Најлошо искуство на булинг доживеав од друга жена: Искрено со писателката Ксенија Николова

Добивај вести на Viber

Писателката Ксенија Николова за себеси вели дека е среќна и емотивно исполнета жена. Сепак, таа отворено на својот Фејсбук профил прозборе за лошото искуство со криминалец кој влегол во нејзиниот приватен меил и до факултетот на којшто требала да го продолжи студирањето, испратил лажна порака дека таа нуди сексуални услуги. Ксенија искрено зборува и за тоа како се изборила со депресијата, но и за булингот за кој вели дека сè уште трае.

Како автор на шест книги, жените се пронаоѓаат во нејзините зборови, се идентификуваат со нив и ги споделуваат. Ксенија е инспиративен соговорник и секој нејзин збор вреди да се прочита.

* Во твојата неодамнешна објава на Фејсбук, поврзана со кривичното дело „Јавна соба“, велиш дека на некој начин, во одреден момент, сите сме биле Ана. Во кој момент ти се почувствува како девојката која гласно проговори за злоупотребата на нејзината фотографија и податоци?

- Мојата објава пред се’ беше напишана, со цел истакнување дека ваквите недолични однесувања навистина траат предолго и токму поради тоа сметам дека е време да се стави крај на сето тоа. Јас никогаш не сум можела и нема да можам да ги разберам луѓето коишто наоѓаат среќа во исмејување на другите луѓе, во понижување на другите луѓе и во јавно коментирање на нечии лични фотографии, постапки или живот воопшто. За мене тоа секогаш е направено од страна на луѓе коишто имаат сериозен проблем со сопствената личност, луѓе коишто немаат сопствените достигнувања и обврски, па наоѓаат спокој во анализирање туѓи животи. Но, исто така, факт е дека многу работи се дозволени во оваа наша земја, што дополнително ги потикнува овие луѓе да се осмелат да направат било што. Не може во ова време на дигитализација, да нема Закон кој ќе ги гони дигиталните криминалци. Да, тие се буквално тоа, дигитални криминалци. Не може да живееме до бескрај во сивата зона. Мора да постои Закон, заштита и кодекс на однесување. Мора да се влее страв кај оние луѓе коишто мислат дека секогаш сите постапки на крајот остануваат заташкани. Таму е најголемиот проблем.

Мојот случај пред многу години беше различен, но истовремено и сличен. Некој дигитален кримналец се осмели да влезе во мојот приватен мејл и да комуницира со факултетот на којшто требаше да го продолжам моето студирање. За сосем малку, мојата академска кариера ќе беше попречена. Адресата од каде што тоа се направило беше во Скопје. Ни јас тогаш немав каде да се обратам, и затоа до ден денес не дознав кој ми го направил тоа. И не сум единствена.

* Отворено и искрено им се обраќаш на оние кои те следат на социјалните мрежи и ги поттикнуваш да споделуваат свои искуства. Во една објава, велиш гласно да се зборува за булингот. Дали си имала лично искуство со булингот, или твоја блиска личност можеби?

- Да, за жал имам лично искуство кое се’ уште трае. Но, проговорив, и тоа е чекор напред. Не молчам повеќе, не се кријам позади сопствените солзи и не се срамам да кажам дека нешто ми пречи. Булингот е присутен насекаде, на училиште, на работа, во секојдневнието. На своја кожа почувствував дека и тоа е една сива зона, во којашто најчесто ќе ти биде кажано да не им обрнуваш внимание. Но, психата носи последици, траумите се засекогаш, и нечиј живот е во прашање. Затоа, проговорив јавно. И ќе продолжам тоа да го правам, се’ додека нешто не се промени. За иронијата да биде поголема, јас како жена, своето најлошо исксутво на булинг го доживеав токму од друга жена. Трагично, зар не?

* Што мислиш, зошто луѓето особено жените и девојките кои се изложени на малтретирање, булинг или силување како во случајот на српската актерка Милена Радуловиќ подоцна го креваат гласот, подоцна зборуваат за лошите нешта кои им се случиле?

- Секој има право да проговори за тоа што му се случило тогаш кога ќе биде подготвен. Тука нема дискусија. Многу е лесно отстрана да диксутираме, многу е лесно да судиме. Сум рекла и повторно ќе речам, луѓето ги разбираат овие работи само кога ќе им се случат ним. Повторно, уште еден трагичен момент со отсуство на емпатија, основно човечко чувство.

