На петтиот конкурс за наградата „Пегаз“ пристигнаа 36 ракописи

Добивај вести на Viber

На петтиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, што го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 36 ракописи. Конкурсот беше отворен во мај и траеше до 30 септември 2023 година.

Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, сочинета од двајца еминентни претставници од културната сфера и претставник од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 декември 2023 година.

На минатогодишното издание на „Пегаз“ пристигнаа 38 ракописи, а за победнички беше избран романот „Зелениот дворец“ од писателот Сибо, кому му беше врачена наградата на посебна промотивна свеченост.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата е востановена и се доделува од 2019 година.


*пр-објава