На светот му се заканува глад: Кризата за снабдевање со храна погоди 155 милиони луѓе

Добивај вести на Viber

Скоро уште 20 милиони луѓе се соочија со криза со храна минатата година, според последниот извештај на Глобалната мрежа против кризата со храна.

Вооружените конфликти и економските шокови - вклучително и пандемијата Ковид-19 и екстремните временски услови - однесоа најмалку 155 милиони луѓе во акутна несигурност во храна во 2020 година, што е рекорд за пет години, се вели во извештајот, пишува Ројтерес.

Хуманитарната агенција, основана од Европската унија и Обединетите нации во 2016 година, предупредува дека акутниот глад продолжил да се влошува од 2017 година, кога во својот годишен извештај за првпат укажаа на криза со храна.

- Мораме да сториме сè за да го запреме овој маѓепсан круг. Во 21 век нема место за глад и гладување, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Во последниот извештај се предупредува и дека оваа година не се очекува подобрување на состојбата, пред се поради конфликтот, но и пандемијата „ковид-19“.

Две од трите лица погодени од кризата со снабдување со храна во 2020 година живееја во Африка, иако не беа поштедени ниту другите делови на светот, како што се Јемен, Авганистан, Сирија и Хаити, кои се меѓу 10-те најтешко погодени земји.

- Пандемијата на „ковид-19“ ја откри кревкоста на глобалниот систем на храна и потребата за поправедни, поодржливи и еластични системи, се вели во заедничката изјава на ЕУ, Организацијата за храна на Обединетите нации, Светската програма за храна на Обединетите нации и УСАИД .

Во соопштението се додава дека кризата со храна ќе се влоши доколку нема радикална трансформација на нашите земјоделско-прехранбени системи.


Извор: агенции