* Уште една твоја објава која ќе ја цитирам: „Не смееме да дозволиме да стане нормално луѓето меѓу себе но да се малтретираат и да се навикнуваме дека само така се преживува.“. Постои ли лична приказна и на оваа тема и кој е епилогот?

- Постои, и повторно е поврзана со темата булинг. Многу работи ми се случуваат токму во овој период и некако почнувам да воочувам во какво чудно и прикриено општество живееме. Почнувам да гледам колку луѓе трпат одредени работи коишто им оставаат трајни последници, само поради тоа што нема систем кој ќе ги заштити. Не сум феминист, зборувам општо. Јас сум жена, но во жените сум најмногу разочарана кога станува збор за колегијалноста и за соработката. Ретко која жена сака друга успешна жена во својата околина. Ете, повторно уште еден трагичен момент во ова интервју. Но, јас ќе го искористам мојот глас за потенцијална промена. Да, не смееме да дозволиме психичкото насилство да биде толерирано. И точка.

* Во едно неодамнешно интервју зборуваш дека во твојата 25 година си се борела со депресија. Можеш ли од оваа дистанца да ја објасниш причината, и како успеа да се избориш и да застанеш на нозе?

- Ова не е дистанца, депресијата секогаш ќе биде дел од мене. Засекогаш, и јас тоа го прифаќам. Она што е важно е што јас ја надминав, бидејќи работев на себе и успеав да ја сфатам нејзината сериозност. Побарав помош, признав дека ми е потребна помош и не се срамев од тоа. Така, животот ми се измени. Искрено, тоа го посакувам секому. Нема игра со психата, нема игра со депресијата.

* Автор си на шест книги од кои најновата е „Незадоволна“. Која е сржта на оваа приказна?

- Да, позади себе имам шест книги и тие се мојата огромна љубов, како што е впрочем и пишувањето. Мојот последен роман „Незадоволна“, раскажува за потрагата по среќата и што всушност значи да се биде среќен човек. Романот им се допаѓа на читателите, а тоа за мене е најголемата радост.

* Како гледаш на интровертните луѓе кои тешко ги искажуваат емоциите, се согласуваш ли со мислењата на стручњаците дека таквите личности ќе имаат последици од нивната затвореност?

- Апсолутно не. Искажувањето на емоции може да биде и пред самиот себеси и тоа да биде доволно. Не мислам дека треба да се прави пародија од тоа за да биде вистинско. Најважно е човекот да умее да се соочи со себеси и да биде свесен за она коешто го чувствува. Со други зборови, себеси не смееме да се лажеме, а на другиот не мора ама баш ништо да им кажеме. Тоа нема никаква врска со личен прогрес, напротив, убаво е да се задржуваат некои моменти за себе.

* Која ти е главната инспирација кога пишуваш?

- Животот, луѓето, среќата, болката и сето она коешто секојдневно сум благословена да го почувствувам.

* Авторка си на текстот на хитот на Тамара „Брод што тоне“, и на уште неколку песни за македонски пејачи. Како настанаа стиховите за „Брод што тоне“?

- Да, пишувањето текстови за музика е исто така моја огромна љубов. Секој текст се случува спонтано, она што е најважно е да има тим и добра соработка. За среќа, мене животот ми овозможил многу интересни соработки, каква што е впрочем и соработката со Тамара и Роберт Билбилов. Се надевам дека ќе создадеме и нови приказни.

* Каква си кога си лута и тажна, а што те прави најсреќна, во кои женски ритуали најмногу уживаш?

- Кога сум лута и тажна, ме лечи спортот и сонот. Уживам во сопствената тишина и нега за себе. Сакам денови во кои сум сама, не правам ништо, туку само гледам некој филм и уживам во секоја секунда. Мојот мир ми е многу важен и не правам компромис за тоа.

* Дали си емотивно исполнета, имаш ли партнер со кој ги споделуваш предизвиците?

- Пред се’, јас сум емотивно исполнета индивидуа. Јас сум среќна жена, којашто работи, создава, знае што сака и што не сака, греши, се менува и расте секој ден. Понатаму, доаѓа партнерот, којшто не ме надополнува, ниту јас него, бидејќи ние сме си самите по себеси доволни. Ние едноставно одбравме заедно да патуваме на ова патување наречено живот, секој се’ уште си има и свој индивидуален пат, но она што е важно е што чекориме во иста насока. Јас имам свои лични предизвици, тој има свои, и конечно имаме и заеднички. Разговараме за се’, тој низ годините стана и мој најдобар пријател. Но, во ниеден момент не сум збунета за да мислам дека е негова задача да ме направи подобар човек.

Милица Џаровска

Фото: Ерина Богоева