Најлош е периодот кога чекаш да ти е нешто: Јелена Спенџарска од самоизолација за Женски Магазин

Добивај вести на Viber

Водителката Јелена Спенџарска пред 9 дена се врати од патување во Франција. Таа беше во Париз, а по враќањето е во домашна самоизолација, за да се заштити себеси, но и сите околу неа, по препораките за заштита од коронавирус во земјава и светов.

- Кога бевме во Париз, не беше толку голема паника во Франција. Уште пред да одиме од агенција дадоа зелено светло дека може да се патува, бидејќи тогаш само во Италија беше тешка ситуацијата. Во Франција се функционираше нормално, освен што секаде имаше средства за дезинфекција- раскажува Јелена за Женски Магазин.

Таа вели дека паниката настанала последниот ден, пред полетувањето за Скопје. Тогаш по социјалните мрежи почнале вестите за заразената директорка на клиниката за кожни болести и сите биле исплашени.

- Сите бевме во шок, сите бевме затекнати таму, бевме цел авион, на никој не му беше сеедно. Ни преседна и одмор и викенд, и Париз и се, тоа веќе ништо не беше важно. Едноставно сите кога слетавме бевме неми. Веднаш отвораш на Интернет, читаш што се случува, што е ново - вели Јелена.

По слетувањето на Скопскиот аеродром, се почитувале мерките на Владата, им била измерена температура, прашано дали имаат некакви симптоми, а им биле дадени и флаери за ако почувствуваат некаков симптом во наредните пет дена, веднаш да се јават на броевите на центрите за јавно здравје.

- Бевме затекнати од ситауцијата и веднаш прашавме дали може да се провериме дали сме позитивни на коронавирус, меѓутоа ни кажаа дека треба да бидеме во самоизолација и само да ги почитуваме мерките- додава Спенџарска.

Така по пристигнувањето во Скопје, Јелена е веќе деветти ден во самоизолација и ги почитува мерките, додека вели дека има луѓе кои биле во авионот со неа, а според она што го гледа на социјалните мрежи тоа не го прават.

- Најлош е периодот кога чекаш да ти е нешто. Франција ја ставија во ризичните земји и нормално дека бев во паника, читаш на Интернет и полудуваш. Едноставно чекаш нешто да ти се случи и мислам дека тоа беше најлошиот момент- признава Спенџарска.

Од телевизијата „Канал 5“ уште веднаш ја известиле дека не треба да доаѓа наредните 14 дена, а за тоа била и самата свесна, по фактот што работи со минимум 100 луѓе.

Периодот на чекање сега и изгледа смешен, но во првите моменти трагичен- чекање, миење раце, правење генералки по дома, постојано перење- се само дел од активностите што ги повторувала. Додека е дома, излегува само на тераса на сонце, додека што ѝ треба за јадење ѝ носат до врата од соседниот маркет.

- Веќе 9-ти ден не ми е ништо, фала му на Господ. Се распрашував по луѓето што бевме во нашиот авион, ни кај нив нема никакви проблеми- додава Јелена.

Меѓутоа таа е изреволтирана бидејќи по порталите се појавија информации дека те се уште во Париз, и вели дека не смее во вакво тешко време да се шири паника и дезинформации.

- Не мора да значи дека ќе фатиш коронавирус, но ова е тешко време, посебно за мене, јас сум била во земја со висок ризик. Не ти е сеедно, имаш чувства, човек си- вели таа.

На прашањето како го поминува слободното време дома и со што ја убива досадата, Јелена вели дека многу чита книги, гледа серии, конечно си ги средила шминките, многу готви, додека пак не гледа телевизија и не чита на Интернет скоро ништо.

-  Се забавувам по дома и не ми е досадно. Јас по принцип многу шетам, па ова ми беше потребно за конечно да се одморам. Психички многу добро ми дојде ваков одмор и не сакам да заврши- додава таа.

Спенџарска пости пред Велигден и вели дека ќе почитува се што ќе наложат од превентивните мерки, и дека ако треба нема да оди на причесна, но дека си пости за здравје.

- Јас сум вегитеријанец, лесно ми е, постот ми е уживање со години, со љубов постам. И мислата ми е чиста. Лани се причеснив за првпат и оваа година ми беше прекрасна, па сфатив дека е голема работа да се причеснеш. Но мислам дека сме многу злобен народ јас како многу чувствителна, првенствено и поради професијатаа, некако чувствувам лоши енергии, буквално генерално како народ нема да не биде вака, ментално сме гладни.. чест на исклучоци- вели Јелена.

За крај, Јелена вели дека ѝ е страв што ќе биде кога ќе ѝ заврши карантинот, па ќе треба да се движи надвор, бидејќи целата ситуација ѝ изгледа страшно.


Д. Караташова