Во рамките на овој проект трајните вредности ги „оживеавме“ за модерните генерации и издадовме 54 бајки од Македонија, а големиот интерес за нив нѐ инспирираше да создадеме можност за нови современи бајки, кои во иднина ќе станат дел од македонската литературна историја. Цврсто веруваме дека секој од нас може да придонесе за унапредување на општеството, а како и досега, ќе продолжиме да работиме во таа насока ‒ истакна Ангелка Пеева-Лауренчиќ член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

„Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“.

‒ Успехот на претходните проекти од нашата заедничка соработка беше мотив да продолжиме со нова иницијатива како што е проектот „Современи бајки од Македонија“. Преку нашите заеднички проекти даваме простор на нови и млади автори да го покажат својот креативен потенцијал во делот на создавање на литературни дела, но и во сегментот на илустрација со што придонесуваме за развој на автентична илустрација и со интересни содржини ги поттикнуваме читачките навики кај најмладите ‒ истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Покрај осум сликовници (4 бајки и 4 басни) и две луксузни збирки бајки, и тоа на повеќе јазици (македонски, англиски, албански, француски и германски јазик, како и на Браево писмо), во рамките на оваа соработка е издадена и бајката за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски. Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.