На пенали (напенали)

Добивај вести на Viber

Татко ми никогаш не бил фанатик по спорт. Еднаш ме има однесено на натпревар, бев многу мала и згрозена од тоа дека на толку многу луѓе што сакаат да си играат со топката им беше доделена само една! Со тоа, мислам дека за век и веков татко ми се помири дека од ќерка-син не бидува (иако никогаш не се пожалил). На училиште сакав кошарка, а и заради висината ми беше соодветна. Да се разбереме, во мое време висина над 170 см за женско не беше за потценување, иако денес децата ги поместија тие граници. Одбојка не сакав, ме болеа рацете, а и бев прилично слабичка...народна не играв, оти ми беше жал да ги удирам противниците со топката (дека страшно ќе ги повредев со сета сила што моите едвај 50-тина килограми ќе ја произведеа).

Се’ на се’, сакам да кажам дека не сум спортски тип. Мрза за качување на Водно, теретани гледам само на поминување покрај нив, едно време имав статичен велосипед кој служеше како помошна закачалка (и убедена сум дека барем 50% од оние кои го имаат истиот, го користат за таа намена). И после целулит...епа целулит! Е сега, рака на срце, имам среќа со гените па некако компензирам со невежбањето. И еве, ако пешачењето се смета за спорт, тогаш спортувам...иако не редовно.

И покрај моето отсуство на спортски дух и секаков интерес за спорт, освен да гледам NBA кога на времето ги обожував Chicago Bulls, со онаа постава во која играше мојата симпатија Денис Родман (ви се молам, за вкусови да не дискутираме, а од тогаш се поминати и добри 20 и нешто години, иако мајка ми 3 дена не спиеше кога и’ кажав дека ми се допаѓа), се омажив за човек кој имаше неверојатна љубов кон фудбалот. Па тоа сателитски, па тоа 2 или 3 телевизори, па симултано гледање...и не, не се разделивме заради тоа (ова ни е интерна шега). Дури и името на ќерката го одбра тој, односно имаше желба да се вика Аргентина, по државата од која потекнува Марадона! На прашањето како ќе се викаше детето да беше син, секогаш сериозно одговарав “па се разбира, Бразил”. Мене не ми пречеше името, но сакав Аргентина да има 2 презимиња...и моето и на татко и’ (секоја сличност со актуелните настани во државава е случајна, иако по сите параметри сум комуњарка).

Годиниве наназад не само што не гледам спорт, туку воопшто не гледам ниту телевизија. Немам време, немам желба, а и со нервите малку кубурам. Знам чат-пат со татко ми или со блиски луѓе, од ќеф да пополнам ливче (кое редовно НЕ носи добивка), ама тоа е само за забава. И тогаш кога тикетот останува кај мене, ми текнува на него денови отпосле, а во последно време татко ми веќе не ме игра.

И еве полека доаѓаме до она што ми беше и тема на муабетот. Светско првенство во фудбал 2018 година. Искрена да бидам, го паметам она во 2002, бидејќи на колегите им ги собрав парите на неколку интерни опклади (па после ми беше мака, па со тие пари купив доручек за сите). Останатите ми се како низ магла. Не паметам кој победувал, ниту кој направил некаков спектакуларен потег кој се памти и се спомнува го години. Памтам само дека ми се има случено (ничим изазвана) да бидам на сред чекор извадена од кондури од шок на некое громогласно “ГООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООЛ”...памтам дека обично кафулињата се тогаш поделени на машки и женски, иако колку што сега можам да забележам има насекаде поставено телевизори (немам инфо само за во јавните тоалети).

Имам една пријателка која вели “од спорт се разбирам само толку за да кажам која боја на дрес ми се допаѓа”. Интересно, но ме фасцинира таа сплотеност при гледањето натпревари. Заедничкото навивање, искрената радост, тагата кога се губи, па дури и солзи! Имав можност пред повеќе од 10 години да присуствувам на фудбалски натпревар во Рим, каде што буквално ме здроби еуфоријата која владееше...моментите на бодрење на играчите, пеење...тоа беше таква сила на емоции, која мислам дека е еднаква на онаа што ја имаат обожувачите на концерти и претстави.

И така, седам сосем индиферентна на огромниот стадион, кога наеднаш во гради ме погодува една масовна љубов која, еве признавам, тогаш ме расплака. Не очекував дека може толку да изреагирам на она што се случуваше околу мене. Не на теренот, оти и ден денес ми е останат истиот став кој ми беше зацементиран од мала во однос на бројноста на играчите и само една топка, туку од публиката, која во тој миг беше едно тело, едно срце и еден глас.

И уште еден феномен, а тоа е женското мрчење. Драги дами, ако не сакате спорт и не гледате фудбал деновиве со вашите сакани, издржете уште 20-тина дена. За тоа време, одете во шопинг, впрочем стално можете да се извадите на тоа дека чантата од 100 евра што сте ја купиле била одобрена како износ од сопругот, кој гарант не се сеќава дека гледал фудбал (се шегувам...или не!). Посветете си време, на себе и на она што ве интересира. Пуштете ги на раат да навиваат, да се собираат по кафеани или да викаат друштво дома без да правите намќор-фаца за нередот кој знаете дека ќе следи. Па мајку му, еднаш во 4 години се случува ваков спектакл.

И обидете се да не шпартате пред телевизорот кога се игра на пенали, за да не се напеналите за некоја расправија, а не дај боже да ви притекне да си играте со нервите на партнерот и да му го сокриете далечинскиот управувач.

А вие, обожувачи и љубители на најважната споредна работа на светот, сепак со едното уво бидете на штрек кога ви зборува поубавата половина, за еден ден да не си дојдете дома начекувакќи нови теписи, завеси, потполно опремена есенска гардероба од некое звучно име. Не за друго, туку за да не ви отиде во ветар евентуалната заработувачка од кладбите.

Годинава, решив да го гледам финалето. Онака, ете за ќеф. Не типувам за никој, бидејќи и не знам кој со кого има играно досега и немам ниту претстава кој би можел да заврши во финале. Ама ќе го изгледам, онака машки, во кафеана...без пиво и кикирики. Ќе си го брукам друштвото со сок и ќе прашувам цело време кои беа нашите.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска